187/1991-0-0

187/1991-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 20 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд на Македонија и за правното дејство на неговите одлуки, на седницата одржана на 3 јуни 1992 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА точка 1, 2, од Одлуката за измени и дополнување на Правилникот за заедничките критериуми и мерила за решавање на станбените прашања на работниците во Јавното претпријатие “Водовод” во Битола, донесена од Работничкиот совет на 17 октомври 1991 година.
2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија” и во означеното претпријатие на начин предвиден за објавување на општите акти.
3. Уставниот суд на Република Македонија, со решение У.бр.187/91 од 1 април 1992 година, поведе постапка за оценување законитоста на одредбата од одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што се постави прашањето за нејзината согласност со закон.
4. На седницата Судот утврди дека со точка 1.2. од Одлуката се врши измена и дополнување на Правилникот за решавање на станбените прашања на работниците, со додавање на членовите 32-а и 32-б. Во член 32-а е предвидено работникот што ќе понуди програма за унапредување на резултатите во работата на претпријатието да добие 100 бода, а во член 32-б кандидатот кој ќе се јави на конкурсот за доделување стан и достави потврда за уплатени средства во висина од 1/4 од вредноста на станот да добие 100 бода. Во висина на уплатените средства кандидатот се здобива со право на сосопственост на соодветна квадратура од станбениот простор.
5. Според член 52 од Законот за основните права од работниот однос (“Службен лист на СФРЈ” бр.60/89), кој, согласно член 5 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија, се применува како републички закон, работниците ги користат средствата за заедничка потрошувачка по основ на распределбата според трудот и солидарноста според основите и мерилата утврдени со општ акт односно колективен договор. Според член 42 став 2 од Законот за станбени односи (“Службен весник на СРМ” бр.48/88 и 1/90) давателот го дава станот на користење во согласност со општиот акт со кој се уредуваат условите и начинот на давање станови на користење.
Од изнесените законски одредби произлегува дека е право на организацијата да ги утврди основите и мерилата, за доделување стан на користење, но притоа е должна да го поичитува начелото на трудот и солидарноста.
Со оглед на тоа што врз основа на понудената програма за унапредување на работата во претпријатието при конкурирањето за добивање стан до моментот на одлучувањето за становите не може да се верифицира и вреднува трудот на нејзиниот изготвувач, ниту, пак, може однапред да се утврди каков ќе биде реалниот придонес на работникот во унапредувањето на работењето на организацијата, Судот оцени дека оспорената одредба не е во согласност со означените законски одредби.
Понатаму, според член 3 од Законот за продажба на станови во општествена сопственост (“Службен весник на СРМ” бр.36/90) станот може да се продаде на носителот на станарско право или со негова согласност на член на неговото семејно домаќинство, кој е корисник на станот. Согласно член 10 од Законот за станбени односи со станарско право на стан во општествена сопственост граѓанинот се здобива со денот на законито вселување во стан врз основа на договор за користење стан, односно решение на судот што го заменува тој договор. Во членовите 13 до 19 од Законот за основните сопственосно-правни односи (“Службен лист на СФРЈ” бр.6/80), кој, согласно член 5 од Уставниот закон на Република Македонија, се применува како републички закон, се предвидува институтот на сосопственост на повеќе лица на неподелен предмет. Притоа, во член 17 од овој закон е предвидено дека сосопственост може да постои и на неподелен предмет, од кој дел е во општествена сопственост, а на дел постои право на сопственост, но само во оние случаи и услови што ќе бидат определени со закон. Во Законот за продажба на општествени станови не е предвидена можност за продажба на одделни делови од станови, туку само на становите во целина.
Со оглед на тоа што со оспорениот член од одлуката како еден од основите за доделување на стан во општествена сопственост се предвидува плаќање на одреден износ на сопствени средства, со што се нарушува примената на начелото на солидарност утврдено во член 52 од Законот за основните права од работниот однос и што продажбата на станови во општествена сопственост се врши на дел од станот, со што спротивно на Законот за продажба на станови во општествена сопственост се востановува право на сосопственост, Судот оцени дека оспорената одредба не е во согласност со означените законски одредби.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

Leave a Reply