13/1993-0-0

13/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 и 112 став 2 од Уставот на Република Македонија и член 70 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 8 ноември 1993 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ ПОНИШТУВА точка 1 од ЗАКЛУЧОКОТ за неплаќање радиотелевизиска претплата во Општина Битола, донесен од Собранието на Општина Битола на 29 декември 1992 година.
2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија” и во “Службен гласник на Општина Битола”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод поднесена иницијатива од Радиодифузното претпријатие Македонска радио и телевизија, со решение У.бр.13/93 од 19 мај 1993 година поведе постапка за оценување законитоста на актот означен во точка 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за неговата согласност со Законот за радиодифузијата.
4. На седницата Судот утврди дека во оспорената точка 1 од Заклучокот е предвидено граѓаните на Општина Битола од 1 јануари 1993 година да не плаќаат радиотелевизиска претплата, а согласно точка 2 од Заклучокот, Собранието на Општината да покрене иницијатива за оценување уставноста на Законот за радиодифузијата.
5. Согласно член 33 од Уставот на Република Македонија секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирување на јавните расходи на начин утврден со закон. Согласно член 68 став 1 алинеја 3 од Уставот Собранието на Република Македонија ги утврдува јавните давачки. Во член 36 од Законот за радиодифузијата е утврдено дека корисникот на радиодифузен приемник е должен да го пријави набавувањето на секој одделен радиодифузен приемник и да плаќа определен месечен надоместок, а според член 37 од Законот, по исклучок Владата на Република Македонија оценува кој органи и физички лица нема да плаќаат надоместок. Обврската за плаќање на надоместокот според член 39 од Законот започнува од следниот месец по набавувањето на радиодифузниот приемник и трае за сето време до крај на месецот во кој корисникот го одјавува радиодифузниот приемник.
Од изнесеното произлегува дека Собранието на општината нема овластување да го уредува прашањето на надоместокот за користење на радиодифузен приемник, ниту да одлучува за ослободување од плаќање на надоместокот, туку прашањето за тој надоместок како вид јавна давачка се уредува со закон, поради што Судот оцени дека оспорениот заклучок не е во согласност со означените уставни и законски одредби и одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
6. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.

Leave a Reply