Соопштение

Меѓународна конференција во Анкара по повод 60 години од основањето на турскиот Уставен суд

Делегација на Уставниот суд предводена од претседателката Добрила Кацарска присуствуваше на меѓународна конференција во Анкара на тема „Толкување на Уставот во заштитата на човековите права и слободи”. Конференцијата беше организирана во периодот 25-27 април по повод одбележување на 60-годишниот јубилеј на Уставниот суд на Република Турција.       

Во рамки на првата сесија беа отворени темите за улогата на толкувањето на опсегот на основните права и слободи; толкување на турскиот Уставен суд за проширување на опсегот на правата и слободите во неговите одлуки за проверка на уставноста, толкувањето и судската политика во уставна јурисдикција: интервенционизам, усогласеност и стратегии и беше отворена дискусија за природата на уставното толкување: компаративна оценка за сличноста и разликата помеѓу уставното толкување и правното толкување.

Во рамки на втората сесија се дискутираше за реперкусијата на меѓународното право за човекови права во толкувањето на уставните права и слободи. Специјалниот претставник на Венецијанската комисија, Џиани Букикио зборуваше за компаративното уставно толкување како средство за промовирање на демократијата, заштитата на човековите права и владеењето на правото. 

На завршната сесија учесниците направија компаративно толкување на уставните одредби во одделни земји. На темата за  Европскиот суд за човекови права и толкувањето на уставните права како институционални и теориски иницијативи говореше проф. Седат Јуксел, која е и судијка во ЕСЧП во Стразбур. Златко Кнежевиќ, член на Уставниот суд на Босна и Херцеговина говореше на тема „Толкување на Уставот во заштитата на основните права и слободи“.

Меѓу темите за дискусија беа и толкувањето на Уставот на индонезискиот Уставен суд поврзано со заштитата на основните права и слободи, како и толкувањето на уставната пресуда на Република Кореја: преседани во случајот на Уставниот суд.

Под покровителство на претседателот на турскиот Уставен суд, Зухту Арслан, претставници на делегации од 26 држави одржаа конференција и во Истанбул, за важноста на меѓународната соработка во уставната надлежност. 

Меѓу свеченостите по повод 60-годишниот јубилеј, делегациите присуствуваа на ифтарска вечера организирана од претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган. Уставниот суд на Република Турција организираше програма која опфати посети на повеќе историски места во Истанбул. Делегацијата на Уставниот суд на Република Северна Македонија беше во состав од претседателката Добрила Кацарска, секретарот на Судот Александар Лазов и советничката на Судот за односи со јавноста, Христина Беловска. На лична покана од претседателот на турскиот Уставен суд присуствуваше и поранешниот претседател на Судот, Сали Мурати. 

ГАЛЕРИЈА: