Соопштение

Свеченост по повод заминување во пензија на персонал во Уставниот суд

Денеска во Уставниот суд со пригодна свеченост беше одбележано завршувањето на кариерата на петмина вработени, дел од персоналот на Судот кој неуморно придонесуваше за работата на оваа институција, секој во својот делокруг на работење. 

Претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска и останатите судии им се заблагодарија за соработката, вложениот труд и професионалноста во изминатите години. 

„Уставниот суд ви е бескрајно благодарен на вашата посветеност, професионална работа,  сиот труд да го вложите во интерес на граѓаните и до последен ден да останете доследни на вашите принципи во работењето”, им порача претседателката Кацарска на вработените кои заминуваат во пензија. 

Со најдолг работен стаж од 39 години во Уставниот суд е Љупка Величковска, која работеше како сметководителка. Уставниот суд е второто работно место за советничката на Судот задолжена за подготовка на реферати, Здравка Бојаџиевска, која работи овде од 1984 година. 

После 32 години работа во Уставниот суд во пензија заминува уште еден советник на Судот, Југослав Миленковиќ кој покрај подготовката на реферати, во одреден период од својата кариера бил задолжен за комуникација со новинарите.

Една година по вработувањето на Миленковиќ, како технички секретар во Судот е вработена Соња Димитрова, која се пензионираше со 31 година работен стаж во Уставниот суд. 

На денешната седница беше ставен на дневен ред последниот реферат на советничката на Судот, Соња Данова која ја заврши кариерата во Уставниот суд после 17 години работа на предмети.