93/1993-0-0

93/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 2 и член 112 став 2 од Уставот на Република Македонија и член 70 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), по одржаната јавна расправа, на седницата одржана на 16 јули 1993 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1.СЕ ПОНИШТУВА Одлуката за определување на локација за изградба на бензиска пумпа во Скопје, во склоп на постојниот комплекс на АД “Алумина” на подрачјето на Општината Карпош-Скопје, донесена од Владата на Република Македонија на 18 март 1993 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.17/93).
2. СЕ УКИНУВА времената мерка за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија што се донесени, односно преземени врз основа на одлуката означена во точката 1 на оваа одлука.
3. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија.
4. Уставниот суд на Република Македонија, по повод поднесена иницијатива од група граѓани од Месната заедница “Тафталиџе 1” во Скопје, со Решение У.бр.93/93 од 2 јуни 1993 година поведе постапка за оценување законитоста на одлуката означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нејзината согласност со Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање.
5. На јавната расправа одржана на 15 јули 1993 година, претставникот на подносителот на иницијативата остана при наводите во иницијативата и побара Судот да ја поништи оспорената одлука. Притоа, наведе дека системот на просторното и урбанистичкото планирање, по својот карактер, не дозволува интервенции во просторот што е уреден со урбанистички план. Смета дека Владата на Република Македонија преку примената на член 54 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање, нема овластување да ги менува и дополнува урбанистичките планови и дека со начинот како тоа е направено со оспорената одлука, всушност, извршната власт ги презема компетенциите на законодавната власт. Исто така, наведе дека со интервенцијата на просторот, се излегува надвор од фабричкиот комплекс на АД “Алумина” и се востановува нов режим на сообраќајот на постојната улица, покрај која се наоѓа и детско игралиште.
Претставниците на Владата на Република Македонија изнесоа стојалиште според кое имало законска основа за донесување на оспорената одлука, бидејќи Деталниот убранистички план, посеб но за комплексот на АД “Алумина”, не ги содржел елементите за утврдување услови за градба (не биле определени: габаритите на објектите, нивната катност, намената на површините, влезовите во објектите и слично), заради што планот бил неприменлив, а што и дава основ за примена на член 54 од Законот. Воедно, нагласија дека потребите на развојот бараат брзи решенија што постојните урбанистички планови не го овозможуваат.
Претставниците на АД “Алумина”, наведувајќи ги економските причини за изградба на бензиска пумпа, ги поддржаа изнесените ставови од претставниците на Владата на Република Македонија.
Претставниците на Собранието на град Скопје и на Собранието на Општината Карпош, изнесоа мислење дека просторот може да се користи само врз основа на плански документи, почитувајќи ја улогата на граѓаните во планирањето на просторот и на органите надлежни за донесување на плановите, а примената на член 54 од Законот, може да има само интервентен крактер и тоа за објекти кои се предвидени во урбанистичките планови, но не содржат одделни елементи за утврдување услови за градба, а не и да внесуваат нови објекти со кои се менуваат тие планови. Исто така, наведоа дека бензиската пумпа како псоебен објекти е во функција на сообраќајот и е еден од битните елементи на урбанистичкиот план на населено место. Притоа, истакнаа дека со Деталниот урбанистички план е утврдена намената на просторот на фабричкиот комплекс на АД “Алумина” во кој не е предвидена бензиска пумпа како јавен објакт.
6. На седницата Судот утврди дека со точката 1 од Одлуката се определува локација за изградба на бензиска пумпа во Скопје, во склоп на постојниот комплекс на АД “Алумина”, кој се наоѓа на КП бр.248/2 и КП бр.263/1 КО “Тафталиџе” на подрачјето на Општина “Карпош”-Скопје, чиј инвеститор ќе биде Ад “Алумина” од Скопје и се определува земјиштето кое му припаѓа на објектот за негово непречено користење. Според точката 2, составен дел на Одлуката е графичкиот прилог – кој не се објавува, а се наоѓа во Министерството за урбанизам, градежништво, сообраќај и екологија.
Судот, исто така, утврди дека со Основниот урбанистички план на Град Скопје од 1965 година, просторот што го опфаќа “Алумина” и пошироко се определува за лесна индустрија и сервиси, која намена останува и според измените и дополнувањата на тој план извршени во 1985 година. Според Деталниот урбанистички план за урбаните единици 6, 8 и 10 во населбата “Тафталиџе-1”, донесен во 1967 година, е изменет и дополнет 1987 година, на овој простор не е предвидена изградба на бензиска пумпа.
Понатаму, Судот утврди дека бензиската пумпа, според оспорената одлука, е лоцирана на границата на комплексот на “Алумина”, дека со пристапните патеки излегува на улицата “Прашка” и дека бензинската пумпа е наменета за јавна употреба, а не за потребите на АД “Алумина”.
7. Со член 2 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на СРМ” бр.38/85, 18/89 и 38/90) се пропишува дека со планирањето на просторот се обезбедува планско и рационално користење и уредување на просторот и населените места, рационална изградба на објекти и мрежа на инфраструктурата и заштита и уредување на човековата околина.
Условите за уредување и користење на просторот и за изградба на населените места, согласно член 12 став 1 од Законот, се утврдуваат во просторниот и урбанистичкиот план, а со урбанистичкиот план, согласно член 18 став 1 од Законот, се утврдува организацијата и користењето на просторот на населените места и урбанистичко-техничките услови за изградба на објектите и уредување на просторот, врз основа на анализа на постојната состојба и оценетите потреби и можности за просторен развој во определен плански период. Во член 13 од Законот, како видови на урбанистички планови се утврдени: основниот урбанистички план, деталниот урбанистички план, урбанистичкиот проект и урбанистичкиот план за помало населено место што ги донесвуа собранието на општината, односно Собранието на град Скопје
Во член 54 од Законот се пропишува дека за населени места и надвор од нив за кои не е донесен просторен или урбанистички план или донесениот план не содржи елементи за утврдување услови за градба, локација за изградба на јавни, општествени, односно стопански објекти, може да се издаде врз основа на посебен акт на Владата на Републиката, односно општ акт на собранието на општината за објекти од општинско значење.
Од означената законска одредба произлегува дека овластувањето од член 54 од Законот, Владата може да го користи само ако не е донесен просторен или урбанистички план или ако донесениот план не содржи елементи за утврдување услови за градба. Во конкретниот случај, Судот утврди дека просторот што го опфаќа оспорената одлука со Деталниот урбанистички план е во склоп на фабричкиот комплекс на АД “Алумина” и дека со тој план е утврдена и намената на просторот. Судот, исто така, утврди дека со оспорената одлука се врши пренамена на дел од тој простор, во таа смисла што наместо изградба на објект за потребите на “Алумина” се предвидува изградба на бензиска пумпа за јавна употреба, во функција на сообраќајот. Избрадбата на бензиски пумпи претставува елемент на урбанистичкото планирање, што се потврдува и со Просторниот план на град Скопје (“Службен гласник на Град Скопје” бр.15/85(, во кој, во делот за сообраќај, се определуваат потребите од бензиски пумпи на скопското подрачје, а со Измените и дополнувањата на Основниот урбанистички план на град Скопје (“Службен гласник на Град Скопје” бр.15/85) се определуваат локации за изградба на 46 бензиски пумпи до 2001 година. Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека Владата немала законски основ да определува локација за изградба на бензиска пумпа како јавен објект, чија изградба не била предвидена со урбанистичкиот план , поради што оцени дека со оспорената одлука не само што се дополнува, туку и се врши изменување на Деталниот урбанистички план за урбаните единици 6,8 и 10, надвор од постапката пропишана со Законот.
Евентуалната неприменливост на Деталниот урбанистички план, според мислењето на Судот, не може да претставува законски основ за донесување на посебен акт на Владата на Република Македонија. Судот, смета дека овластувањето на Владата во смисла на член 54 од Законот е во функција на реализација на донесените урбанистички планови, кога тие не содржат одделени елементи за изградба на објект предвиден во планот, односно во функција на рационално користење на просторот, кога плановите не се донесени.
При донесувањето на одлуката, Судот имаше предвид дека со оспорената одлука се нарушуваат сситемот на просторното и урбанистичкото планирање, чија основна цел е уредување и хуманизација на просторот, како и уставно утврдените односи помеѓу носителите на законодавната и извршната власт.
8. Со оглед на тоа што ја поништи одлуката означена во точката 1 од оваа одлука, Судот ја укина привремената мерка за забрана на извршување на поединечните акти и дејствија донесени, односно преземени врз основа на оспорената одлука.
9. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од оваа одлука.
10. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.

Leave a Reply