99/1993-0-0

99/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 10 ноември 1993 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување законитоста на Решението за одобрување локација за изградба на погон за производство на керамиди и обработка на дрво бр.08-УП-1-18/4, донесена од Министерството за урбанизам, градежништво, сообраќај и екологија на 12 мај 1992 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија Месната заедница од село Галате во Гостивар, му поднесе иницијатива со барање за поведување постапка за оценување законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение, затоа што за изградба на фабриката не била дадена согласност од Месната заедница, било дозволено нерационално зафаќање од плодно земјиште и не се водело сметка за еколошко загадување на реката Топлишница, што не било во согласност со закон.
3. На седницата Судот утврди дека со оспореното решение се одобрува локација за изградба на погон за производство на бетонски керамиди и обработка на дрво на инвеститорите Ајдини Сулејман и Адини Насуф од село Добри Дол во општина Гостивар.
4. Разгледувајќи ја иницијативата, Судот оцени дека не е надлежен да одлучува по неа, затоа што оспореното решение, како поединечен акт, донесен во управна постапка, нема карактер на пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија. Според означената уставна одредба, Уставниот суд е надлежен да одлучува за уставноста на законите и уставноста и законитоста на прописите и општите акти, како и за одделни слободи и права на човекот и граѓанинот утврдени со Уставот.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.

Leave a Reply