Дневен ред

Дневен ред за XXII-та седница на Уставниот суд (29.06.2022) во 9:30 часот

I. РАЗГЛЕДУВАЊЕ НА ИНИЦИЈАТИВИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ НА УСТАВНОСТА И ЗАКОНИТОСТА НА:

1. Реферат У.бр.126/2021

Оспорен: Член 200 став 5 од Законот за стечај („Службен весник на Република Маке¬донија“ бр.34/2006, 126/2006, 84/2007, 47/2011, 79/2013, 164/2013, 29/2014, 98/2015 и 192/2015)

Подносител: Д-р Марјан Попески

Дел од наводите во иницијативата:

Според наводите од иницијативата, оспорениот член 200 став 5 од Законот за стечај не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 6 од Уставот (правната заштита на сопственоста), како и со член 9 став 2 од Уставот, според кој граѓаните пред Уставот и законите се еднакви. Подносителот на иницијативата бара да се укине член 200 став 5 од Законот бидејќи смета дека со ваквата одредба му се овозможува на правното лице коешто нема својство на парнична странка да продолжи да води судски постапки, што во пракса би значело дека правното лице во стечај и по бришењето од судскиот регистар може да води парници.

2. Реферат У.бр.41/2022

Оспорен: Делот „или е под суспензија или е укинат“ од став 3 од член 57 од Законот за урбанистичко планирање („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.32/2020)

Подносител: Кристина Бачовска Синколи преку адвокат Роберт Бачовски Синколи од Скопје

Дел од наводите во иницијативата:

Според наводите од подносителот на иницијативата, оспорениот дел од одредбата во делот „или е под суспензија или е укинат“ од Законот за урбанистичко планирање не е во согласност со член 8 став 1 алинеи 1, 3, 6, и 10, член 30 ставови 1 и 3, член 51 став 1 и член 54 од Уставот на Република Северна Македонија. Подносителот, меѓудругото наведува дека со законската можност да не се издава извод од детален урбанистички план од важечкиот план, се кршат бројни права и слободи, односно пред сè, се повредува правото на градење коешто произлегува од правото на сопственост, а кое било уставно загарантирано право.

II. БАРАЊЕ ЗА ЗАШТИТА НА СЛОБОДИ И ПРАВА:

1. Барање за заштита на слободи и права по предметот Реферат У.бр.146/2021

Оспорени: Пресудата МАЛВП-705/20 од 14.04.2021 година на Основниот граѓански суд Скопје и Пресудата ГЖ-2666/21 од 30.09.2021 година на Апелациониот суд Скопје

Подносител: Влатко Стојановски преку адвокат Филип Медарски од Скопје

Дел од наводите во барањето:

Подносителот на иницијативата смета дека со пресудите на двата суда, Основниот граѓански суд Скопје и Апелациониот суд Скупје е повредена уставно гарантираната слобода на изразување и членот 10 од Европската конвенција за човекови права. Според него државата преку соодветни државни институции не ја гарантирала неговата безбедност на 27.04.2017 година при извршување на работната задача во Собранието, а двата суда со пресудите не ги зеле предвид тужбените барања за повреда на слободата на изразување и настаните коишто му се случиле односно директните напади кон него во Собранието, бидејќи како новинар известувал за прашања од јавен интерес(конституирање на ново парламентарно мнозинство).