122/1993-0-0

122/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 23 февруари 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Одлуката за измена и дополнување на Деталниот урбанистички план на Градот Гевгелија – јужен дел, донесена од Собранието на Општина Гевгелија на 20 мај 1993 година (“Службен гласник на Општина Гевгелија” бр.4/93).

2. На Уставниот суд на Република Македонија Бранко и Крсто Ристови од Гевгелија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение, затоа што за одржувањето на јавната расправа граѓаните од месната заедница за предложениот урбанистички концепт и што била легализирана дивоизградената гаража, што не било во согласност со закон.

3. На седницата Судот утврди дека нацрт-планот бил изложен во стоковната куќа во градот од 1 до 15 септември 1992 година. Исто така, Судот утврди дека била одржана и јавна расправа на 1 октомври 1992 година на која на граѓаните им било укажано своите мислења, забелешки и сугестии да ги достават во рок од 15 дена до Институтот за проектирање и урбанистичко планирање во Гевгелија. За одржување на јавната расправа граѓаните биле исвестени преку локалната телевизиска станица. Пред донесувањето на планот била дадена согланост од страна на Министерството за урбанизам, градежништво, сообраќај и екологија.

4. Според член 31 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на СРМ” бр.38/85, 18/89 и 38/90), нацртот на урбанистичкиот план, задолжително се става на јавна расправа, која се организира од органот на управата надлежен за работите на урбанизмот, така што планот се изложува во месната заедница најмалку 15 дена, а потоа во понатамошниот рок од 15 дена се примаат забелешките на граѓаните и другите заинтерсирани субјекти изразени во писмена форма. Во член 32 од Законот е определено дека урбанистичкиот план, пред донесувањето, задолжително се доставува на согласност до републичкиот орган на управата надлежен за работите на урбанизмот.

Во член 34 став 2 од истиот закон е пропишано дека собранието на општината ги донесува урбанистичките планови за подрачјето на општината, а во член 37 став 2 од Законот е определено дека измените и дополнувањата на урбанистичките планови се вршат на ист начин и постапка како и при донесувањето на тие планови.

Со оглед на тоа што нацртот на урбанистичкиот план бил изложен на јавна расправа и што пред неговото донесување била дадена согласност од надлежното министерство, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за неговата согласност со означените законски одредби.

Што се однесува до наводите во иницијативата дека не била обезбедена соработка со граѓаните од месната заедница и дека граѓаните не биле известени на соодветен начин за одржувањето на јавната расправа, Судот оцени дека во законот не постои обврска граѓаните од месната заедница поединечно да бидат консултирани за измените на планот, туку нивното учество е обезбедено преку излегањето на плановите на јавна расправа и дека времето на известување на граѓаните и бројот на нивното присуство не се од значење за оценување законитоста на постапката за донесување на планот, поради што Судот оцени дека и од овие аспекти не може да се постави прашањето за согласноста на одлуката со законот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ и д-р Фиданчо Стоев.

Leave a Reply