16/1993-0-0

16/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 16 јуни 1993 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 8 од Одлуката за висината на школарината на странските државјани-студенти на Универзитетот “Св.Кирил и Методиј” во Скопје, донесена од Советот на Универзитетот на седницата од 28 декември 1992 година.
2. НЕ СЕ ПРИФАЌА барањето за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија преземени врз основа на одлуката означена во точката 1 од ова решение.
3. На Уставниот суд на Република Македонија, Јасин Абд-Ал Раџиф Хамир и други му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбата од член 8 од одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што предвидувала повратно дејство, што не било во согласност со член 52 став 4 од Уставот на Република Македонија.
Воедно, со иницијативата се бара Судот да ги запре од извршување поединечните акти и дејствија преземени врз основа на оспорената одлука.
4. Судот на седницата утврди дека со оспорениот член од Одлуката е предвидено уплатата на школарината за сите странски државјани-студенти на Универзитетот “Св.Кирил и Методиј” да се врши од 1 октомври 1992 година најдоцна до 15 ноември при запишувањето на зимскиот семеста, односно најдоцна до 15 март при запишувањето на летниот семестар. Школарината се плаќа во странска валута на девизната сметка на Универзитетот при Комерцијалната банка АД во Скопје или во ефектива на благајната на Универзитетот.
Исто така, Судот утврди дека со соодветна одлука од 1989 година, Советот на Универзитзетот предвидел рок од 3 учебни години во кој странските државјани-студенти на овој универзитет, кои стекнале статус на студенти пред 1989/90 година ќе уплатуваат школарина според одлуките кои важеле во времето на нивното запишување.
5. Согласно член 52 од Уставот на Република Македонија, законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога е тоа поповолно за граѓаните.
Од наведената одредба произлегува дека Уставот го забранува повратното дејство освен во случаи кога е тоа поповолно за граѓаните.
Со оглед на тоа што со оспорената одлука се уредува висината и начинот на плаќање на школарината за во иднина и што со неа не се засега во стекнатите права на странските студенти запишани во 1989/90 година, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за нејзината согласност со член 52 став 4 од Уставот на Република Македонија.
6. Што се однесува до барањето за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија преземени врз основа на оспорената одлука, Судот, согласно член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, оцени дека не се исполнети условите за одредување ваква мерка.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.

Leave a Reply