Одлука У.бр148/2021 и У.бр.15/2022

У.бр148/2021-1 и У.бр.15/2022-1

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 13 јули 2022 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 12 од Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп – Битола) во Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 163/2021).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Северна Македонија, по повод иницијативите поднесени од Сојузот на синдикатите на Македонија – ССМ, Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање на Република Македонија и Здруженито за заштита на работничките права „Гласен Текстилец“ Штип, со Решение У.бр.148/2021 и У.бр.15/2022 година од 29 март 2022 година, поведе постапка за оценување на уставноста на член 12 од Законот означен во точката 1 од оваа одлука.

4. Судот на седницата утврди дека според ставот 1 на оспорениот член 12 од Законот: „Во тек на организацијата на работите во Проектот, во согласност со барањата на работниот процес и роковите утврдени со Договорот за градење, Стратешкиот партнер ќе има право да го организира и распоредува работното време на работниците, така што работното време на секој работник, во текот на целиот циклус на Проектот, може да биде во просек 60 часа неделно во текот на годината“.

Според ставот 2 на членот 12 од Законот: „Воведувањето на работното време во согласност со ставот (1) на овој член, е дозволено само со изречна, писмена и претходна согласност на работникот и сите останати важечки закони за безбедност и здравје на Република Северна Македонија, како и плаќањето на сите применливи даноци и социјални придонеси остануваат применливи“.

5. Темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото, како и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, како што е прецизирано во член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 4 од Уставот

Евидентно од содржината на член 9 од Уставот, граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 32 став 1 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбедност за време на привремена невработеност.

Ставот 2 од овој член од Уставот утврдува дека секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место, а според ставот 3 од истиот член, секој вработен има право на соодветна заработувачка.

Јасно наведено е во ставот 4 дека секој вработен има право на платен дневен, неделен и годишен одмор. Од овие права вработените не можат да се откажат.

Во ставот 5 од овој член од Уставот е утврдено дека остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

По едно сеопфатно согледување на изнесените уставни одредби, покрај другото, произлегува дека секој има право на работа, слободен избор на вработување, секое работно место е достапно секому под еднакви услови, и правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор, при што граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви пред Уставот и законите. Со други зборови, уставна обврска на законодавецот е при уредувањето на прашањата во врска со остварувањето на правата, обврските и одговорностите на работникот и работодавачот од работниот однос, вклучително и правото на соодветна заработувачка и право на платен дневен, неделен и годишен одмор, граѓаните да ги става во еднаква правна положба.
Воедно, уставотворецот, при утврдувањето на економските права утврдил дека остварувањето на правата на вработените се уредуваат со закон и со колективни договори, што подразбира дека формулацијата: „со закон”, наведува на заклучок дека тоа може да се стори со еден, но и со повеќе закони и колективни договори од соодветната област.

6. Во член 2 од Конвенцијата за трудови клаузули/јавни договори, 1949 која со Законот за ратификација на Конвенцијата за трудови клаузули/јавни договори, 1949 („Службен весник на Република Македонија“ бр77/2010), која станала дел од внатрешниот правен поредок е предвидено дека:

1) Договорите на коишто се однесува оваа конвенција би требало да вклучуваат клаузули што би им осигурале плати (вклучувајќи надоместоци) на заинтересираните работници, работните часови и други работни услови кои не се понеповолни од оние утврдени за работа од ист карактер во трговијата или индустријата во секторот каде што работата се извршува:
(а) со колективен договор или други признати механизми на преговарање помеѓу организации на работодавачи и претставници на работниците имајќи го предвид основниот сооднос на работодавачите и работниците во односната трговија или индустрија,
(б) со арбитражна награда или
(в) со државни закони или прописи.
2) Каде што работничките услови споменати во претходниот параграф не се регулирани на начин споменат во секторот каде што се извршува работата, клаузулите што ќе се вклучат во договорите треба да им осигураат на заинтересираните работници плати (вклучувајќи надоместоци), работни часови и други работнички услови што не се понеповолни од:
(а) оние утврдени со колективен договор или други признати механизми на преговарање, со арбитража или државни закони или прописи, за работа од ист карактер во односната трговија или индустрија во најблискиот соодветен сектор; или
(б) општото ниво забележано во трговијата или индустријата во кое изведувачот е ангажиран од работодавачи чиишто општи услови се слични.
3) Условите за вклучување на клаузулите во договорите и нивните варијации треба да бидат утврдени од надлежен орган на начин кој е најсоодветен за националните услови, по консултација со организациите на работодавачите и работниците, каде што такви постојат.
4) Надлежниот орган треба да преземе соодветни мерки промовирајќи упатства или на друг начин да осигура дека лицата коишто конкурираат за договорите се свесни за условите на клаузулите.

Во членот 3 од Конвенцијата децидно е предвидено дека онаму каде соодветните одредби што се однесуваат на здравјето, безбедноста и благосостојбата на работниците, ангажирани во извршувањето на договорите, не се се уште применливи по сила на националните закони или прописи, колективниот договор или одобрени арбитражи, надлежниот орган треба да преземе соодветни мерки за да осигура фер и разумни услови кои се однесуваат на здравјето, безбедноста и благосостојбата на работниците.

Во членот 4, пак, од Конвенцијата, покрај другото е предвидено дека законите, прописите и другите инструменти кои ја овозможуваат примената на оваа конвенција, покрај другото, треба да овозможат соодветни евидентирања на работното време и за платите што треба да се исплатат за заинтересираните работници.

7. Во Законот за работните односи јасно се прецизира во член 1 („Службен весник на Република Македонија” број 62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 50/10, 52/10, 124/10, 47/11, 11/12, 39/12, 13/13, 25/13, 170/13, 187/13, 113/14, 20/15, 33/15, 72/15, 129/15, 27/16, 120/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 110/19 и 267/20), дека со овој закон се уредуваат работните односи меѓу работниците и работодавачите кои се воспоставуваат со склучување на договор за вработување. Работниот однос се уредува со овој и со друг закон, колективен договор и договорот за вработување.

Во член 4 ставови 1, 2, 3 и 4 од наведениот закон е предвидено дека:

(1) Овој закон се применува врз работните односи меѓу работодавачите кои имаат седиште или престојувалиште во Република Македонија и кај нив вработените работници, кога работата постојано се врши на територијата на Република Македонија, како и во случаите кога работодавачот привремено ќе го упати работникот на работа во странство.
(2) Овој закон се применува, исто така, за работните односи меѓу работодавач и од територијата на земја членка на Европската Унија и работодавач од територијата на земја која не е членка на Европската Унија и кај нив вработените работници, коишто се воспоставуваат врз основа на договорот за вработување заради вршење на работа на територијата на Република Македонија.
(3) За работниците кои работодавач и од територијата на земја членка на Европската Унија и работодавач од територијата на земја која не е членка на Европската Унија ќе ги упати на привремена работа во Република Македонија врз основа на договор за вработување според странското право, се применуваат одредбите на овој и друг закон, кои го уредуваат работното време, дневниот и годишните одмори, ноќната работа, минималниот годишен одмор, минималната плата, заштитата при работа и посебната заштита на работниците.
(4) Овој закон се применува и на работните односи на работниците кои се испратени од нивниот работодавач за давање на услуги на друг работодавач од територијата на земја членка на Европската Унија во територијата на Република Македонија и работодавач од територијата на земја која не е членка на Европската Унија.

Понатаму, во членот 5 од Законот, е утврдено значењето на одделни изрази употребени во овој закон, па така под изразот „Работно време” е времето во кое работникот работи и ги извршува своите работи и работни задачи согласно со закон, колективен договор и договорот за вработување.

Од содржината на член 116 од Законот во глава IX.Работно време произлегува следното:
(1) Полното работно време не смее да биде подолго од 40 часа неделно.
(2) Работната недела по правило трае пет работни дена.
(3) Со закон, односно со колективен договор може да се одреди како полно работно време, работното време кое е пократко од 40 часа неделно, меѓутоа не помалку од 36 часа неделно.
(4) Со закон или други прописи во согласност со закон, или со колективен договор може да се определи за работните места, кај кои постојат поголеми опасности од повреди или здравствени оштетувања, полното работно време да трае помалку од 36 часа неделно.
(5) Ако полното работно време не е определено со закон или колективен договор, се смета како полно работно време, работното време од 40 часа неделно.
(6) Работодавачот е должен да води евиденција за полното работно време.
(7) Работодавач кој има над 25 вработени и кај кого процесот на работата се врши на една или повеќе локации е должен на секоја локација да води електронско евидентирање на полното работно време и на прекувремената работа.
(8) Работодавачот кој има до 25 вработени е должен да води евидентен лист за присуство на работа на работниците со наведување на податоци за почетокот и завршетокот на работното време.
(9) Начинот и водењето на електронската евиденција на полното работно време и на прекувремената работа од ставот (7) на овој член ги пропишува министерот надлежен за работите од областа на трудот.

Прашањето на прекувремена работа е уредено во член 117 од Законот, па така:
(1) Работникот е должен на барање на работодавачот да врши работа преку полното работно време (прекувремена работа):
1) во случаи на исклучително зголемување на обемот на работата;
2) ако е потребно продолжување на деловниот или производниот процес;
3) ако е нужно да се отстрани оштетување на средствата за работа, што би предизвикало прекинување на работата;
4) ако е потребно да се обезбеди безбедност на луѓето и имотот, како и безбедноста на прометот и
5) во други случаи определени со закон или колективен договор.
(2) Прекувремената работа може да трае најмногу осум часа во текот на една недела и најмногу 190 часа годишно, освен за работите кои поради специфичниот процес на работа не можат да се прекинат или за кои нема услови и можности да се организира работата во смени. Прекувремената работа во период од три месеци не може во просек да надминува повеќе од осум часа неделно.
(3) За работниците од Министерството за внатрешни работи, кои вршат посебни должности и овластувања согласно со посебен закон, прекувремената работа може да трае подолго од 190 часа годишно, поради извршување на итни и неодложни работи, по претходно дадена писмена согласност на работникот.
(4) На работникот кој работел над 150 часа подолго од полното работно време, а не отсуствувал од работа повеќе од 21 ден во текот на годината, кај истиот работодавач, во кои не се засметуваат деновите на искористен годишен одмор, работодавачот е должен да му исплати покрај додатокот на плата и бонус во висина од една просечна плата во Републиката.
(5) Работодавачот е должен да води посебна евиденција за прекувремената работа и часовите за прекувремената работа посебно да ги наведе во месечната пресметка на платата на работникот.
(6) Работодавачот е должен за секое воведување на прекувремена работа претходно писмено да го извести подрачниот државен инспектор на трудот.
(7) Ако работодавачот воведува прекувремена работа подолго од ставот (2) на овој член е должен да изврши прераспоредување на работното време или воведување на нови смени.

8. Сојузот на синдикатите на Македонија и Организацијата на работодавачи на Македонија, на 13 мај 2014 година, утврдија пречистен текст на Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството. Пречистениот текст на Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството, ги опфаќа: Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството, пречистен текст („Службен весник на Република Македонија“ бр. 150/12) и Спогодбата за изменување и дополнување на Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството („Службен весник на Република Македонија“ бр.189/13)

Евидентно од содржината на член 1 од пречистениот колективен договор е предвидено дека со овој колективен договор се уредуваат и доуредуваат, во согласност со закон и други прописи, правата, обврските и одговорностите на договорните страни кои го склучиле овој договор, а особено склучувањето, содржината и престанокот на договорот за вработување и други прашања од работните односи или во врска со работните односи во стопанството на РМ, како и начинот и постапката за решавање на меѓусебните спорови.

Според член 2 овој колективен договор се применува непосредно и е задолжителен за работодавачите и вработените во приватниот сектор.

Во член 36 став 1, пак, во главата VII.РАБОТНО ВРЕМЕ децидно е предвидено: „Почетокот, распоредот и завршетокот на работното време, го утврдува работодавачот, односно работоводниот орган во согласност со закон, акт на органот од државната управа од соодветната област, колективен договор на ниво на гранка односно оддел, односно на ниво на работодавач. Ставот 2 од истиот член предвидува дека со колективен договор на ниво на работодавач се утврдуваат исклучително тешките услови на работното место според кои работното време пократко од 40 часа неделно, ќе се смета за полно работно време, но не пократко од 36 часа неделно. Понатаму, третиот став предвидува дека за работните места кај кои постои поголема опасност од повреди или здравствени оштетувања, со колективен договор на ниво на работодавач, полното работно време може да трае помалку од 36 часа неделно.

9. Правејќи една целосна анализа на наведените уставни одредби, наведените меѓународни документи, одредбите од Законот за работните односи, одредбите од Општиот колективен договор за приватниот сектор од една страна, наспрема содржината на оспорениот член и изнесените наводи во иницијативите од друга страна, Судот оцени дека членот 12 од оспорениот закон не е во согласност со уставните одредби на кои се повикуваат подносителите.

Оспорената одредба од Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп – Битола) во Република Северна Македонија, пропишува дека во согласност со барањата на работниот процес и роковите утврдени со Договорот за градење, Стратешкиот партнер ќе има право да го организира и распоредува работното време на работниците, така што работното време на секој работник, во текот на целиот циклус на Проектот, може да биде во просек 60 часа неделно во текот на годината.

Ноторен факт е дека вака пропишаното работно време се разликува и е подолго од пропишаното работно време за сите други работници во Република Северна Македонија, кое е пропишано со закон и колективни договори и кое не може да биде подолго од 40 часа неделно, освен во точно определени случаи и за определено време кога може да има прекувремена работа.

Исто така, неспорно е постоењето на уставно овластување со закон и со колективни договори да се уреди остварувањето на правата на вработените и нивната положба, што наведува на заклучок дека тоа може да се стори со еден или повеќе закони и колективни договори од соодветната област, како што е впрочем и случајот со оспорената одредба.

Меѓутоа, ова овластување за правно уредување на пониско ниво, мора да биде во согласност со уставните норми и да овозможи во целост да бидат остварени и другите права на вработените, а тоа во случајот се нивните уставни права на дневен и неделен одмор.

Со предвидувањето на работно време на работникот во просек 60 часа неделно во текот на годината, како што прецизира член 12 став 1 од Законот, несомнено се загрозуваат овие права на начин што драстично се намалува временскиот период во кој истите можат да бидат остварени и се повредува нивната суштина – временски период за обновување на физичките и интелектуалните капацитети на работникот за вршење на работата и остварување активности од сферата на личниот и семејниот живот. Дотолку повеќе што овде станува збор за намалување на траењето на дневниот и неделниот одмор во градежништвото, каде работата се извршува на отворено, во секакви временски услови и бара исклучителни физички напори.

Притоа, тоа што законодавецот во член 12 став 2 од Законот, го предусловил воведувањето на вакво работно време со изречна, писмена и претходна согласност на работникот и примена на сите останати важечки закони за безбедност и здравје на Република Северна Македонија, како и обезбедување на плаќање на сите применливи даноци и социјални придонеси, односно ваквата организација на работното време е со закон утврдена како условена можност, нема никакво влијание за нејзината несогласност со уставните одредби. Имено и самото нејзино постоење како што е уредена и која доколку се операционализира со настапувањето на предвидените услови, сериозно ги повредува уставните права е доволна причина да се оцени како противуставна.

Од друга страна, предвидениот предуслов за давање на изречна, писмена и претходна согласност на работникот, всушност значи откажување од правото на дневен и неделен одмор, имајќи ја предвид должината на работното време кое се предвидува со првиот став 1 од член 12 од Законот, што е во спротивност со член 32 став 4 од Уставот.

Со ваквиот начин на уредување на прашањето за работното време во просек 60 часа неделно во текот на годината, очигледно се повредува начелото на еднаквост на вработените во секторот каде што работата се извршува, што е повреда на уставното начело за еднаквост на граѓаните.

Притоа, во прилог на наведените аргументи се и претходно цитираните меѓународно-правни аргументи од областа на трудово-правните односи.

Оттука, според Судот, уредувањето на прашањето на работното време, утврдено во член 12 од Законот, според кој работното време на работникот, во текот на целиот циклус на проектот може да биде во просек 60 часа неделно во текот на годината, поради наведените причини, не е во согласност со член 32 став 4 од Уставот, а со тоа и со владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок на Републиката, утврдена со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Преку владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија, се обезбедува примена на правните норми и во конкретни случаи и таа примена претставува механизам којшто го исклучува самоволието и арбитрарноста, односно обезбедува супремација на правото преку почитување на начелото на уставност и законитост, како и слободите и правата на човекот и граѓанинот. Правната сигурност на граѓаните, исто така, е основа за функционирање на владеењето на правото. Владеењето на правото е основа и гаранција за остварување на сите останати темелни вредности на нашиот уставен поредок.

Во случајот, со оспорениот член 12 став 1 од Законот, не се повредува оваа темелна вредност на уставниот поредок само со предвидувањето можност за траење на подолго работно време, туку и преку употребената правна формулација: „во просек 60 часа неделно во текот на годината“ во овој став, која е непрецизна и остава простор за арбитрарност од страна на работодавачот и отвора начин преку кој може во текот на една година да се воведе и подолго време, при што со ваквото нормирање од гледна точка на оваа темелна вредност, се загрозува правната сигурност.

10. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

11. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр148/2021
У.бр.15/2022
13 јули 2022 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска