258/1993-0-0

258/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 23 февруари 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за формирање на Фонд за финансирање на работите од областа на урбанизмот, градежништвото, сообраќајот, екологијата и комуналните дејности, донесена од Собранието на Општина Тетово на 28 декември 1993 година.

2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива од Јавното претпријатие “Геоинжинеринг” од Тетово за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со основањето на фондот за финансирање на работите од областа на урбанизмот, градежништвото, сообраќајот, екологијата и комуналните дејности поголем дел од дејностите што ги вршело јавното претпријатие “Геоинженеринг” му биле одземени и ставени во надлежност на Фондот. Понатаму, оспорената одлука не била во согласност со Уставот и закон, затоа што собранието не можело да формира фондови какок правни лица со своја жиро-сметка, затоа што во надлежност на фондот биле ставени работи што му припаѓале на орган на управа и затоа што ја оневозможувала реализацијата на Програмата за уредување на градежното земјиште на Општина Тетово за 1993/95 година.

3. На седницата Судот утврди дека со оспорената одлука е основан Општински фонд за финансирање на работите од областа на урбанизмот, градежништвото, сообраќајот, екологијата и комуналните дејности, како правно лице со своја жиро-сметка. Според одлуката Општинскиот фонд ги врши следните работи: ги собира средствата по сите извори од областа на урбанизмот, градежништвото, сообраќајот, екологијата и комуналните дејности и од тие средства го финансира изготвувањето на нацрти и предлог-програми за уредување градежно неизградено земјиште, нацрт на предлог-актите за надоместок за уредување и употреба на градежно неизградено земјиште, изготвување на елаборати за развој на населбите и населените места, реконструкција, одржување и користење на локалната патна мрежа, улици, мостови и други јавни објекти од значење за општината и развојот на дејностите од непосреден интерес за граѓаните, елаборати за уредување на односите во превозот на патници во градски и приградски сообраќај, уредување и одржување на уличната сообраќајна сигнализација, уредување и одржување на јавниот простор за паркирање. Понатаму, според оспорената одлука општинскиот фонд е надлежен да ги прибира средствата од надоместокот за уредување на градежно земјиште, да изготвува елаборати и да покренува иницијативи за расчистување на имотно-правните односи за уредување на градежното земјиште, да изготвува елаборати за подготвување на градежно неизградено земјиште, да изготвува елаборати за подготвување на градежно земјиште за изградба, отстранување на постојни објекти, како и да овластува стручни лица и организации за надзор при изградба на комуналните објекти и инсталации, да изготвува предлог за граници на градежни реони на градот и населените места и да прибавува согласност од соодветни републички органи. Фондот предлага и мерки за заштита на човековата околина и еколошката средина и предлага програми за поставување на времени објекти.

4. Според член 115 од Уставот на Република Македонија, во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, а особено во областите на урбанизмот, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, предучилишното воспитание, основното образование, основната здравствена заштита и во други области утврдени со закон.

Општината е самостојна во вршењето на надлежностите утврдени со Уставот и со закон, а надзорот над законитоста на нејзината работа го врши Републиката.

Според член 3 од Законот за градежното земјиште (“Службен весник на СРМ” бр.10/79 и 21/91), собранието на општината ги уредува работите кои се однесуваат на уредувањето и употребата на градежното земјиште, а според член 27 од Законот, општината го определува начинот на организирањето и вршењето на работите на уредување и употреба на градежното земјиште (јавно претпријатие или орган). Оваа одредба од Законот не е дерогирана со членот 5 став 2 од Законот за стопанисување со станбениот и деловниот простор на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.2/94), според кој јавното претпријатие за стопанисување со станбениот и деловниот простор на Република Македонија, покрај другите работи, го уредува градежното земјиште доверено од единиците на локалната самоуправа.

Од изнесените законски одредби произлегува дека општината е овластена да го определи начинот на организирањето и вршењето на работите на уредување и употреба на градежното земјиште, а во тие рамки да може да формира и свој орган што ќе ги врши работите на уредувањето и употребата на градежното земјиште, како што е во конкретниов случај.

Што се однесува до наводите во иницијативата дека оспорената одлука не е во согласност со Одлуката на Извршниот одбор на Општината Тетово, Судот оцени дека, согласно член 110 од Уставот, Судот не е надлежен да одлучува.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ и д-р Фиданчо Стоев.

Leave a Reply