79/1993-0-0

79/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 22 септември 1993 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Одлуката за изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план на град Гостивар, донесена од Собранието на Општината на 13 ноември 1992 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива од Асан Салиу за поведување постапка за оценување законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што по неа не бил обезбеден јавен увид и јавна расправа и не била обезбедена претходна согласност од Министерството за урбанизам, градежништво, сообраќај и екологија, поради што оспорената одлука не била во согласност со закон.
3. На седницата Судот утврди дека со оспорената одлука се вршат шест измени и дополнувања на Планот од 1988 година, по кои подрачната единица на Министерството за урбанизам, градежништво, сообраќај и екологија во Гостивар обезбедила јавна расправа во месните заедници во периодот од 27 мај до 14 јули 1992 година, при што немало никакви забелешки на предвидените измени и дополнувања. Исто така, Судот утврди дека со акт на Министерството бр.08-4576/1 од 20 јули 1992 година е дадена согласност на сите промени предвидени со предлогот на планот.
4. Со член 31 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на СРМ” бр.38/85, 18/89 и 38/90) е предвидено нацртот на урбанистичкиот план задолжително да се става на јавна расправа, која се организира од органот на управата надлежен за работите на урбанизмот, така што планот се изложува вомесната заедница најмалку 15 дена, а потоа во рок од 15 дена се примаат забелешките на граѓаните и другите заинтересирани субјекти изразени во писмена форма. Во член 32 од Законот е определено дека урбанистичкиот план, пред донесувањето, задолжително се доставува на согласност до републичкиот орган на управата надлежен заработите на урбанизмот. Во член 34 став 2 од истиот закон е пропишано дека собранието на општината ги донесува урбанистичките планови за подрачјето на општината, а според член 37 став 2 измените и дополнувањата на урбанистичките планови се вршат на ист начин и постапка како и при донесувањето на тие планови.
Со оглед на тоа што по оспорената одлука била обезбедена јавна расправа и што била дадена согласност на предлогот на планот од Министерството за урбанизам, градежништво, сообраќај и екологија, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за нејзината согласност со означените законски одредби, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец

Leave a Reply