Одлука У.бр.165/1991

У.бр.165/1991

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија, на седниата одржана на 21 јануари 1992 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА став 2 на член 10 од Правилникот за специјализација, субспецијализација и стручно усовршување, донесен од Работничкиот совет на Работната организација Медицински центар “Борка Телески” во Прилеп, на 22 април 1991 година.

2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија” и во Медицинскиот центар на начин предвиден за објавување на општите акти.

3. Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр.165/91 од 6 ноември 1991 година, поведе постапка за оценување законитоста на став 1 на член 10 од правилникот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што на работниците над 35 години возраст не им се вреднувал основот работно искуство, што било несогласно со Законот.

4. На седницата Судот утврди дека според член 9 од Правилникот здравствените работници и здравствените соработници со високо образование можат да се упатат на специјализација ако имаат положен стручен испит, ако познаваат еден од светските јазици и ако имаат најмалку една година искуство во спроведувањето на здравствената заштита во производството и прометот на лекови или во орган на управата надлежен за работите на здравството, по положувањето на стручниот испит.

Понатаму, Судот утврди дека во член 10 став 1 од Правилникот како приоритети за упатување на специјализација се предвидени повисок просек на школувањето, работно искуство, работно искуство поминато на село, и работно искуство поминато во итна помош.

Во оспорениот член 10 став 2, пак, е предвидено дека работното искуство на кандидатите се вреднува заклучно со 35 години возраст и дека кандидатите над оваа старосна граница не добиваат бодови по овој основ.

5. Според член 181 став 1 од Законот за здравствена заштита (“Службен весник на СРМ” бр.10/83, 43/85, 50/87 и 27/88) кој важел во време на донесувањето на оспорениот правилник и член 149 од Законот за здравствена заштита (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/91), на здравствените работници и здравствените соработници им се одобрува специјализација, односно можат да специјализираат ако го положиле стручниот испит, ако познаваат еден од странските јаз ици и ако имаат една година искуство по положување на стручниот испит во спроведување на здравствената заштита, производство и промет на лекови или во орган на управата надлежен за работите на здравството. Под еднакви услови предност за специјализација имаат здравствените работници, кои, покрај условите од став 1 на овој член, поминале три години на работа во здравствена станица на село. Понатаму, е предвидено дека здравствените организации и заедници со општ акт ги утврдуваат критериумите и постапката за избор на кандидати за специјализација.

Од изнесените законски одредби произлегува дека здравствената организација е овластена да ги утврди критериумите и постапката за избор на кандидати за специјализација, при што е должна да ги почитува условите и приоритетите утврдени со закон.

Со оглед на тоа што во член 10 став 2 од Правилникот работното искуство на кандидатите над 35 години возраст воопшто не се вреднува, Судот смета дека на тие кандидати им се оневозможува користење на правото на специјализација надвор од условите и приоритетите утврдени со Закон, поради што оцени дека тој не е во согласност со означените законски одредби.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

Leave a Reply