Решение У.бр.76/2021

У.бр.76/2021

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 23 февруари 2022 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за начин на спроведување на постојните урбанистички планови и урбанистичко плански документации и донесување нови урбанистички планови и урбанистички проекти како и за начинот на водење на постапките за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти, бр.08-2409/4 од 15.03.2021 година, донесена од страна на Советот на Општина Охрид („Службен гласник на Општина Охрид“ бр.3/2021 од 16.03.2021 година).

2. Драган Коровешовски од Охрид, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Во наводите на иницијативата, најпрвин се наведуваат и цитираат член 8 став 1 алинеи 1, 3, 6, 7, 9 и 10, член 8 став 2 и членот 51 од Уставот, членовите 22, 51 и 71 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002), членот 47 од Законот за градење („Службен весник на Република Македонија“ бр.130/2009), членот 94 од Законот за градежно земјиште, со членовите 1, 4, 5, 6, 7, 9, 18, 19, 20, 21, 22, 23, 25, 27, 31, 38, 49, 50, 56, 57, 58, 59 и 110 од Законот за урбанистичко планирање („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.32/2020) и со членот 1 од Законот за постапување со бесправно изградени објекти („Службен весник на Република Маке­донија“ бр.23/2011).

Според подносителот на иницијативата, со оспорената одлука се вршела повреда и на членовите 13, 14 и 18 од Европската конвенција за заштита на човековите права.

Во наводите на иницијативата се наведува дека Владата на Република Северна Македонија на седницата одржана на 21.01.2020 година го донела Планот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион (2020-2029) со Акциски план, врз основа на член 13 став 1 од Законот за управување со Светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион („Службен весник на Република Македонија“ бр.75/2010). Овој план, според подносителот, не претставувал закон и не можел правно да ги стави вон сила цитираните прописи. За заштита на Охрид постоеле прописи во форма на закони коишто биле во важност и по нив досега се воделе постапки, но на законски предвиден начин и форма. Општината Охрид, па и Советот не можеле да донесат одлука, бидејќи со одлука не смеело да се нарушат уставноста и законитоста, но сепак одлуката била донесена и градоначалникот ја прифатил.

Според подносителот на иницијативата ,со оспорената одлука, Советот на Општина Охрид, неосновано ја довел во прашање уставната гаранција на правото на сопственост, со што го повредил член 30 став 1 и став 3 од Уставот на Република Северна Македонија.

Понатаму, подносителот на иницијативата наведува дека во членот 110 од Законот за урбанистичко планирање било уредено дека со денот на отпочнување на примена на овој закон, престанува да важи Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија” број185/2011, 44/2015, 193/2015, 31/2016, 163/2016, 90/2017, 64/2018 и 168/2018), а согласно членот 111 од овој закон, Законот влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија”, а ќе отпочне да се применува во рок од 120 дена од денот на влегувањето во сила, па оттука произлегувало дека овој закон започнал да се применува од јуни 2020 година.

Во Законот за просторно и урбанистичко планирање бил предвиден нов дел под наслов „Важење на урбанистички планови и нивна суспензија” при што во член 23 став 1 било предвидено дека урбанистичкиот план е на сила од донесувањето на нов урбанистички план, а согласно ставот 2, ако одлуката за донесување на урбанистичкиот план се укине во целост, донесувачот на планот е должен да отпочне постапка за изработување и донесување на нов урбанистички план за истиот плански опфат по постапка од членот 21 од овој закон, а ако одлуката за донесување на урбанистичкиот план се укине за дел од планот односно за одредени негови плански одредби, донесувачот на планот бил должен да отпочне постапка за изработување и донесување на изменување и дополнување на укинатиот дел од планот по постапката од членот 31 од овој закон.

Понатаму, подносителот на иницијативата ги цитира ставовите 3, 4, 5, 6 и 8 од членот 23 од Законот за урбанистичко планирање и наведува дека во гореспоменатите одредби било уредено прашањето во кои случаи и во каква постапка можело да се суспендира примената на урбанистички план или негови делови, кои биле обврските на донесувачот на планот, кои биле последиците, како и временските рокови, што претставувал законски основ за суспензија на примена на детален урбанистички план или негови делови.

