Дневен ред

Преглед на иницијативи за оценување на уставноста и законитоста предложени за XV-та седница на Уставниот суд на Република Северна Македонија закажана за 11.05.2022 година (среда), со почеток во 09,30 часот

I. РАЗГЛЕДУВАЊЕ НА ИНИЦИЈАТИВИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ НА УСТАВНОСТА И ЗАКОНИТОСТА НА:

1. Реферат У.бр.27/2022

Оспорен: Член 42 став 2 во делот „и кој не е постар од 60 години“ од Законот за изменување и дополнување на Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр.83/2018).

Подносител: Гордана Пашоска и Соња Костовска, двете од Скопје

Од наводите во иницијативата:

Подносителите на иницијативата го оспоруваат член 42 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр.83/2018) кој гласи: „За судија поротник може да биде избран полнолетен државјанин на Република Македонија со завршено најмалку средно образование, кој активно го владее македонскиот јазик, ужива углед за вршење на оваа функција и кој не е постар од 60 години”, при што акцентот на оспорување го ставаат на делот „кој не е постар од 60 години.”. Според подносителите на иницијативата, ограничувањето на старосна граница од 60 години на лицатa да бидат судии-поротници било во спротивност на членот 8 од Уставот во поглед на основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот како и со владеење на правото како темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија (став 1, алинеи 1 и 3) и со членот 9 од Уставот со кој граѓаните се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви. Според наводите во иницијативата, дискриминацијата што произлегувала од оспорениот член создавала противуставна разлика односно не дозволувала еднаков третман на судиите-поротници во поглед на законскиот лимит на работната способност на сите граѓани во Република Северна Македонија односно 64 годишна возраст според одредбите на Законот за работни односи.

2. Реферат У.бр.5/2022

Оспорени: Членовите 115, 116 и 117 од Законот за пензиското и инвалидско осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.98/2012, 166/2012, 15/2013, 170/2013, 43/2014, 44/2014, 97/2014, 113/2014, 160/2014, 188/2014, 20/2015, 61/2015, 97/2015, 129/2015, 147/2015, 154/2015, 173/2015, 217/2015, 27/2016, 120/2016, 132/2016, 35/2018, 220/2018 и 245/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 180/2019, 275/2019, 31/2020, 267/2020 и 67/2022).

Подносител: Здравко Тумбовски од Радовиш.

Од наводите во иницијативата:

Подносителот во иницијативата наведува дека членовите 115, 116 и 117 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување биле во спротивност со член 20 ставовите 1 и 2 од Уставот, како и со членот 1, членот 14, член 16 став 1 и членот 22 од Законот за здруженија на граѓани и фондации, поради тоа што, министерот за труд и социјална политика и Министерството за труд и социјална политика не можеле да формираат фонд за социјална помош, да зачленуваат во здружение на пензионери, да формираат регистрирана организација на Сојузите на здруженија на пензионери на Македонија, собраните пари да ги уплаќаат на трезорска сметка, и самиот министер да се овластува да ја пропишува потребната документација за исплата на посмртната помош.
Во однос на оспорениот член 115 од Законот, подносителот на иницијативата смета дека бил спротивен на член 20 ставови 1 и 2 од Уставот и Законот за здруженија на граѓани и фондации од причина што Министерството за труд и социјална политика, т.е. Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија, немале овластување да задржуваат средства за членарина за членување во здруженија на пензионери, како невладино здружение на граѓани основано согласно Законот за здруженија на граѓани и фондации. Средствата по основ на солидарен фонд не требало да се уплаќаат на трезорска сметка, како што пропишува законската одредба, бидејќи тие не биле пари од даноци, акцизи и слично, туку биле приватни средства на членовите на Здружението на пензионери на Македонија.
Во однос на членот 116 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, според подносителот, истиот бил неуставен, од причина што, законодавецот формирал нова „регистрирана организација на Сојузот на здруженијата на пенэионерите на Македонија“, и истата не ја изразувала волјата на пензионерите, бидејќи била формирана од страна на полнолетни граѓани, кои не биле пензионери, и не била регистрирана во Централен регистар на Република Северна Македонија, поради што, таа претставувала вештачка творевина на законската одредба од член 116 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување. Понатаму во иницијативата се наведува дека, во членот 117 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, се пропишувало дека посмртната помош ја врши Фондот за пензиското и инвалидското осигурување на Македонија, наместо тоа да го вршело самото здружение на пензионери. Исто така, Законот за пензиското и инвалидското осигурување не предвидувал обврска до чпеновите на здруженијата да се достави извештај, колку средства се собрани, колку се потрошени, за кои намени истите се потрошени итн.

