Решение У.бр.192/1991

У.бр.192/1991

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 20 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд на Македонија и за правното дејство на неговите одлуки, на седницата одржана на 18 декември 1991 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на делот на член 1 став 1 од Одлуката за начинот на преземање на работите од општинските органи на управата, донесена од Извршниот совет на Собранието на Република Македонија на 8 јануарии 14 февруари 1991 година (“Службен весник на СРМ” бр.1/91 и 8/91), што се однесува на преземањето на работниците на општинските органи на управата и на органите на управата на Град Скопје.

2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на одредбата од одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што со неа се определувало дека министерствата ги преземаат сите работници од подрачните единици, па и началниците, со што овие засновале работен однос без оглас односно конкурс, што било во во несогласност со закон.

3. На седницата Судот утврди дека во член 1 став 1 од Одлуката е предвидено досегашните работници, опремата, инвентарот и другите работи, архивата и документацијата на општинските органи на управата и на градот Скопје да ги преземат надлежните органи на управата и управните организации на Република Македонија во рамките на делокругот на нивната работа определен со Законот за органите на управата.

4. Според член 238 став 1 од Законот за органите на управата (“Службен весник на СРМ” бр.40/90) работниците, опремата, инвентарот и другите работи, архивата, документацијата, средствата за работа и други средства во општинските и републичките органи на управата и управните организации кои престануваат со работа ги преземаорганот на управата во кој преминуваат работите што ги вршел органот или организацијата која престанува или органот што ќе го определи Владата и ги распоредува на работи и задачи во согласност со општиот акт за организација и работа и за систематизација на работите и задачите во органот, на денот определен со овој закон за престанок на републичките органи односно на денот што ќе се определи за престанок на постојните општински органи на управата и управните организации.

Според член 46 став 3 од Законот за Владата на Република Македонија (“Службен весник на СРМ” бр.38/90) со одлука Владата одлучува за одделни прашања и мерки за извршување на законите и другите прописи и општи акти на Собранието.

Од изнесените законски одредби произлегува дека, покрај другото, и работниците во општинските органи на управата кои престануваат со работа ги презема органот на управата во чија надлежност преминуваат работите на општинските органи или ги презема органот што ќе го определи Владата и ги распоредува на работи и задачи во согласност со општите акти за организација и систематизација во органот. Исто така, произлегува дека Извршниот совет односно Владата е овластена да донесува одлуки за извршување на законите, врз основа и во рамките утврдени со Уставот и со законите.

Со оглед на тоа што со оспорената одредба од Одлуката се предвидува преземање на работниците од општинските органи на управата врз основа и во рамките на член 238 став 1 од Законот за органите на управата, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за нејзината несогласност со означената законска одредба, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

Leave a Reply