54/1992-0-0

54/1992-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 20 јануари 1993 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Одлуката за укинување на Урбанистичкиот проект за 1-ва зона на централното градско подрачје во Охрид, донесена од Собранието на Општината Охрид на 14 февруари 1992 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија Градежното индустриско и прометно претпријатие “Трудбеник” во Охрид му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што Собранието на Општината, според Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање можело да врши само измени и дополнувања на тој план, а не да го укине, што со укинувањето на урбанистичкиот проек просторот што бил опфатен во 1-вата зона на централното градско подрачје во Охрид, кој претходно бил донесен во законски пропишана постапка, останал незаштитен и неуреден, што била створена правна несигурност на граѓаните кои во легална постапка се стекнале со одредени права, што не било во согласност со закон.
3. Согласно член 18 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на СРМ” бр.38/85 и 38/90), со урбанистичкиот план се утврдува организацијата и карактерот на просторот на населените места и урбанистичко-техничките услови за изградба на објекти и и уредување на простори, врз основа на анализа за постојната состојба и оценетите потреби и можности за просторен развој во определен плански период.
Согласно член 34 од истиот закон, собранието на општината ги донесува урбанистичките планови за подрачјето на општинат.
На седницата Судот утврди дека централното градско подрачје во Охрид било урбанистички уредено со урбанистички проекти, кои повеќето Уставниот суд на Република Македонија ги укинал поради непочитување на постапката пропишана со Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање, така што останал во важност само оспорениот урбанистички проект.
Судот смета дека во законското овластување на собранието на општината да ги донесува урбанистичките планови за подрачјето на општината е содржано и овластувањето да го суспендира односно го укине урбанистичкиот план или негов дел, доколку оцени дека настанале такви околности кои битно влијаат на реализацијата на урбанистичкиот план. Во конкретниов случај, Собранието на Општината оценило дека укинувањето на повеќето урбанистички проекти за централното градско подрачје го доведува во прашање утврдениот урбанистички концепт и на преостанатиот дел од централното градско подрачје, односно подрачјето опфатено со урбанистичкиот проект за 1-вата зона, поради што одлучило да го укине тој урбанистички проект и да пристапи кон комплексно урбанистичко планирање на просторот на централното градско подрачје. Притоа, Судот утврди дека со ваквото постапување не се ограничува правото на граѓаните и другите субјекти во Општината, согласно член 34 од Законот, при донесувањето на детален урбанистички план, во јавната расправа во фазата на нацрт-план, да ги искажат своите мислења, сугестии и забелешки, поради што оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со означените законски одредби.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.

Leave a Reply