3. Реферат У.бр.10/2022

Оспорен: Член 171 ставови 2, 3 и 4 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.149/2021, 299/2021, 303/2021 и 32/2022), склучен помеѓу Министерството за внатрешни работи и Македонскиот полициски синдикат.

Подносител: Синдикат на полиција во Македонија – Велес.

Од наводите во иницијативата:

Според наводите во иницијативата, оспорените одредби од член 171 ставови 2, 3 и 4 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи не биле во согласност со членовите 8, 9 и 51 од Уставот на Република Северна Македонија, членот 148 ставови 2 и 3 од Законот за внатрешни работи и членот 117 ставови 2 и 3 од Законот за работните односи. Во иницијативата, меѓу другото, се наведува дека оспорените одредби од ставовите 2, 3 и 4 од Колективниот договор предвидувале дека наместо зголемување на плата како вонреден работен додаток со согласност на работникот може да се определи истиот да користи слободни денови (став 2). Понатаму, во ставот 3 е предвидено доколку работникот одработи повеќе од 32 часа прекувремена работа (законски предвидени во месецот), за останатите над 32 часа користи исклучиво слободни денови пресметани со математичка формула за давање на слободен ден, а во ставот 4 е наведено дека работникот кој слободните денови не ги искористил во тековната календарска година, може да ги користи најдоцна до 30 јуни следната календарска година. Според подносителот на иницијативата, од уставните одредби, Законот за внатрешни работи и Законот за работните односи, произлегувало дека нормираните решенија во оспорените одредби од Колективниот договор не биле во согласност со Уставот и законите бидејќи со оспорените одредби од Колективниот договор се дозволувало спротивно на законите, работникот во Министерството да биде ангажиран со прекувремена работа на дозволените 32 часа во месецот и за прекувремената работа за деновите над 32 часа нема да биде платен туку во замена за тие денови може да добие исклучиво користење на слободни денови кои може да ги искористи во рок до 30 јуни наредната година и тоа по слободна волја на раководителот кој може да му дозволи или нема да му дозволи користење на слободни денови по основ на прекувремени часови работење, што немало законски основ.

II. БАРАЊА ЗА ЗАШТИТА НА СЛОБОДИ И ПРАВА:

1. Барање за заштита на слободи и права по предметот Реферат У.бр.66/2021

Подносител: Авдула Меметај, преку полномошникот Стојан Михајловски, адвокат од Скопје.

Од наводите во барањето:

Според подносителот на барањето со решенијата донесени во постапка пред Основниот граѓански суд – Скопје и Апелациониот суд – Скопје му биле повредени слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот што се однесуваат на забрана на дискриминација на граѓаните врз основа на пол. Подносителот на барањето, исто така, бара заштита на правото на еднаквост, гарантирано со членот 9 од Уставот, а во врска со остварувањето на правото на презумпција на невиност гарантирано со членот 13 од Уставот и член 6 став 2 од Европската конвенција за заштита на човековите права и му било повредено правото на сеемен живот како составен дел од правото на почитување на приватниот и семејниот живот гарантирано со член 40 од Уставот и член 8 став 1 од Европската конвенција за заштита на човековите права и исто така бара да се поништат наведените решенија на Основен граѓански суд Скопје и Апелациониот суд Скопје.
По овој предмет, Уставниот суд одржа јавна расправа на 16 декември 2021 година.