32/1993-0-0

32/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 9 февруари 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ УКИНУВААТ член 2 став 2, член 10, член 11 став 1 точки 3, 5 и 6, член 15 став 1 точки 1, 3 и 5 и член 18 од Законот за пренамена на заедничките простории во станови (“Службен весник на СРМ” бр.6/90), во деловите што се однесуваат на ограничувањето на правото на сопственост на становите во станбените згради.

2. Оваа Одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијативите на д-р Јован Јуруковски и Илија Богоевски од Скопје, со Решение У.бр.32/93 од 1 април 1993 година, поведе постапка за оценување уставноста на законските одредби означени во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нивната согласност со член 30 став 3 од Уставот на Република Македонија.

4. На седницата Судот утврди дека со Законот се уредуваат условите, начинот и постапката за пренамена на заедничките простории во станбените згради во општествена сопственост во станови.

Судот, исто така, утврди дека, иако членот 1 од Законот се однесува на пренамената на заедничките простории во станбените згради во општествена сопственост, тој всушност ги опфаќа и станбените згради во мешовита сопственост, односно станбените згради во кои постои право на сопственост на станови. Така, според членот 2 став 2 од Законот под пренамена на заедничките простории во стан се смета и пренамената на заедничките простории во станбените згради во општествена сопственост заедно со просториите кои припаѓаат на одреден стан, односно со просториите на кои постои право на сопственост. Понатаму, согласно членот 10 од Законот, со пропис на собранието на општината се утврдува приоритет на општествените правни лица и на граѓаните кои имаат станови во зградата во која се врши пренамената. Согласно член 11 од Законот, решение за остварување правото на пренамена на заедничките простории донесува органот на управата надлежен за имотно-правни работи, кое, покрај другото, содржи и пренесување на правото на користење на заедничките простории на носителите на правото на користење, односно на носителите на правото на сопственост, обврска на носителите на станарско право и правото на сопственост на станбената зграда да му овозможат на инвеститорот пристап до заедничките простории и уредите во зградата и обврските на инвеститорот во однос на носителите на правото на користење, носителите на станарско право и носителите на правото на сопственост.

Според член 15 на Законот, инвеститорот е должен на носителот на правото на располагање и на носителот на правото на сопственост за одземеното право на користење на заедничките делови од зградата да му исплати надометок, потоа на носителот на станарско право, односно на носителот на правото на сопственост да му обезбеди соодветен стан, ако со пренамената трајно му се влошуваат условите за живеење во постојниот стан, како и во случај на неопходна потреба од привремено иселување од станот да им обезбеди користење на друг соодветен стан. Согласно член 16 од Законот, во постапката за утврдување на надоместокот се применуваат одредбите од Законот за експропријација. Најпосле, во членот 18 од Законот е пропишано заедничките простории за кои не постојат технички услови за претворање во посебни станбени единици мо`ат да се присоединат кон соседните станови во зградата под условите за пренамена на заедничките простории, а за правото на присоединување одлучува органот на управата врз основа на барање од инвеститорот.

5. Согласно член 8 од Уставот на Република Македонија, една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија е правната заштита на сопственоста. Со член 30 став 2 од Уставот се гарантира правото на сопственост. Ставот 3 на овој член предвидува дека никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон. Согласно став 4 на член 30 од Уставот, во случај на експропријација на сопственоста, или во случај на ограничување на сопственоста се гарантира праведен надоместок кој не може да биде понизок од пазарната вредност.

Со оглед на тоа што со означените законски одредби се дава овластување на органот на управата да го одзема од сопствениците правото на користење на заедничките простории, а во определени случаи и на станот на кој постои право на сопственост, Судот оцени дека со тоа се врши ограничување, односно одземање на сосопственоста и на правата што произлегуваат од неа, што, според означената уставна одредба, може да се врши само кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Според мислењето на Судот, општиот интерес за пренамена на заедничките простории во станови, што како основ за ограничување на правото на сопственост беше предвиден во член 100 од претходниот Устав и утврден во член 4 од Законот, не може да се смета дека го изразува јавниот интерес во смисла на членот 30 став 3 од Уставот, па според тоа не може да претставува основа за натамошно ограничување на правото на сопственост гарантирано со член 30 од Уставот, Ова, затоа што општиот интерес беше утврден со уставен систем во кој доминантно место имаше општествената сопственост и во кој општините и Републиката ги утрдуваа основите на станбената политика, го насочуваа развојот на станбеното стопанство и создаваа услови за рационална станбена изградба.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец. (У.бр.32/93)

Leave a Reply