Одлука У.бр.104/1992

У.бр.104/1992

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 алинеа 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, на седницата одржана на 23 декември 1992 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ ПОНИШТУВА Заклучокот на Извршниот совет на Собранието на Општина Гостивар за критериумите за расчистување на имотно-правните односи во врска со премерот на недвижностите на Општината Гостивар, донесен на 12 октомври 1978 година и изменет и дополнет на 3 март 1983 година.

2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија” и во “Службен гласник на Општина Гостивар”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр.104/92 од 11 септември 1992 година, по иницијатива на Нестор Трифуновски од Гостивар, поведе постапка за оценување законитоста на актот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за неговата согласност со Законот.

4. На седницата Судот утврди дека со оспорениот заклучок се утврдуваат критериумите во врска со преносот на правото на сопственост на градежни објекти изградени на градежно земјиште на име на поранешниот сопственик. Со критериумите е определено дека ќе им се признае правото на сопственост на оние граѓани кои изградиле индивидуални станбени згради на градежно земјиште на име на поранешниот сопственик до 32 декември 1978 година, кога е извршен детален премер на градот, ако објектите се вклопуваат во урбанистичкиот план односно ако се изградени со комплетна градежна документација.

5. Согласно член 2 став 2 од Законот за промет со земјишта и згради (“Службен весник на Република Македонија” бр.36/75, 41/75, 10/79, 7/86, 51/86 и 38/91) градежното земјиште не може да се отуѓува, но врз него можат да се стекнат права определени со закон.

Според член 9 од Законот за градежно земјиште (“Службен весник на Република Македонија” бр.10/79, 18/79 и 21/91) земјиштето во градовите и населбите од градски карактер и другите подрачја предвидени за станбена и друга комплексна изградба за кое е донесен урбанистички план е на Републиката, а според член 36 градежното земјиште со кое управува Републиката го доделува на користење на физички и правни лица заради изградба на објекти. Доделувањето го врши Министерството за финансии по претходно мислење на Министерството за урбанизам, градежништво, сообраќај и екологија.

Според член 15 од законот, поранешниот сопственик на изградено градежно земјиште има право да го користи тоа земјиште до денот кога врз основа на решение на републичкиот орган на управата надлежен за имотно-правните работи е должен да го предаде на корисникот.

Според член 17 од Законот, поранешниот сопственик на неизградено градежно земјиште има предимствено право на користење на тоа земјиште на една градежна парцела за изградба на станбена зграда, ако врз основа на планот за реализација може на тоа земјиште да се подигне таква зграда. Според член 19 правата на поранешниот сопственик можат да се пренесат на брачниот другар, потомците, посвоениците, родителите и посвоителите, кои не можат тие права да ги пренесуваат со правна работа на други. Правата на поранешниот сопственик можат да се наследат од законските наследници на поранешниот сопственик односно од лицата на кои тој им ги пренел своите права.

Според член 20 од Законот лицата на кои им е пренесено предимствено право на користење и лицата на кои им е доделено градежно неизградено земјиште, правото на градба на тоа земјиште не можат да го пренесуваат со правна работа на други лица заради заедничка изградба, освен на лицата од член 19.

Според член 24 лицата на кои им е признато предимствено право на користење на градежното земјиште во поглед на тоа земјиште ги имаат сите права и обврски како и лицата на кои им е доделено земјиште на користење. Според член 16 од Законот, сопственикот на зградата има право да го користи земјиштето што е под зградата и земјиштето што е потребно за нејзината редовна употреба од денот кога тоа земјиште станало општествена сопственост. Правото на користење на земјиштето трае се додека постои зградата на тоа земјиште и тоа право не може одделно да се пренесува.

Според член 5 од Законот за премер, катастар и запишување на правата на недвижностите (“Службен весник на Република Македонија” бр.17/86 и 17/91) во катастарот на недвижностите се запишуваат правото на сопственост, стварните и личните службености, товари и ограничувања и други права за кои запишувањето е определено со закон. Според член 54 во катастарот на недвижности се евидентираат и бесправно изградените објекти, но имателот на бесправно изградениот објект со евидентирањето не стекнува право на сопственост. Според член 58 од законот запишувањето во катастарот на недвижностите се врши врз основа на исправи составени во законски пропишана форма, правосилни судски одлуки и закон или одлука на државен орган.

Од наведените законски одредби произлегува дека градежното земјиште не може да биде ставено во промет ниту од корисникот кому му е доделено на користење, ниту од поранешниот сопственик. Врз него може да се стекне само право на користење, кое според својата содржина е еднакво како за лицето кому му е доделено на користење, така и за поранешниот сопственик кому му е признато предимествено право на користење на градежното земјиште. Тоа право, исто така, не може да се пренесува со правно дело на други лица, освен на оние утврдени со законот, ниту од страна на лицата што им е доделено, ниту од страна на поранешниот сопственик. Правото на изградба на станбен или друг објект може да се стекне само врз градежно земјиште што со решение на надлежниот орган е доделено на користење, а не и на земјиште што му е доделено на друго лице, или на кое постои предимствено право на користење на поранешниот сопственик, ниту пак може заеднички да се гради со носителот на правото на користење односно со поранешниот сопственик кој има признато предимствено право на користење.

Со оглед на тоа што со наведените законски одредби се уредени сите односи поврзани со користењето на градежното земјиште, начинот на стекнување на правата врз градежното земјиште, прометот со земјишта и згради, како и начинот на евидентирање на стекнување на правата на сопственост врз земјишта и згради и што во нив не е содржано овластување тие прашања да се уредуваат со акти на органите на општината, Судот оцени дека оспорениот заклучок не е во согласност со наведените законски одредби.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

6. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, Братољуб Раичковиќ, д-р Филип Лазарески, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.

Leave a Reply