Решение У.бр.7/2022

У.бр.7/2022

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 1 јуни 2022 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на законитоста на член 171 став 3 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.149/2021, 299/2021, 303/2021 и 32/2022), склучен помеѓу Министерството за внатрешни работи и Македонскиот полициски синдикат.

2. Нехат Лужа од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на законитоста на одредбата означена во точката 1 од Решението.

Подносителот на иницијативата ги цитира членовите 105 и 106, член 116 став 1, член 117 ставови 2 и 7 од Законот за работни односи и смета дека оспорената одредба, односно делот којшто гласи: „Доколку работникот одработи повеќе од 32 часа прекувремена работа во месецот, за останатите часови користи исклучиво слободни денови”, е во спротивност со членовите 116 и 117 од Законот за работни односи со кои законодавецот ја ограничил горната граница до која можел еден работник да се ангажира на работа и тоа 40 часа редовна работа и плус 8 часа прекувремена работа во неделата, односно на 190 часа прекувремена работа во текот на годината, како и на членовите 105 и 106 од истоимениот закон со кои законодавецот определил дека работникот имал право на исплата за одработените часови што со оспорената одредба од Колективниот договор се негирало и било предвидено работникот да користи исклучиво слободни денови.

Поради тоа, подносителот на иницијативата предлага Судот да поведе постапка за оценување на законитоста на оспорениот член 171 став 3 од Колективниот договор на МВР („Службен весник на Република Македонија” број 149/2021), по што истиот да се укине, односно да се поништи.

3. Судот на седницата утврди дека оспорениот член 171 став 3 од Колективниот договор („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.149/2021, 299/2021, 303/2021 и 32/2022), е со следната содржина: „Доколку работникот одработи повеќе од 32 часа прекувремена работа во месецот, за останатите часови (над 32 часа) користи исклучиво слободни денови. Користењето на слободните денови се пресметува на начин што реализираните работни часови се зголемуваат за 40%, па потоа се делат со бројот на работни часови во една смена (осум часа) односно шест часа прекувремена работа се заменуваат со еден слободен ден, според следната формула: 6 x 1,40 : 8 = 1 “.

4. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Уставниот суд на Република Северна Македонија, со Решение У.бр.10/2022, на 11 мај 2022 година оценувајќи ја законитоста на оспорената одредба од член 171 од Колективниот договор на МВР на Република Северна Македонија, не повел постапка за оценување на законитоста на член 171 ставови 2, 3 и 4 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.149/2021, 299/2021, 303/2021 и 32/2022), склучен помеѓу Министерството за внатрешни работи и Македонскиот полициски синдикат.

Имајќи предвид дека Уставниот суд веќе одлучувал за истата работа, а нема основи за поинакво одлучување, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија за отфрлање на иницијативата за оценување на законитоста на член 171 став 3 од Колективниот договор на Министерство за внатрешни работи.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.7/2022
1 јуни 2022 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска