209/1990-0-0

209/1990-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 20 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд на Македонија и за правното дејство на неговите одлуки, на седницата одржана на 15 јули 1992 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на Законот за даноците на граѓаните (“Службен весник на Република Македонија” бр.12/87, 37/87, 50/87, 7/88, 51/88, 7/89, 18/89, 46/89, 4/90, 21/91 и 5/92).
2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што пропишувал невработените лица кои самостојно вршат професионална дејност без одобрение да плаќаат придонес за здравствено, пензиско и инвалидско осигурување, како и такса за фирма и придонес за солидарност, што не било во согласност со Уставот.
3. На седницата Судот утврди дека во Законот за даноците на граѓаните е пропишана обврска на даночните обврзници за плаќање на даноци, а не и за плаќање на придонеси за зравствено, пензиско и инвалидско осигурување и други придонеси. Понатаму, Судот утврди дека содржината на решението за облог на данок од член 162 став 2 од Законот претставува обврска за постапување на надлежниот орган, а не обврска за даночните обврзници. Обврската за плаќање на придонеси и други давачки се пропишува со законите што се однесуваат на соодветните области (Закон за здравствена заштита, Закон за пензиско и инвалидско осигурување и други).
Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот закон со Уставот од гледиште на наводите од иницијативата. Дали, пак, Законот во конкретниов случај е правилно применет е прашање за кое Судот, согласно член 110 од Уставот, не е надлежен да одлучува.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

Leave a Reply