Одлука У.бр.242/1992

У.бр.242/1992-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 28 април 1993 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ ПОНИШТУВА член 2 став 3 од Одлуката за измена на Одлуката за надоместок на услугите за изнесување на смет, донесена од Работничкиот совет на Јавното претпријатие “Комуналец” во Битола на 5 септември 1992 година.

2. Оваа Одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија” и во означеното претпријатие на начин предвиден за објавување на општите акти.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод поднесена иницијатива од Ѓорѓи Здравески од Битола, со Решение У.бр.242/92 од 27 јануари 1993 година, поведе постапка за оценување уставноста на одредбата од одлуката означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нејзината согласност со член 52 од Уставот на Република Македонија.

4. На седницата Судот утврди дека со Одлуката се определени повисоки цени на услугите за изнесување, транспортирање и депонирање на смет, а во член 2 став 3 е предвидено таа да влезе во сила од 1 јули 1992 година.

5. Согласно член 52 став 1 од Уставот на Република Македонија законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила, а според став 4 законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случај кога тоа е поповолно за граѓаните.

Со оглед на тоа што оспорената одлука е донесена на 5 септември, а во член 2 став 3 е предвидено таа да влезе во сила од 1 јули 1992 година, со што и е дадено повратно дејство, кое не е поповолно за граѓаните, Судот утврди дека таа не е во согласност со член 52 став 4 од Уставот на Република Македонија и одлучи како во точка 1 од оваа одлука.

6. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.

Leave a Reply