167/1993-0-0

167/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 13 октомври 1993 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на Правилникот за работни односи на работниците во Општинскиот суд во Охрид и Правилникот за систематизација на работите и работните задачи на работниците во Охрид, донесени од Претседателот на Судот на 5 февруари 1992 година односно 5 март 1992 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Мирјана Влаоска од Охрид му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на актите означени во точката 1 од ова решение, затоа што не била дадена согласност од Владата на Република Македонија, не биле усогласени односно не биле донесени нови акти во рокот предвиден во член 237 од Законот за органите на управата, не биле предвидени критериумите за утврдување редослед на првенство на кандидатите кои се јавиле на конкурсот, ниту бил предвиден органот кој ќе ја утврдува листата на кандидати што ги исполнуваат условите по конкурсот, што не било во согласност со Уставот и со закон.
Исто така, во иницијативата се бара Судот да донесе решение со кое ќе ги запре од извршување поединечните акти и дејствија што ќе бидат преземени врз основа на оспорените акти.
3. На седницата Судот утврди дека Правилникот за работните односи е донесен од претседателот на Судот на 5 февруари без согласност од Владата на Република Македонија. Во овој акт се уредуваат прашања за засновување на работен однос, распоредување на работниците на определени работни задачи, стручно оспособување, одмори и отсуства, заштита при работа, дисциплинска одговорност, права на работниците во случај на укинување на работното место, волонтерска работа и престанок на работниот однос. Понатаму, Судот утврди дека Правилникот за систематизација е донесен на 5 март 1992 година со согласност од Владата, дадена на 11 мај 1992 година. Со правилникот се утврдува систематизација на работите и работните задачи и посебните услови што треба дда ги исполнува работникот и тоа видот, степенот на стручната подготовка и работното искуство.
4. Согласно член 237 од Законот за органите на управата (“Службен весник на Република Македонија” бр.40/90) општите акти за организација и работа и за систематизација на работите и задачите, како и другите општи акти во органите на управата функционерите кои раководат со органите на управата ќе ги донесат во рок од 3 месеци по донесувањето на прописите и другите општи акти што ќе ги донесе Владата согласно член 236 од овој закон. Според член 229 од Законот, одредбите од овој закон што се однесуваат на правата обврските и одговорностите на работниците во органите на управата и на работните односи на работниците во органите на управата, согласно се применуваат и на судовите.
Според мислењето на Судот, актот кој не е донесен во законски пропишаниот рок односно кој во тој рок не е усогласен со законот не може да се смета за несогласен со законот само поради тој факт. Поради тоа, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените акти со закон од тој аспект.
5. Согласно став 2 на член 109 од Законот за органите на управата, општиот акт за организација на работата на органот на управата и општиот акт за систематизација на работите и работните задачи во тој орган ги донесува функционерот кој раководи со органот на управата, а според став 3, согласност на овој акт дава Владата.
Со оглед на тоа што Правилникот за работни односи не подлежи на согласност на Владата на Република Македонија, а за Правилникот за систематизација е дадена согласност и од Владата, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените правилници со означената законска одредба.
6. Согласно член 32 став 5 од Уставот на Република Македонија остварувањето на правата на вработените се утврдува со закон и со колективен договор. Според член 177 од Законот, на работниците во органите на управата се применуваат општите прописи кои се однесуваат на работниците во претпријатијата и другите правни лица доколку со закон не е предвидено поинаку. Во член 184 од Законот е предвидено дека јавниот конкурс го спроведува конкурсната комисија, која ја образува функционерот кој раководи со органот на управата.
Според член 186 став 1 од Законот, конкурсната комисија е должна да ги разгледа поднесените пријави и да го утврди редоследот на листата на кандидатите според условите што одделни кандидати ги исполнуваат, во рок од 15 дена од денот на заклучување на конкурсот. Според сњтав 1 на член 187 од Законот, функционерот кој раководи со органот на управата врши избор на кандидатите од предложената ранг листа.
Со оглед на тоа што Законот ги уредил начинот и органите за избор на кандидати за засновување работен однос и притоа, не го овластил органот со општ акт да утврдува критериуми за утврдување ред на првенство мегу пријавените кандидати, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот акт за систематизација на работите и работните задачи со означените законски одредби.
7. Во однос на барањето Судот да ги запре од извршување поединечните акти и дејствија што ќе се преземат врз основа на оспорените акти, Судот оцени дека не се исполнети условите од член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за определување на времена мерка.
8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.

Leave a Reply