269/1993-0-0

269/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 12 јануари 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 2 од Законот за пријавување на живеалиштето и престојувалиштето на граѓаните (“Службен весник на Република Македонија” бр.36/92).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Ѓуран Дема од Гостивар му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на законската одредба означена во точката 1 од ова решение, затоа што со неа се ограничувало правото на граѓанинот слободно да се движи на територијата на Републиката и слободно да го избере местото на своето живеалиште, што не било во согласност со член 27 став 1 од Уставот.

3. На седницата Судот утврди дека според оспорениот член 2, живеалиште е место во кое граѓанинот се населил со намера во него да живее и во кое има обезбедено стан за живеење. Се смета дека граѓанинот има обезбедно стан за живеење во смисла на Законот, ако тој или член на неговото семејство има вселив стан по основ на сопственост или договор за користење на стан во согласност со Закон. Престојувалиште е местото во кое граѓанинот привремено престојува, надвор од општината во која се наоѓа неговото живеалиште.

4. Според член 27 од Уставот, секој граѓанин на Република Македонија има право слободно да се движи на територијата на Републиката и слободно да го избира местото на своето живеалиште. Секој граѓанин има право да ја напушти територијата на Републиката и да се врати во Републиката. Остварувањето на овие права може да се ограничи со закон, единствено во случаите кога е тоа потребно заради заштита на безбедноста на Републиката, водење на кривична постапка или заштита на здравјето на луѓето.

Од наведената уставна одредба произлегува гаранцијата на слободата на движењето и настанувањето во смисла на слободен избор на местото на живеење на граѓаните. Според мислењето на Судот, содржината на слободата на овој избор се состои во отсуството на било каква принуда во определувањето на местото на живеење на граѓаните, било тие да се принудуваат да го задржат постојното живеалиште, било да се спречуваат во обезбедувањето ново живеалиште.

Поради тоа, Судот смета дека оспорената одредба од Законот значи само потврда и разработка на слободата на изборот на живеалиштето, односно дефинирање на нејзините конкретни елементи, при што не се пречекорени уставните гаранции на оваа слобода.

Врз основа на изенсеното, Судот оцени дека нема основи за поставување на прашањето за уставноста на оспорената одредба и одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.

Leave a Reply