96/1993-0-0

96/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 13 октомври 1993 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1.НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за дополнување на Правилникот за организација и систематизација на работните задачи, донесена од Управниот одбор на “Графичар” АД во Титов Велес на 12 април 1993 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива од Борис Младеновски од Титов Велес за поведување постапка за оценување законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што со неа како посебен услов за засновање на работен однос не бил предвиден видот, туку само степенот на стручната подготовка, каој не бил соодветен на структурата и потребите на работните задачи, поради што не била во согласност со член 8 од Законот за основните права од работниот однос и со член 43 од Општиот колективен договор на Република Македонија. Исто така, Одлуката не била донесена и објавена во пропишана постапка.
3. На седницата Судот утврди дека со оспорената одлука се врши дополнување на Правилникот за организација и систематизација на работните задачи во “Графичар” – АД во Титов Велес и тоа: во делот за стручната подготовка за работното место технички уредник се додава и четврти степен на стручна подготовка се заменува со шести и седми степен стручна подготовка, а за референт за работни односи – шести степен се заменува со седми степен стручна подготовка.
Одлуката влегува во сила осум дена по објавувањето на огласнста табла.
4. Според член 7 од Законот за основните права од работниот однос (“Службен лист на СФРЈ” бр.60/89), работен однос може да заснива секое лице кое ги исполнува општите услови утврдени со овој закон и посебните услови утврдени со закон и со општ акт. Според член 8 став 3 од овој закон, со општиот акт се утврдуваат видот и степенот на стручната подготовка за определен вид занимање, знаењата и способностите и другите посебни услови потребни за вршење на работите на работното место.
Имајќи ги предвид означените законски одредби, Судот смета дека е право на организацијата со општ акт да ги утврди условите, мегу кои и степенот на стручната подготовка, а дали ќе го утврди и видот зависи од природата и карактерот на работните задачи за вршење на определени задачи, поради што оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со означените законски одредби.
5. Според член 52 од Уставот на Република Македонија, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила.
Со оглед на тоа што со оспорената одлука е предвидено таа да влезе во сила осум дена по нејзиното објавување, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за нејзината согласност со член 52 став 1 од Уставот.
6. Во поглед на согласноста на оспорената одлука со означениот колективен договор, согласно член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд не е надлежен да одлучува.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.

Leave a Reply