Одлука У.бр.92/1991

У.бр.92/1991

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Македонија, на седницата одржана на 22 април 1992 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА Одлуката бр.0209/89, донесена од Советот на Месната заедница “Три Чешми”, Општина Штип, на 16 септември 1989 година.

2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија” и во означената Месна заедница на начин предвиден за објавување на општите акти.

3. Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр.92/91 од 19 февруари 1992 година, поведе постапка за оценување законитоста на одлуката означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нејзината согласност со Законот за градежното земјиште.

4. На седницата Судот утврди дека во член 1 од Одлуката е предвидено секое лице што има желба да гради индивидуална станбена зграда, гаража или дуќан, средствата за комуналии да ги уплати на жиро-сметката на Месната заедница “Три Чешми”, а според член 2 секое правно или физичко лице што има добиено решение за изградба на индивидуална станбена зграда во “Три Чешми”, потребно е на име комуналии да уплати 7.000,00 денари, ако е жител на Месната заедница, а 11.000.000 динари ако не е жител. Во членот 3, пак, е предвидено овој износ да се зголемува во зависност од поскапувањето на бензинот.

5. Според член 39 од Законот за градежното земјиште (“Службен весник на Република Македонија” бр.10/89, 19/89 и 21/91) уредувањето на градежното земјиште се врши врз основа програма која ја донесува собранието на општината врз основа на урбанистичкиот план, а по претходна согласност на републичкиот орган надлежен за работите на урбанизмот.

Според член 41 од овој Закон, уредувањето на градежното земјиште се финансира од средствата остварени од неговото доделување, од надоместоците за уредување односно за употреба на градежното земјиште, од средствата на комуналните организации, средствата од самопридонес и од други средства. Средствата од став 1 на овој член се утврдуваат со Програмата. Исто така, според член 44 став 1 од овој закон собранието на општината може да утврди надоместок за употреба на градежно земјиште според обемот и степенот на опременоста со комунални објекти и инсталации. Според ставот 3 од овој член надоместокот го плаќа непосредниот корисник на земјиштето.

Од изнесените законски одредби произлегува дека месната заедница не е овластена да пропишува надоместок ниту за уредување, ниту за употреба на градежното земјиште, ниту, пак, да го определува неговиот износ.

Со оглед на тоа што со оспорената одлука Советот на Месната заедница, надвор од своите овластувања, определува материјални обврски за граѓаните, Судот утврди дека таа не е во согласност со означените законски одредби, поради што Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

Leave a Reply