Решение У.бр.265/1992

У.бр.265/1992

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 19 мај 1993 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 297 став 5 од Законот за насоченото образование (“Службен весник на СРМ” бр.16/85, 29/86, 7/88, 29/89, 12/90, 29/90 и 11/91 и “Службен весник на Република Македонија” бр.40/91).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, повеќе професори од педагошките академии во Скопје, Битола и Штип му поднесоа иницијатива за оценување уставноста на оспорените одредби од законот означен во точка 1 од ова решение, затоа што за наставниците во високото образование било допуштено да ги задржат стекнатите звања без да ги исполнат условите предвидени во Законот за соодветното звање, а за наставниците во вишото образование не била дадена таква можност, туку било предвидено тие во определен рок да се стекнат со условите пропишани во Законот, а доколку не се стекнат го губат звањето во кое се наоѓаат што не било во согласност со уставното начело на еднаквост утврдено во Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека со Законот за насоченото образование се утврдени условите за вршење на воспитно-образовната и научно-истражувачката работа во високото и вишото образование и се определени наставно-научните звања за наставниците во високото образование: доцент, вонреден професор и редовен професор и звањата во вишото образование, предавач и професор. Понатаму, во Законот се определени посебни услови за стекнување на секое звање во високото и вишото образование.

Во оспорениот член 297 од Законот, како преодна одредба, се предвидени и определени исклучоци за стекнување на одделни звања во високото и вишото образование. Така, наставниците кои се здобиле со звањето редовен професор по пат на хабилитација или според член 99 од Законот за високото образовнаие, до влегувањето во сила на овој закон, имаат право да се преизбираат во исто звање. Наставниците кои се здобиле со звањето доцент и вонреден професор по пат на хабилитација, според Законот за високото образование, имаат право да напредуваат. Во оспорениот став 5 од овој член е предвидено за наставниците кои се здобиле со звањето професор во вишото образование, односно предавач и виш предавач во високото образование можат да бидат преибрани и да го задржат тоа звање најдоцна до истекот на седум години од денот на влегувањето во сила на овој закон.

Со оглед на тоа што високото и вишото образование се различни степени на образование, со Законот се предвидени и различни услови за стекнување на наставно-научните звања во високото образование и за звањата во вишото образование.

Со член 46 од Уставот на Република Македонија на Универзитетот му се гарантира автономија. Условите за основање, вршење и престанок на дејноста на Универзитетот се уредуваат со закон.

Од изнесената уставна одредба произлегува дека вршењето и престанокот на дејноста на Универзитето, а во тие рамки и условите под кои одредени лица можат да ја вршат образованта дејност, се уредуваат со закон.

Со оглед на тоа што е право на законодавецот да ги утврди условите под кои ќе се врши наставната дејност, во зависност од природата и значењето на одделни видови образовни институции, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласност на оспорената законска одредба со Уставот.

Исто така, Судот смета дека со оспорената законска одредба не се повредува уставното начело на еднаквост, утврдено во член 9 од Уставот, затоа што тоа начело претпоставува еднаквост на граѓаните под еднакви услови, а во конкретниот случај Законот се однесува на различни степени на образование, различни видови на звања и различни услови за стекнување на тие звања.

4. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.

Leave a Reply