Поради сето горенаведено, подносителот на иницијативата предлага Судот да донесе времена мерка со која оспорената одлука нема да се применува бидејќи била донесена спротивно на постапката за донесување на ДУП, а со истата се суспендирале сите генерални и детални планови на Општина Охрид, при што ќе се спроведувала селективно, односно оние граѓани кои имале одобренија пред да се објави одлуката да имаат право да градат надвор од одлуката, како и оние граѓани чии објекти не биле од интерес за определбата на Владата. За разлика од нив другите граѓани биле дискриминирани и истите не смееле да аплицираат за одобрение ниту да градат иако деталниот план се уште бил во важност. Ниту Владата, ниту Општина Охрид имале право во незаконска постапка да стават вон сила ДУП, бидејќи при неговото донесување се водела грижа и за заштита на животната средина и пошироките општествени интереси. Според подносителот на иницијативата, Планот за управување на светско природно и културно наследство на Охридскиот Регион бил донесен од тело коешто немало можност ниту ингеренции да го промени ДУП-от, ниту пак бил составен од лица кои имале право да го направат тоа во законска постапка. Меѓу другото, подносителот наведува дека со Одлуката се стопирало и спроведувањето на Законот за постапување со бесправно изградени објекти, а неговото важење било лимитирано. Во тие рамки со донесената одлука се повредувале и човековите права на граѓаните на Охрид преку нивна дискриминација со Одлуката во целост.

3. Судот на седницата утврди дека Одлуката број 08-2409/4 од 15.03.2021 година на Советот на Општина Охрид („Службен гласник на Општина Охрид“ бр.3/2021 од 16.03.2021 година) за начин на спроведување на постојните урбанистички планови и урбанистичко плански документации и донесување нови урбанистички планови и урбанистички проекти како и за начинот на водење на постапките за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти е донесена врз основа на член 22 став 1 точка 1, член 36 став 1 и член 62 од Законот за локалната самоуправа ( „Службен весник на РМ“ бр. 5/02) и член 18 став 1 од Статутот на Општина Охрид („Службен гласник на Општина Охрид“ бр. 08/07, 01/08, 10/10, 05/11, 09/14, 14/14, 10/19 и 15/20).

Според членот 1 од Одуката: „Општина Охрид ја почитува и прифаќа реафирмацијата на определбата на Владата на Република Северна Македонија да се зачува статусот светско наследство на УНЕСКО на природното и културното наследство на Охридскиот Регион.“

Во членот 2 од Одлуката е уредено дека „Урбанистичките планови, урбанистичките плански и проектни документации донесени пред стапување во сила на Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион (2020-2029), ќе се применуваат и спроведуваат согласно Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион (2020 – 2029).

Во постапките за донесување нови урбанистички планови и урбанистички проекти и во постапките за изменување и дополнување на постојните урбанистички планови и урбанистичко плански документации, да се применува Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион (2020-2029). “

Според членот 3: „При издавање изводи од детални урбанистички планови, урбанистички планови вон населено место, урбанистички планови за село, општи акти за села, урбанистичко-плански документации и архитектонско-урбанистички проекти, да се наведе потребата од примена на Планот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион (2020- 2029) при изработката на идејните и основните проекти.“

Во членот 4 од Одлуката е наведено дека: „Оваа Одлука не се однесува на барања за изградба и реконструкција на инфраструктурни објекти и на барања за градби од јавен интерес од државно и локално значење и тоа:

Јавен интерес од значење за Република С. Македонија се утврдува заради:
– градење на нуклеарни електрани, термоцентрали и хидроцентрали со капацитет од и над 1МВ, далноводи со напонско ниво од и над 35 КВ, градење на објекти за производство на електрична енергија од обновливи извори со капацитет до и над 1МВ, трафостаници со напонско ниво над 10 КВ и брани со акумулации,
– дислокација на енергетски објекти,
– градење на нафтоводи, продуктоводи, магистрални гасоводи, гасо­водни мерни станици,
– градење на секундарна гасоводна мрежа,
– поставување на оптички кабли за потребите на државните органи,
– градење на железнички пруги и железнички станици, аеродроми, државни патишта и мостови,
– градење на депонии за неопасен и депонии за опасен отпад,
– градење на објекти за потребите на одбраната, државните органи, агенциите и фондовите основани од Република Македонија,
– градење на објекти за потребите на дипломатско-конзуларни претста­вништва и меѓународни организации,
– градење на технолошки индустриски развојни зони основани од Владата на Република Македонија,
– градење на телекомуникациски центри за прием на сателитски сигнали,
– градење на гранични премини,
– градење на регионални водоснабдителни и канализациони системи со системи за пречистување,
– градење на објекти со инсталации за производство на топлинска енергија,
– градење на езерски и речни пристаништа,
– градење на стадиони и спортски сали со капацитет од над 10.000 гледачи,
– градење на објекти и изведување на работи за потребите на државните јавни служби во областа на образованието, воспитанието, спортот, науката, културата, здравството и социјалната заштита,
– градење на населби при големи природни катастрофи (земјотреси, поплави, пожари и лизгање на земјиште) и преселување на населби (потопување и еколошки причини) и
– експлоатација на минерални суровини од стратешко значење за Република Македонија

Јавен интерес од локално значење се утврдува заради:
– градење на објекти и изведување на работи за потребите на општинските јавни служби во областа на образованието, воспитанието, спортот, науката, културата, здравството и социјалната заштита,
– градење на далноводи со напонско ниво до 35 КВ и трафостаници со напонско ниво до 10 КВ,
– градење на трамвајски пруги,
– градење на објекти за противпожарна заштита,
– градење на локални водоснабдителни и канализациони системи со системи за пречистување,
– градење на стадиони и спортски сали со капацитет до 10.000 гледачи,
– градење на катни гаражи и
– градење на објекти за општа употреба и тоа: општински патишта, плоштади, јавни паркови, пазари, јавни паркиралишта и гробишта.

Начин на водење на постапките за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти на територијата на Општина Охрид.“

Според членот 5: „Постапките за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти времено се прекинуваат штом стигнат до фаза на изработка на Заклучок за пресметување на надоместок за утврдување на правен статус на бесправен објект, а за погоре наведените бесправни објекти кои се вон плански опфат, да се прекинат до фаза на донесување на Одлука на Советот на Општина Охрид за утврдување потреба од донесување урбанистичко планска документација со цел вклопување на бесправно изградените објекти и тоа за објекти кои се наоѓаат:
– Во крајбрежен појас на Охридско Езеро дефиниран со Планот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион (2020- 2029)
– Во граници на Национален парк Галичица, освен во зоната за одржливо користење.

За оние постапки за кои се поднесени барања за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти во крајбрежен појас на Охридско Езеро дефиниран со Планот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион (2020- 2029), а не ги исполнуваат условите за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, може да се донесе Решение за одбивање или отфрлање на барањето за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти.

Постапките за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти кои се надвор од крајбрежниот појас продолжуваат согласно Законот за постапување со бесправно изградени објекти и сите негови измени и дополнувања.“

Согласно членот 6, oваа одлука стапува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Охрид“ и ќе важи до 31.12.2021 година.

4. Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Ре­публика Се­вер­на Македонија, Устав­ниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Врз основа на член 22 став 1 точка 1, член 36 став 1 и член 62 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002) и член 18 став 1 од Статутот на Општина Охрид („Службен гласник на Општина Охрид“ бр. 08/07, 01/08, 10/10, 05/11, 09/14, 14/14, 10/19 и 15/20), Советот на Oпштина Охрид на седницата одржана на ден 15.03.2021 година ја донел Одлуката за начинот на спроведување на постојните урбанистички планови и урбанистичко плански документации и донесување нови урбанистички планови и урбанистички проекти, како и за начинот на водење на постапките за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти. Во членот 6 од Одлуката, е утврдено дека оваа одлука стапува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Охрид“ и ќе важи до 31.12.2021 година.

Од вака утврдената фактичка состојба произлегува дека оспорената одлука има темпорален, времен карактер, со важност до 31.12.2021 година и дека е исцрпена во примената со што повеќе не е во важност. Поради тоа, Судот утврди дека постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата и дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, за отфрлање на иницијативата.

Имајќи ја предвид утврдената правна и фактичка состојба произлегува дека во случајот не се исполнети условите за донесување на времена мерка согласно членот 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија.

5. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.76/2021
23.02.2022 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска