38/1993-0-0

38/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 47 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 26 мај 1993 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ЗАПИРА постапката за оценување уставноста на точка 2 од Конкурсот за сместување на постдипломци и докторанди во Домот “Тафталиџе Б-1”, донесен од Советот на Универзитетот “Кирил и Методиј” во Скопје, објавен во весникот “Вечер” од 7 септември 1992 година.
2. СЕ УКИНУВА забраната за извршување на поединечните акти и дејствија, донесени односно преземени врз основа на конкурсот означен во точката 1 од ова решение.
3. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на Конкурсот за сместување постдипломци и докторанди во Домот “Тафталиџе Б-1”, распишан од Советот на Универзитетот “Св.Кирил и Методиј” во Скопје, објавен во весникот “Вечер” на 6 мај 1993 година.
4. Уставниот суд на Република Македонија, на седницата одржана на 21 април 1993 година, донесе решение со кое поведе постапка за оценување уставноста на точка 2 став 2 од конкурсот означен во точката 1 од ова решение, затоа што се постави прашањето дали има повратно дејство кое не е поповолно за станарите. Со решението Судот,исто така, го запре извршувањето на поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на конкурсот, до донесувањето на конечната одлука за оценување на неговата уставност.
Во текот на постапката на Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и на конкурсот означен во точката 3 од ова решение, затоа што, исто така, имал повратно дејство.
5. Судот утврди дека Советот на Универзитетот “Св.Кирил и Методиј” во Скопје на 6 мај 1993 година распишал нов конкурс за привремено сместување во Домот. Со првата точка од Конкурсот се констатира дека конкурсот од 7 септември 1993 година не е реализиран. Со останатите точки од конкурсот се преземаат условите за сместување во Домот од Правилникот за сместување, донесен на 12 ноември 1992 година, меѓу кои и тоа дека становите ќе се користат најмногу до една учебна година, односно до 30 август 1994 година. Во точката 5 е определено дека на конкурсот рамноправно конкурираат и кандидатите кои се сместени во Домот и оние што за прв пат бараат сместување.
6. Судот утврди дека со членовите 3, 4 и 8 од Правилникот за привремено сместување во Домот, донесен на 14 ноември 1990 година, на станарите не им се гарантира право на сместување за целото времетраење на постдипломските односно докторските студии, туку најмногу до 3 односно 5 години, што произлегува и од договорите за сместување кои се склучени за време од една година. Судот оцени дека не се работи за стекнато право на сместување за времето од 3 односно 5 години, туку само за можност која се остварува по пат на конкурс.
Поради тоа, Судот оцени дека оспорените одредби од конкурсот не го менуваат режимот на сместување во Домот, односно не ги доведуваат во понеповолна положба затечените станари.
Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од конкурсот со член 52 став 4 и одлучи како во точките 1, 2 и 3 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ и д-р Фиданчо Стоев.

Leave a Reply