Решение У.бр.92/2021 и У.бр.95/2021

У.бр.92/2021 и У.бр.95/2021

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 71 и член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 202/2019, 256/2020 и 65/2021) на седницата одржана на 22 јуни 2022 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛААТ иницијативите за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот 1 од Одлуката за изме­нување и дополнување на Одлуката за превентивни препораки, времени мерки, наредени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од заразната болест COVID-19 предизвикана од вирусот SARS-CoV-2, случаите и временскиот период на нивна примена („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.187/2021).

2. Дарко Јаневски и адвокатите Сашко Јовановски, Даница Трпковска и Златко Јолески, сите од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одредба означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите од иницијативата поднесена од Дарко Јаневски од Скопје, оспорената одредба од Одлуката била во директна спротивност со член 1 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија, од причина што била дискримина­торска, сегрегирачка и овозможувала граѓаните да ги изгубат нивните загарантирани права со Уставот. Со тоа ваквата нејасна и непрецизна одредба на оспорената одлука, предизвикувала правна несигурност, како дел од принципот на владеењето на правото, со што подносителот на иницијативата смета дека оспорениот член 1 од Одлуката бил во директна спротивност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Подносителот на иницијативата наведува дека со оспорената одлу­ка, Владата на Република Северна Македонија ги ставила во нееднаква и понеповолна положба угостителските објекти коишто се наоѓале надвор од Меѓународниот аеродром – Скопје и аеродоромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, а со тоа биле дискриминирани угостителите, поради што смета дека оспорениот член 1 од предметната одлука бил во спротивност со членот 9 од Уставот.

Во понатамошниот текст на иницијативата, подносителот ги цитира новододадените точки 11 и 12 од оспорениот член од Одлуката и смета дека биле спротивни на член 2, член 4 став 1 точките 1, 6, 9 и 11, член 5, член 7 ставови 1 и 2, членовите 8, 9, 10, 12, член 11 став 2 и членот 13 од Законот за спречување и заштита од дискриминација.

Во продолжението на иницијативата, подносителот наведува дека правото на граѓанинот да одлучи да изврши определена медицинска интервенција е негов личен избор што било загарантирано со Законот за заштита на правата на пациентите и дека во конкретниот случај, со оспорената одлука се забранувало правото на јавен собир, право на протест, слободата на говорот и правото на штрајк што претставувало директна дискриминација и дека оспорената одредба била во директна спротивност со член 6, член 7 ставови 1, 8, 9, 10 и 12 од Законот за спречување и заштита од дискриминација („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 258/2020), со член 9 од Уставот, со член 11 став 2 и со член 12 ставови 1 и 2 од Уставот.

Подносителот на иницијативата го цитира и член 4 став 1 точките 1, 2, 13 и 16 и член 13 став 1 од Законот за заштита на личните податоци и наведува дека членот 1 од оспорената одлука бил во спротивност со член 13 став 1 од Законот за заштита на личните податоци, како и во директна спротивност со членовите 18 и 25 од Уставот.

Во натамошното образлагање, подносителот на иницијативата ги цитира и членот 16 ставови 1, 2 и 3, член 21 ставови 1 и 2 од Уставот, член 1-а и член 2 став 1 од Законот за јавни собири и наведува дека со оспорената одредба од Одлуката, граѓанските права коишто биле загарантирани со Устав и закон: правото на протест, правото на јавен собир, јавен настап, правото на слободата на говор, правото да се прими и пренесе инфор­мација, односно правото на јавно информирање биле загаранти­рани само на оние лица кои биле вакцинирани против вирусот SARS-CoV-2 што било во директна спротивност со член 16 ставови 1, 2, 3 и 7, членовите: 9 и 21 и член 38 став 1 од Уставот, како и со член 6, член 7 став 1 и членовите: 8, 9, 10 и 12 од Законот за спречување и заштита од дискриминација.

Исто така, во своето образложение подносителот на иницијативата наведува дека со оспорената одредба од Одлуката, Владата ефективно кажала дека секој немал право на работа ниту имал право на слободен избор на работа и дека оспорената одредба била спротивна на член 32 ставови 1 и 2 од Уставот.

Во наводите на иницијативата се наведува и член 1 став 4 од оспорената одлука иако редарската служба немала ниту имплицитно, ниту експлицитно овластување или надлежност, да бара на увид потврди за имунизација од граѓаните што било со императивна одредба забрането согласно член 13 став 1 од Законот за заштита на личните податоци, така што со оспорениот член се вршела дискриминација врз основ на здравствена состојба.

Последователно, во иницијативата се цитира член 137 ставови 1, 2, 3 и 5 и член 353 став 1 од Кривичниот законик како и член 28 од Законот за полиција и се наведува дека ниту полицијата не можела да побара потврда за вакцинален статус против вирусот SARS-CoV-2 од граѓаните освен доколку се водела истрага против лицето со соодветен налог од судија на претходна постапка за да полицијата добие пристап до истата информација којашто се чувала во соодветна здравствена установа и дека оспорената одредба била во директна спротивност со членот 28 од Законот за полиција и со членовите 18 и 25 од Уставот.

Меѓу другото, во иницијативата се наведува дека Владата на Република Северна Македонија требало да го има предвид и член 51 став 1 од Уставот, според кој: „Во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот и сите други прописи со Уставот и законите“, па оттаму, членот 1 од оспорената одлука не бил во согласност со членот 51 од Уставот.

Исто така, подносителот во понатамошниот текст на иницијативата, го наведува и цитира членот 54 од Уставот според кој слободите и правата на човекот и граѓаните можеле да бидат ограничени само за време на воена или вонредна состојба, но во конкретниот случај нашата држава немала воведено ниту воена ниту вонредна состојба, а дури и да имало такво нешто, ограничувањата не можеле да бидат во делот на слободата на уверувањето, совеста, мислата, јавното изразување на мислата и вероисповеста, така што оспорената одредба била во спротивност и со членот 54 од Уставот на Република Северна Македонија.

Поради наведеното, со иницијативата се предлага да се поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот 1 од Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за превентивни препораки, времени мерки, наредени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од заразната болест COVID-19 предизвикана од вирусот SARS-CoV-2, случаите и временскиот период на нивна примена („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.187/2021) и истиот да се поништи како несогласен со Уставот и законите.

Во втората иницијатива, поднесена од адвокатите Сашо Јовановски, Даница Трпковска и Златко Јолески, сите од Скопје, се наведува дека оспорената одредба од Одлуката била целосно противуставна, противзаконска и неприменлива од повеќе аспекти и била во директна спротивност со одредени одредби од Уставот и со неколку одредби од Законот за заштита на правата на пациентите, Законот за здравствена заштита и Законот за спречување и заштита од дискри­ми­на­ција, како и дека е спротивна на Европската конвенција за заштита на човековите права, Универзалната декларација на ОН за правата на човекот од 1948 година и особено Резолуцијата 2361 од ден 27.01.2020 година, донесена од Парламентарното собрание на Европската Унија.

Според подносителите на оваа иницијатива, оспорената одредба од Одлуката на Владата била во директна спротивност со членовите 9, 10, 11 и 27 од Уставот кои се однесувале на еднаквоста на граѓаните во нивните слободи и права, неприкосновеност на правото на живот, неприкосновеноста на физичкиот и моралниот интегритет, како и правото на слободно движење на граѓаните.

Во продолжението на оваа иницијатива, подносителите наведуваат дека вакцинацијата против КОВИД-19 не била задолжителна и доброволна, па оттаму оспорената одредба од Одлуката на Владата директно го кршела правото на слобода на движење на граѓаните, гарантирано со член 27 од Уставот, како и член 9 од Уставот каде било предвидено дека граѓаните биле еднакви во своите права и слободи.

Исто така, тврдењата дека само невакцинираните лица го ширеле вирусот не биле реални, па предвидените забрани, казни и ограничувања, не смееле да се однесуваат само на невакцинираните граѓани, така што со Одлуката на Владата не биле земени предвид граѓаните кои веќе го прележале вирусот и со тоа истите биле ставени во нерамноправна положба, односно биле дискриминирани, како и оние лица кои поради разни алергии, здравствени проблеми и состојби не смееле да ја примат вакцината, подеднакво биле дискриминирани.

Според мислењето на подносителите на втората иницијатива, со оспо­рената одредба од Одлуката на Владата, исто така бил повреден и членот 11 од Уставот, т.е. неприкосновеноста на физичкиот и моралниот интегритет на граѓаните.

Во понатамошниот текст на иницијативата се наведува дека со оспорената одредба од Одлуката на Владата, индиректно и перфидно се вршело прекршување и на други членови од Уставот на Република Северна Македонија, од причина што се наведувало дека невакци­ни­раните лица не смееле да се движат во затворени простории каде имало повеќе од 30 лица што било спротивно на член 32 од Уставот – правото за работа, член 39 од Уставот – правото на здравствената заштита и на член 44 од Уставот – правото на образование, со тоа што на потполно здрави луѓе им се ограничувало правото на работа, правото на здраствена заштита и правото на социјализација.

Во натамошното образложение на иницијативата се наведува дека оспорената одредба од Одлуката била противзаконска и била во директна колизија со Законот за заштита на правата на пациентите, поточно со членот 6 од Законот кој предвидувал дека пациентот има право да учествува во одлучувањето за своето лекување, односно има право да прифати или да одбие определена медицинска интервенција, прекршување на членот 7 од Законот, кој предвидувал дека пациентот имал право на потполна информираност за евентуални последици или компликации од понудената медицинска интервенција, како и прекршување на член 14 од Законот за заштита на правата на пациентите, кој предвидувал право на прифаќање или одбивање на определена медицинска интервенција, така што со воведувањето на сертификати за вакцинација директно се повре­дувал и членот 25 од Законот за заштита на правата на пациентите.

Во продолжението на иницијативата се наведува дека оспорената одредба од Одлуката била спротивна и на член 3 став 1 и член 9 од Законот за здравствена заштита и на членовите 8, 9 и 12 од Законот за спречување и заштита од дискриминација.

Во понатамошниот текст на иницијативата се наведува дека оспорената одредба била спротивна и на дел 7 точка 7.3.1., точка 7.3.2., точка 7.3.4. и точка 7.5.2 од Резолуцијата број 2361 од 27.01.2020 донесена од Парламентарно собрание на Европската Унија, спротивна на членовите 1, 2, 3 и 5 од Универзалната декларација на ОН за правата на човекот од 1948 година, како и спротивна на членот 14 доразработен со членот 1 од Протоколот број 12 кон Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи од Европската конвенција за заштита на човековите права.

Поради наведеното, со иницијативата се предлага да се поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста и да се издаде и времена мерка со која би се запрело спроведувањето на оспорените одредби т.е. новододадените точки 11 (13) и 12 од Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за превентивни препораки, времени мерки, наредени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од заразната болест COVID-19 предизвикана од вирусот SARS-CoV-2, случаите и временскиот преиод на нивна примена („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 187/2021).

3. Судот на седницата утврди дека оспорениот член 1 од Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за превентивни препораки, времени мерки, наредени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од заразната болест COVID-19 предизвикана од вирусот SARS-CoV-2, случаите и временскиот период на нивна примена, гласел:

„Во Одлуката за превентивни препораки, времени мерки, наре­дени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од заразната болест COVID-19 предизвикана од вирусот SARS-CoV-2, случаите и временскиот период на нивна примена („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.263/20, 269/20, 275/20, 287/20, 292/20, 298/20, 304/20, 306/20, 317/20, 13/21, 45/21, 53/21, 55/21, 58/21, 64/21, 65/21, 75/21, 87/21, 94/21, 100/21, 106/21, 109/21, 113/21, 116/21, 119/21, 126/21, 133/21, 139/21, 141/21, 146/21, 153/21, 162/21 и 176/21), во член 13 точка 2. во алинејата 2 сврзникот „и“ на крајот од реченицата се заменува со точка.

Алинејата 3 се брише.
Точката 10. се менува и гласи:
„10. Се забранува во сите угостителски објекти и угостителскиот објект/дел за исхрана во угостителските објекти за сместување (хотел, мотел, хостел, пансион и друг објект за сместување), на бензинските станици, казината и обложувалниците и други објекти кои во склоп на истиот даваат угостителски услуги, прием на посетители и гости и послужување во затворениот дел на објектите, а во текот на работното време се дозволува работа на отворените делови – тераси од угостителскиот објект и служење пијалаци во внатрешноста на казината, обложувалниците и автомат клубовите, почнувајќи од 16 август 2021 година.

Угостителските објекти кои се регистрирани за прослави (ве­селби, свадби, родендени, крштевки и слично) можат да ја организираат работата како ресторани на отворено во отворениот дел од угос­ти­тел­скиот објект, односно на терасите и да организираат свадби со присуство на музичари, согласно соодветниот наменски протокол и се дозволува работа само на отворените делови – тераси од угостителските објекти, почнувајќи од 16 август 2021 година.

Исклучок од ставот 1 од оваа точка, се угостителските објекти на Меѓународниот аеродром Скопје и Аеродромот „Св.Апостол Павле“ во Охрид, како и угостителскиот објект/дел за исхрана во угостителските објекти за сместување (хотел, мотел, хостел, пансион и друг објект за сместување) за посета од лицата сместени во овие објекти“.

По точката 10 се додаваат две нови точки 11. и 12. кои гласат:
„11. Се забранува влез во секаков вид на објект, вклучително и во угостителски објекти, каде има повеќе од 30 присутни посетители/гости/лица, за настан од секаков вид (прослава, веселба, свадба, роденден, крштевка, концерт, семинар, обука, работилница, конференција, културен или спортски настан), без поседување и приложување на потврда за извршена имунизација од вирусот SARS-CoV-2, најмалку прва доза на вакцина, почнувајќи од 16 август 2021 година.
Наредената мерка од ставот 1 од оваа точка, задолжително се применува и за организација, работа и присуство/учество и на секаков вид на настан на отворен простор, каде има повеќе од 30 присутни посетители/ гости/лица.
Потврдата од ставот 1 од оваа точка, не се однесува за лица под 18 годишна возраст.

12. Се забранува организација и работа без ангажирање и присуство на редарска служба, во објекти, капацитети, простории кои даваат услуги кон корисници угостителски објекти, кафетерии, барови, ноќни клубови (дискотеки), како и угостителскиот објект/дел за исхрана во угостителските објекти за сместување (хотел, мотел, хостел, пансион и друг објект за сместување), на бензинските станици, казината и обложувалниците и други објекти кои во склоп на истиот даваат угостителски услуги, угостителските објекти кои се регистрирани за прослави (веселби, свадби, родендени, крштевки и слично), како и при организирање настан од секаков друг вид (концерт, семинар, обука, курсеви, состаноци, работилница, конференција, културен или спортски настан), почнувајќи од 16 август 2021 година.

Точката 11 станува точка 13.“.

4. Уставниот суд на Република Северна Македонија, согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Во член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд уредено е дека Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со иницијативите се оспорува членот 1 од Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за превентивни препораки, времени мерки, наредени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од заразната болест COVID-19 предизвикана од вирусот SARS-CoV-2, случаите и временскиот период на нивна примена („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.187 од 09.08.2021 година), со кој се вршат измени и дополнувања на точките 2, 10, 11 и 12 од членот 13 од основната одлука.

Во понатамошната постапка, Судот утврди дека по поднесувањето на иницијативите, Владата на Република Северна Македонија, дополнително има донесено неколку одлуки за изменување и дополнување на Одлуката за превентивни препораки, времени мерки, наредени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од заразната болест COVID-19 предизвикана од вирусот SARS-CoV-2, случаите и временскиот период на нивна примена објавени во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.204/2021, 220/2021, 234/2021, 237/2021, 242/2021, 261/2021, 291/21, 50/2022, 78/2022, 92/2022, 96/2022 и 106/2022.

Судот, исто така, утврди дека со последната измена на Одлуката за превентивни препораки, времени мерки, наредени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од заразната болест COVID-19 предизвикана од вирусот SARS-CoV-2, случаите и временскиот период на нивна примена објавена во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.106/2022 од 03.05.2022 година, согласно членот 3 од оваа одлука членовите 13 и 14 од основната одлука се бришат, така што предметната одредба на членот 1 од оспорената одлука не е повеќе во правниот поредок, поради што Судот оцени дека се настапени условите за отфрлање на иницијативата поради постоење на процесни пречки за одлучување согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд.

5. Со оглед на сето горенаведено, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.92/2021
У.бр.95/2021
22 јуни 2022 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска