Соопштение

Соопштение по XVI-та седница на Уставниот суд

Почитувани,

Уставниот суд денеска ја одржа шеснаесеттата седница за 2022 година на која присуствуваа сите пет судии. По расправа за предметите од денешниот дневен ред одлучи да:

1.Реферат У.бр.53/2021- Предлогот на судијата-известител за неповедување на постапка не го доби потребното мнозинство и овој предмет ќе биде ставен на една од наредните седници.

Оспорен: Член 244-а став 1 од Кривичниот законик

Подносител: Елизабета Цветковска, адвокат од Куманово

Според подносителот на иницијативата, оспорениот став 1 од членот 244-а од Кривичниот законик не е во согласност со член 8 став 1 алинеи 3, 6, 8 и 11, членот 9, членот 51 и член 91 алинеја 1 од Уставот. Подносителот во иницијативата наведува дека со предвиденото казниво дело во Кривичниот законик се прави дисбаланс во нормативното уредување на односите во општеството поради неусогласеност на постоечката законска регулатива со која се уредува предметната материја. 

2.Реферат У.бр.26/2022- Уставниот суд поведе постапка за членот 3 став 1 во делот: „брачниот статус на сопружниците“ од Одлуката за доделување еднократна парична помош на семејствата со новороденче на подрачјето на Општина Ѓорче Петров во 2022 година („Службен гласник на Општина Ѓорче Петров“ бр.18/2021), донесена од Советот на Општина Ѓорче Петров.

Подносител: Денис Димовски од Скопје.

Според наводите во иницијативата оспорениот дел од членот 3 на Одлуката, не е во согласност со одредбите од членовите 40, 41 и 34 од Уставот и со Законот за спречување и заштита од дискриминација по основ на дискриминација за семејна или брачна состојба и спречување и заштита од дискриминација во остварувањето на правата загарантирани со Уставот и ратификуваните меѓународни договори. Според подносителот на иницијативата, оспорениот дел од Одлуката, упатува на потребата барателот да поднесе и документ за „брачниот статус на сопружниците“, кон барањето за доделување на еднократна парична помош на семејството со новороденче од подрачјето на Општината Ѓорче Петров, меѓу другите документи кои се набројани во членот 3. За состојбата на брачниот статус на апликантите, според подносителот, воопшто не треба да се доставува доказ бидејќи еднократната помош се доделува на новороденче. Меѓу другото, подносителот наведува дека со оспорениот дел од членот 3 на Одлуката се доведуваат во нерамноправна положба вонбрачните семејства бидејќи за оние кои немаат документ за статусот на брачна заедница не им се дава паричната помош за новороденче или во пракса се бара изјава дека се работи за самохран родител што е невистинито, кога се работи за вонбрачна семејна заедница каде родителите не склучиле брак, а се во заедница.

3.Реферат У.бр.29/2022- Уставниот суд ја отфрли иницијативата со која беа оспорени:

Решение на Основниот граѓански суд во Скопје I ВПП 1 бр.93/21 од 23.12.2021 година и Решение на основниот граѓански суд во Скопје I ВПП 1 бр.93/21 од 16.03.2022 година, 

Подносител: Божана Талеска од Скопје, преку полномошник Маја Талеска од Скопје.

Според наводите во иницијативата, оспорените решенија донесени од страна на Основниот граѓански суд во Скопје не се во согласност со Законот за парничната постапка, Законот за вонпарничната постапка, како и со Кривичниот законик. Како причини за оспорување, подносителот ги наведува: висината на досудените трошоци во постапката, погрешно утврдена фактичка состојба при пресметка на трошоците, суштествени повреди на Законот за парнична постапка и Законот за вонпарнична постапка поради недоставување на писмени поднесоци до полномошникот на предлагачот и суштествена повреда на член 392 ставови 1 и 5 од Законот за парнична постапка, поради донесено решение на судија врз основа на невистинита содржина на писмен документ за пресметани трошоци за застапување наведени во адвокатски трошковник и доставени до судот од страна на адвокатот.