35/1993-0-0

35/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 47 став 1 точка 4 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 14 јули 1993 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ЗАПИРА постапката за оценување уставноста и законитоста на точките 8 и 28 став 1 од Правилникот за основните права од работен однос на “Јукотранс” транспорт и шпедиција ДОО во Скопје, донесен од Управниот одбор на 24 декември 1992 година.
2. Уставниот суд на Република Македонија, по повод поднесена иницијатива од Трајковски Боро од Скопје, со решение У.бр.35/93 од 19 мај 1993 година, поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на означените одредби наведени во точката 1 од ова решение, затоа што се постави прашањето за нивната согласност со Уставот и со закон.
3. На седницата, Судот утврди дека во член 85 став 1 точка 8 и 28 од Правилникот како потешки повреди на работните обврски за коиможе да се изрече мерката престанок на работниот однос се предвидени злоупотребата на правото на користење на боледување и тоа користење на боледување истиот ден кога работникот дошол на работа и одбил да го изврши работниот налог, одолговлечување на процесот на лечење и друго, како и предизвикување прекин во работењето без оглед на причините поради кои се прекинало со работа, освен прекин предизвикан поради дефект или немање суровини и други објективни причини.
4. Доносителите на оспорениот акт, во одговор на решението за поведување постапка, наведе дека со оспорените одредби се утврдуваат како потешки повреди на работните обврски злоупотреба на правото на користење на боледување и одбивање да изврши определени работни задачи, имајќи го предвид однесувањето на одделни работници што влијаеле на вкупната работна дисциплина во претпријатието.
Исто така се наведува дека прекинот на работата не се однесува на учество во легално организиран штрајк.
5. Според член 58 став 1 точка 1 и 9 од Законот за основните права од работниот однос мерката престанок на работниот однос се изрекува за потешки повреди на должностите на работните обврски, кои се однесуваат покрај другото и на неизвршување на работните обврски и злоупотреба на правото на користење на боледување. Според став 2 на овој член со општиот акт односно со колективниот договор поблиску се утврдуваат околностите и условите под кои повредите наведени во став 1 на овој член ќе се сметаат како потешки повреди на работните обврски за кои се изрекува мерката престанок на работниот однос во согласност со природата на дејноста односно на работата што ја врши одделен работник.
Од наведените одредби произлегува дека со закон се утврдени одредени потешки повреди за кои може да се изрече мерката престанок на работниот однос, при што за овие повреди во општиот акт поблиску треба да се утврдат околностите и условите под кои овие повреди ќе се сметаат за потешки и за нив ќе се изрече мерката престанок на работниот однос.
Со оглед на тоа што во оспорените одредби е утврдено под кои услови и околности може да се смета дека работникот го злоупотребил правото на користење на боледување односно одбил да изврши работни задачи, Судот оцени дека тие не се во несогласност со означената законска одредба.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.

Leave a Reply