Решение У.бр.141/2019

У.бр.141/2019

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеи 1 и 3 и член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 2 февруари 2022 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Тања Каракамишева Јовановска од Скопје за заштита на правото на забрана на дискриминација по основ на национална припадност и правото на слобода на уверување, совеста, мислата и јавното изразување на мислата од член 110 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија.

2. Тања Каракамишева Јовановска од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе барање за заштита на правото на забрана на дискриминација по основ на национална припадност и правото на слобода на уверување, совеста, мислата и јавното изразување на мислата од член 110 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, гарантирани со меѓународни документи.

Според наводите на подносителката на барањето слободите и правата и биле повредени со:

– Дејството потпишување на поединечен акт, „Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во Резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на привремената Спогодба од 1995 и за воспоставување на стратешко партнерство помеѓу страните склучена во Преспа (Нивици) Грција на 17.06.2018 меѓу „Првата страна“ Грција претставувана од министерот за надворешни работи Никос Коsијас и „Втората страна“ (безимена држава) претставувана од министерот за надворешни работи, Никола Димитров.
– Дејствата за склучување на оваа спогодба, нејзиното имплементирање, дејствата за покренување на постапка за измена на Уставот во Собранието на Република Македонија согласно овој акт, формирање административен заеднички интердисциплинарен комитет за цензура и слобода на говорот, дејствата на согласување на државата под странски притисок на дополнителни услови за прием во ООН и тековно водење на земјата под привремена референца.
– Дејство на непреземање на заштита на слободите и правата преку откажување од поставување на прашањето за легалноста на дополнителните услови наметнати за Македонија за прием и правниот статус на Република Македонија во ОН, односно дејствата на враќање на уставното име во ОН и барање на советодавно мислење на Меѓународниот суд за правдата во Хаг во врска со приемот на Република Македонија во ООН, извршен со дополнителни услови и притисок од странска земја, и
– Дејствата на согласноста од Република Македонија да биде примена под дополнителни услови надвор (од членовите 1, 2 и 4) од Повелбата на ОН и обврската да води преговори за своето име со странска држава.

Со решение на Основниот суд Скопје 2, Скопје XXII-П4-163/19 од 28.03.2019 година, а постапувајќи по тужба на подносителката на барањето против Република Северна Македонија и Владата на Република Северна Македонија за утврдување на ништовност на „Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во Резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на привремената Спогодба од 1995 и за воспоставување на стратешко партнерство помеѓу страните склучена во Преспа (Нивици) Грција на 17.06.2018 година меѓу „Првата страна“ – Грција претставувана од министерот за надворешни работи Никос Коsијас и „Втората страна“ (безимена држава) претставувана од министерот за надворешни работи, Никола Димитров, како и заштита на нејзините лични права утврдени со Уставот на државата и со меѓународните и европските документи за заштита на човековите права и слободи, Основниот суд се огласил за апсолутно ненадлежен да постапува по тужбата, поради што тужбата била отфрлена. Во решението судот констатирал дека предметниот спор не спаѓал во надлежност на судот, туку во надлежност на Уставниот суд.

Во врска со наведеното решение во законски предвидениот рок поднесена била жалба до Апелациониот суд Скопје, кој постапувајќи по жалбата донел Решение ГЖ-2626/19 од 02.09.2019 година, со кое ја одбил жалбата како неоснована и го потврдил решението на Основниот суд Скопје 2, Скопје и ја упатил странката пред Уставниот суд за заштита на слободите и правата.

Врз основа на наведеното, а имајќи предвид дека со поединечниот акт Конечна спогодба за решавање на разликите опишани во Резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на привремената Спогодба од 1995 и воспоставување на стратешко партнерство помеѓу страните, и наведените дејствија, државата и власта на подносителката на барањето и ги повредиле личните слободи и права гарантирани во Уставот, а кои произлегувале и од соодветните меѓународни документи за заштита на човековите права и слободи, од кои причини е поднесено барањето со цел заштита на нејзините основни човекови права и слободи и тоа:

Правото на еднаквост, односно забрана на дискриминација по основ на национална припадност од член 110 став 1 алинеја 3 од Уставот, чија основа се меѓународно гарантирани права и слободи:

Правото на еднаквост во достоинството и правата од член 1 од Универзалната декларација за човековите права (УДЧП), правото на еднаквост на правата и слободите од наведената декларација, без разлика на јазик, национално потекло и земја на потекло, без разлика на правен или интернационален статус на земјата на припаѓање, без разлика на ограниченост на суверенитетот од член 2 од Декларацијата, еднаква заштита од дискриминација на правата од Универзалната декларација од член 7, правото на забрана на мешање во приватноста и напади на честа и угледот и правото на заштита од законот од такви мешања или напади од член 12, правото на националност, ни лишување од истото од член 15, право на образование со почитување на човековите права и основните слободи, толеранција меѓу нациите и правото на избор на родителите на образованието за нивните деца од член 26 од Универзалната декларација и правото на социјален и меѓународен ред во кој правата ќе се реализираат од член 28, правото на почитување на принципот на еднакви права и самоопределување на луѓето од член 1 став 2 од Повелбата на ОН, правото на суверена еднаквост на сите членки на ОН од член 2 став 1 точка 1 од Повелбата на ОН, сите членки мора да се воздржуваат во меѓународните односи од употреба на закани или употреба на сила за политичка независност на секоја земја од член 2 став 1 точка 4, право на немешање во домашната јурисдикција од ОН или членка на истата согласно член 2 став 1 точка 7 од Повелбата, еднакви услови за прием предвидени во Повелбата и пресудите на ОН од член 4 став 1, принципот на еднакви права и самоопределување на луѓето, почитување и заштита на човековите права без дискриминација од член 55 став 1ц.од Повелбата, правото на забрана на понижувачко постапување од член 3 од Европската конвенција за човекови права, забрана за дискриминавија од член 14 од Европската конвенција, правото на образование од член 2 од Протоколот 1 од Европската конвенција, ништовност на договор склучен спротивно на задолжителна норма на општо меѓународно право (јус когенс) и под принуда од член 53, 52 и 64 од Виенската конвенција за договорно право намерно наметување на животни услови на група, кои се пресметани да ја уништат целосно или делумно групата, односно геноцид – културен геноцид, или обид за геноцид согласно член 2 став 1ц од Конвенцијата за превенција и санкционирање на геноцидот на ОН, Декларацијата за правата на домородните луѓе на ОН, Конвенцијата за правата на детето, Меѓународната конвенција за сите форми на расна дискриминација.

Слобода на уверување, совест, мисла и јавно изразување на мислата од член 110 став 1 алинеја 3 од Уставот чија основа се следните меѓународно гарантирани права и слободи:

Правото на слобода на мислата, совеста, убедувањето или самостојно или во заедница со други и правото на манифестирање на своите убедувања во учење и пракса од член 18 од Универзалната декларација, правото на слобода на мислата, правото на задржување на мислење без мешање и да се бара, прима и соопштува информации и идеи низ медиуми без разлика на границите од член 19 од Универзалната декларација, правото на учество во културниот живот во заедницата од член 27 од Декларацијата, правото на почитување на приватниот живот од член 8 од Европската конвенција, член 9 слобода на уверување и совеста, слобода на изразување од член 10 од наведената конвенција, намерно наметнување на животни услови на групата, кои се создадени да ја уништат целосно или делумно групата, односно геноцид – културен геноцид или обид за геноцид согласно член 2 став 1ц. од Конвенцијата за превенција и санкционирање на геноцидот на ОН, Конвенцијата за правата на домородните луѓе на ОН, Конвенцијата за правата на детето.

Понатаму во барањето се наведени начините на сторување на повредите:

Склучениот поединечен акт Спогодба со КОНТИНУИРАНО ТРАЈНО ДЕЈСТВО и дејствата на нејзино имплементирање преку формирање на административниот Заеднички комитет, дејствата на покренување и водење на постапка за измена на Уставот во Собранието на Република Македонија согласно овој акт, се дејства на повреда на правата и слободите на барателите на заштита и тоа на следниот начин:

Спогодбата, во делот на Преамбулата, е склучена од страна на министерот на Република Македонија, без име на земјата на подносителката на барањето, односно со навредлива описна формулација, („Втора страна“), а за граѓаните на другата страна не е применет истиот критериум и истите се претставени со името на нивната земја Хеленска Република.

Понатаму, подносителката на барањето наведува дека ова е директна повреда на нејзиното право на еднаквост како државјанин на нејзината земја, односно забрана за дискриминација и почитување на нејзиното достоинство и углед како државјанин на Република Македонија. Со спогодбата покрај повредата со член 110 став 1 алинеја 3 од Уставот, повредени се и член 1, 2, 7 и 28 од Универзалната декларација за човековите права, правото на еднаквост во достоинството и правата од член 1 став 2 од Повелбата на ОН, правото на суверена еднаквост на сите членки на ОН од член 2 став 1 точка 1 од Повелбата на ОН, сите членки мора да се воздржат во меѓународните односи од употреба на закани или употреба на сила за политичка независност на секоја земја од член 2 став 1 точка 4 од Повелбата на ОН, право на немешање во домашната јурисдикција од ОН или членка на истата согласно член 2 став 1 точка 7 од Повелбата, принципот на еднакви права и самоопределување на луѓето, почитување и заштита на човековите права без дискриминација од член 55 став 1ц од наведената повелба, правото на забрана на понижувачко постапување од член 3 од Европската конвенција за човековите права, забрана за дискриминација од член 14 од наведената конвенција, потпишан е ништовен договор склучен спротивно на задолжителната норма на општото меѓународно право и со повреда на член 46, член 48, член 49, член 52, член 53 и член 64 од Виенската конвенција за договорно право.

Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во Резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на привремената Спогодба од 1995 и воспоставување на стратешко партнерство меѓу двете страни, според подносителката била во спротивност со член 2, член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 11, член 25, член 48, член 50, член 51 и член 52 од Уставот на Република Македонија како и во спротивност со член 9-а, член 11, член 16, член 17, член 39, член 41, член 43 и член 44 од Законот за облигационите односи на Република Македонија.

Понатаму, во барањето се наведува дека Конечната спогодба била во директна спротивност со член 2 став 1, член 2 став 4 и член 2 став 7 од Повелбата на ООН чија содржина ја цитира.

Во барањето, исто така, се наведува дека Конечната спогодба не ја заштитува правната еднаквост на Република Македонија како суверена држава која има еднаков статус со Хеленската Република согласно Повелбата на ООН. Со неа се кршел член 1. Забрана за мешање на една членка или Организација во строгата внатрешна јурисдикција на која било држава. Со спогодбата, на „Втората страна“ како што е наречена Република Македонија, и се наложуваат од „Првата страна“, односно од Хеленската Република, обврски што се дел од строгата внатрешна јурисдикција на Република Македонија, со што Грција флагрантно го повредува суверенитетот на Република Македонија и внатрешниот уставно-правен поредок на Република Македонија.

Конечната спогодба излегува од рамката на Резолуцијата бр.845 (1993) којашто по повикувањето на Резолуцијата бр.817 (1993) ги охрабрува Грција и Бившата Југословенска Република Македонија на соработка со ко-претседавачите на Надзорниот комитет на Меѓународната конференција за поранешната Југославија со цел да дојдат до брзо решавање на разликата за името. Имено, оваа спогодба е „договор за решавање на разликите“, а разликата и преговорите за името во Конечната спогодба се трансформирани во разлики и преговори за македонскиот идентитет, историјата, македонскиот јазик, културата, образованието, политичкиот и административниот систем во земјата, Уставот на Република Македонија, слободите и правата на човекот и граѓаните во Македонија.

Со Конечната спогодба се наметна потребата од итни уставни измени со цел промена на уставното име „Република Македонија“ кое никаде не е спомнато во спогодбата со ново име „Република Северна Македонија“ и со придавки изведени од новото име.

Со конечната спогодба пропишани се и начинот, времето и надзорот над имплементацијата на сите решенија во правниот и политичкиот систем на „Втората страна“ од Првата, односно од Хеленската Република. Овие процеси претставуваат директно грчко мешање во внатрешните работи на Република Македонија како суверена и самостојна држава формирана врз правото на самоопределување на македонскиот народ согласно одлуките донесени на Првото заседание на АСНОМ во 1944 година.

Иако од насловот на Конечната спогодба се утврдува престанок на важноста на Привремената спогодба од 1995 година, во ниту еден член на Спогодбата не е спомната пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг, донесена 2011 година за прекршување на член 11 од страна на Република Грција со блокирањето на добивањето покана за членство на „Бившата Југословенска Република Македонија“ во НАТО, на самитот во Букурешт од 2008 година.

Понатаму, во барањето се наведува дека оспорената Конечна спогодба е во спротивност со член 1 од Привремената спогодба од 1995, во која „Првата страна“ ја признава „Втората страна“ како независна и суверена држава, како и со член 3 со кој „секоја страна се обврзува да ги почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на другата страна“.

Конечната спогодба недвосмислено не ги почитува суверени-тетот и политичката независност на Република Македонија со што директно го повредува универзалното начело на „еднаквост на сите членки“ загарантирано во Повелбата на ООН и го дерогира правниот субјективитет на недискриминација во претставувањето на членството на државите во ООН.

Според подносителката на барањето, Конечната спогодба е склучена надвор од постапката уредена со Законот за склучување, ратификација и извршување на меѓународните договори („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/1998), надвор од утврдените правила во Уставот, но и спротивно на правилата содржани во Виенската конвенција за договорно право. Министерот за надворешни работи на Република Македонија, г.Никола Димитров го заобиколи претседателот на Републиката г. Иванов, кој согласно Уставот и закон е единствен надлежен орган да стави потпис на ваков вид договори. Прикачувањето на вториот дел од договорот кон Конечната спогодба за уредување на прашања што никогаш не биле спорни меѓу двете земји, како што се, засилена економска соработка, размена на искуства во земјоделството, спортот, туризмот итн. не го менува правниот факт дека министерот за надворешни работи презел обврски надвор од своите уставни и законски овластувања.

Истовремено, со начинот на договарање и склучување на Конечната спогодба се игнорирал законски утврдениот формат на водење на преговори со национални посредници назначени од претседателите на двете земји. Спогодбата во име на „ Хеленската Република“ ја потпишал грчкиот министер за надворешни работи г. Коsијас, а во име на втората страна (која во спогодбата е безимена страна), министерот за надворешни работи г. Димитров, со што двојно е прекршен член 119 ставови 1 и 2 од Уставот на Република Македонија чија содржина е цитирана во барањето.

Во член 2 став 3 од Законот за склучување, ратификација и спроведување на меѓународните договори се наброени областите во кои Владата може да склучува договори, но во нив не само што го нема, туку не може ни имплицитно да се склучи прашањето за името.

Од наведената причина подносителката смета дека станува збор за ultra vires чин со кој потписникот Никола Димитров излегол надвор од своите надлежности, односно ги пречекорил уставните и законски овластувања. Со оглед на фактот дека никаде во Уставот нема ниту збор за надлежен орган или постапка за промена на нашето име, што значи дека ниту Владата ниту Собранието немаат овластување, ниту надлежност да менуваат име на државата. Името на државата не може да биде предмет на промена, бидејќи тоа е неразделен елемент од националниот и државен идентитет.

Со Конечната спогодба практично ни се наметнува ново национално и државно име, односно ни се забрани да имаме национално/државно име по сопствен избор и свој национален и личен идентитет каков што самите го чувствуваме и одлучуваме за него што е спротивно на сите акти од меѓународното право и е спротивно на сите меѓународни и европски документи за човековите права.

Со Конечната спогодба, на подносителката на барањето директно и е повредено нејзиното лично право на национален и личен идентитет за да ја определи нејзината етничка/национална група во која сакала да припаѓа, нејзиното лично право да има свој етнички/национален идентитет, повредено и е правото на лично и национално достоинство, личен и национален интегритет и чест како апсолутни, неотуѓиви права кои не смеат да бидат ограничени од никого, а најмалку од страна на властите на две држави.

Исто така, подносителката наведува дека името на државата е право на самоопределување на граѓаните на соодветната земја, односно нејзино лично право (член 1 став 2 од Преамбулата на ОН), право на суверена еднаквост на сите членки на ОН (член 2 став 2 точка 1 од Повелбата), сите членки мора да се воздржат во меѓународните односи од употреба на закани или употреба на сила за политичка независност на секоја земја (член 2 став 1 точка 4 од Повелбата), право на немешање во домашната јурисдикција од ОН или членка на истата (член 2 став 1 точка 7 од Повелбата), принципот на еднакви права и самоопределување на луѓето, почитување и заштита на човековите права без дискриминација (член 55 став 1ц од Повелбата), а со тоа и повреда на член 1, 2, 7 и 28 од Универзалната декларација, односно името на земјата не може да биде облигаторна обврска која се утврдува со спогодба со странска земја, наметната по преговори под уцена за прием во НАТО И ЕУ.

Двата референдуми во РМ, оној за независност од 08.09.1991 и од 30.09.2018, се изгласани „за суверена и самостојна држава Македонија“ без додавки и без придавки, а не за зависна земја со име определено со наметната Спогодба од странска земја, Грција, по преговори водени со уцена за прием во НАТО и ЕУ, спротивно на Повелбата на ОН, Универзалната декларација и Виенската декларација за договорно право.

Според подносителката, ова дејствие претставува и намерно наметнување на животни услови на граѓаните, на група, кои имаат за цел да ги уништат нејзините лични права, целосно или делумно правата на нејзината група, односно да се изврши геноцид – културен геноцид, или обид за геноцид, спротивно на член 2 став 1ц од Конвенцијата за правата на домородните луѓе на ОН (член 1-6 право на самоопределување, на културен идентитет, слободна согласност и забрана за дискриминација).

Понатаму, подносителката на барањето за заштита на нејзините лични права укажува дека не може властите во Грција да ја обврзуваат, а со тоа и да ја дискриминираат со наметнување обврска во нејзиниот личен извод на родени да биде запишана дека била родена во земја која никогаш не постоела, Република Северна Македонија. Истото се однесувало и на другите лични документи кои има обврска да ги промени спротивно на нејзиното лично чувство на припаѓање на државата Република Македонија.

„Името на мојата држава Р.Македонија и неговата употреба не претставува иредентизам кон Грција“ како што е утврдено во пресудата на Меѓународниот суд за правда во Хаг во пресудата на Р.Македонија спрема Грција.

Подносителката на барањето го цитира член 1 став 3б од Спогодбата каде се наведува дека „Државјанството на Втората страна ќе биде македонско/граѓанин на Република Северна Македонија, како што ќе биде заведено во сите патни документи“ и заклучува дека и со оваа одредба станува збор за повреда на правото да се забрани дискриминација во однос на граѓаните на Грција и почитување на нејзиното право на самоопределување и достоинство како државјанин на Р.Македонија.

Националноста е исто право на самоопределување, а не облигаторна дискриминаторска обврска што може да биде наметната од властите на соседна или која било друга држава.

Дали некој ќе биде по „националност“ граѓанин на „Северна“ селанец на Јужна или Марсовец е приватно право на самоопределување на истиот и не може да му го дискриминираат тоа право граѓаните на Грција преку нивната Влада со преговори водени под присила и уцена за прием во НАТО и ЕУ.

Според подносителката, не може властите во Грција да ја обврзат дали во личните документи/изводи на родени, венчани и слично да биде запишана спротивно на одлуката на двата референдуми како граѓанин на Република Северна Македонија.

Во член 1 став 3в од Спогодбата е наведена административна облигациона обврска, „кој да биде и како да се вика нејзиниот мајчин јазик“, а во член 7 став 4 е наведено облигационо административно ограничување на потеклото на јазикот.

„Спаѓа во групата на јужнословенски јазици. Двете страни изјавуваат дека официјалниот јазик и останатите одлики на Втората страна не се поврзани со античката хеленска цивилизација, историја, култура и наследство од северниот регион на Првата страна“.

Во член 8 став 4 во однос на употребата на официјалните географски имиња и топоними на другата страна, се дава приоритет на користење на ендоними, наместо егзоними.

Според подносителката со овој дел и било повредено правото на еднаквост, забрана за дискриминација, нејзиното право на самоопределување и заштита од културниот геноцид, затоа што за разлика од грчките граѓани кои сами си го определуваат својот јазик, јазикот на подносителката што треба да биде предмет на заштита се определувал со административна облигациона обврска од Владата на странска земја.

Правото на мајчин јазик е нејзино лично право преку кое го остварува и правото на самоопределување како дел од нејзиниот личен идентитет и право на достоинство.

Со одредувањето на групацијата на јазикот од страна на странска влада директно и се повредувал личниот идентитет на подносителката оформен согласно правото на самоопределување. Ова ограничување било во рамките на странско административно мешање во личните права на Македонците без разлика дали живеат во Македонија или надвор од неа.

Дали македонскиот јазик бил словенски или има и други примеси, дали се зборувал и пред 6 век на оваа територија или не, е прашање на науката, а не на странска влада, да го ограничува и да го става во административна рамка нејзиниот мајчин јазик.

Ограничувањето на македонскиот јазик и карактеристиките на Македонците само на нивната административна територија што се протега во рамките на државата претставува културен геноцид затоа што не може една административна влада да одредува кој јазик и која одлика каде ќе се простира во цивилизациска, историска, културна смисла и каде има такво наследство, затоа што тоа е работа на историјата како наука и на непреченото остварување на правото на самоопределување на луѓето.

Според подносителката ако овие права административно се ограничат, тогаш станува збор за дискриминација и секако за културен геноцид.

Со употребата на географските топоними во Грција директно се интервенира во името на нејзиниот мајчин јазик, затоа што топонимите во Грција се сменети 1912 година кога прв пат оваа држава го презела северниот дел од Турција, па така со ова нема да може да се користи топонимот на својот јазик во Солун, Вардар, и слични ( кои постојат во сите народни творештва, приказни, песни) додека Србите, Бугарите ќе можат да ги користат истите топоними кои се исти и во нивниот јазик, што е дискриминаторски и претставува повреда на слободата на говорот и мислата на подносителката (член 18, 19 и 27 од Универзалната декларација).

Поединечниот акт Спогодба, во делот на член 1 став 3 ѓ и ѓа во врска со член 7 став 3, 4, 2 и 1 „забранува секаква употреба на името Македонија и придавката македонски“, покрај на службените органи и јавните институции, така и на приватните ентитети и актери, на кои им се ускратува правото на финансиска поддршка за активности надвор од државата и само ако не се денационализираат, односно ако се откажат од нивната цивилизација, историја, култура и наследство, која како хеленска и припаѓа само на Грција (да не зборуваме дека историското наследство му припаѓа на светот).

Според подносителката, ова претставува дискриминација не само кон неа, туку и кон нејзините сограѓани, кои практично доживуваат културен геноцид од грчките власти, затоа што правото на името и придавката на македонска нација е право на самоопределување и нејзино идентитетско право кое не може со облигаторен декрет на две влади да се забрани, бидејќи станува збор за лични права кои и припаѓаат нејзе и на сите други граѓани Македонци, па дури и на правните лица – јавните институции формирани во државата.

Подносителката, понатаму наведува дека таа има лично и неприкосновено право да се нарекува како сака. Нејзините деца не сака да ја учат историјата напишана од Владата во Атина или во Софија, туку од историјата што е напишана од научници историчари кои преку оценка на објективните факти ќе излезат со вистината. Таа, ниту нејзините деца, не се должни да прифатат геноцидно ограничување од некоја туѓа влада посебно кога станува збор за цивилизацијата, историјата и културата.

Просто е невозможно подносителката да прифати дека во Р. Македонија може да има Албански национален театар, Турски народен театар, АЛ-САТ(Албанска сателитска) телевизија (не западно Албански театар, не источно Турски театар или не Западна АЛ САТ телевизија), а да нема, односно да се укине и забрани нејзиното право да има Македонски национален театар, Македонска опера и балет, да гледа Македонска радио и телевизија.

Понатаму, на подносителката не може да и се укине правото на заштита да членува и да има активности со македонски културно уметнички друштва кои имаат настапи во странство, финансирани од владини проекти за култура и сл.

Намерното наметнување на нејзините животни услови, како и оние на нејзината група, а воведени во интерес на целосно или делумно уништување на групата претставува геноцид – културен геноцид или обид за геноцид, согласно член 2 став 1ц од Конвенцијата за превенција и санкционирање на геноцидот на ОН и претставува повреда на право на самоопределување на културен идентитет, слободна согласност и забрана за дискриминација од член 1-6 од Декларацијата на домородните луѓе на ОН.

Поединечниот акт Спогодбата, во делот на член 1 став 6а и 6б, ја обврзува Република Македонија, самата да бара од сите меѓународни организации и држави кои сега ја признаваат под уставното име (над 130 држави во светот), да ја викаат под нејзиното наметнато име поради уцени за прием во НАТО и ЕУ од странска држава Грција, со што се повредува нејзиното право на недискриминација и достоинство на барателите на заштита, како нејзини жители, а во врска со правото на самоопределување.

Поединечниот акт Спогодбата, во делот на член 1 став 9 и став 3д, ја обврзува Република Македонија, како и самите граѓани, сами да извршат промени на личните документи како: изводи од раѓање, изводи од умрени на блиски лица, лични карти, пасоши, регистарски таблички и др. и да ги променат под новото наметнато име поради уцени за прием во НАТО и ЕУ, со што се повредува правото на недискриминација и достоинството, како носители и сопственици на тие документи, а во врска со правото на самоопределување, односно културен геноцид.

Поединечниот акт Спогодбата, во член 8 ставови 1, 2 и 3 „забранува употреба на симболите што Грција ги смета за нејзино историско и културно наследство, симболот што порано стоел на нејзиното државно знаме и и наметнува на Република Македонија да го уреди статусот на спомениците, јавните згради и инфраструктурата на нејзината територија од античка елениска историја и цивилизација, како грчко историско или културно наследство“ што претставува културен геноцид и наметната странска цензура на слободата на мислата и говор од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, затоа што историјата, културата и традицијата пред 6 век не може да им биде одземена, затоа што ова е земја во која живее подносителката, во која живееле нејзините предци, земја на Хераклеа, Стоби, Баргала, од каде таа има право и обврска да се грижи за нејзиното културно наследство.

Одземањето на ова нејзино право на културно наследство на својата земја и прекрстување на спомениците и јавните згради по желба на странска административна држава е цензура, културен геноцид и административно кроење на историјата, на нејзината земја, односно намерно наметнување на животни услови на Македонците.

Симболот на поранешното знаме на Република Македонија, шеснаесеткракото сонце е симбол кој стои по црквите, спомениците, археолошките наоѓалишта во Р.Македонија. Одземањето на правото на користење на истото е цензура и културен геноцид, при што не се објаснува зошто се ограничува само правото на Македонците, а не се одзема правото на користење на граѓаните од Египет, Сирија и др. земји се до Индија. И во овие држави, овој симбол се смета за дел од историското наследство, истоветно како на македонскиот народ.

Понатаму, подносителката го цитира член 8 став 5 од Спогодбата и наведува дека самото постоење на административно тело претставува цензура на слободата на нејзиниот говор како културен геноцид на македонската историја кој ќе се случува при наметнатата промена на учебниците на нејзините деца, од страна на странска влада, под супервизија на грчкото Министерство за надворешни работи.

Имајќи ја предвид пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг во која се наведува дека „употребата на името Република Македонија, не претставува иредентизам спрема Грција“ се добивал чист материјален доказ дека „иредентизам од македонска страна нема, ниту може да се најде. Оттука, целите на Спогодбата паѓаат во вода, бидејќи основот за нејзино склучување бил токму „за спречување на ирендентизам“ што е неоснован и уште поголема причина за воведување на ЦЕНЗУРА И НАСИЛНА ПРОМЕНА НА МАКЕДОНСКАТА ИСТОРИЈА И УЧЕБНИЦИТЕ што требало да ги учат деца на една група, што било културен геноцид.

Втора цел за „спречување ревизионизам“ е сама по себе повреда на правото на СЛОБОДА НА ГОВОР И КУЛТУРЕН ГЕНОЦИД врз децата на една нација, бидејќи според македонскиот речник „ревизионизам е обид да се ревидира важечка политичка ДОГМА“, а догма е религиозно замрзнат став – фашизам, не е наука, бидејќи во науката СЕ Е ПОДЛОЖНО НА РЕВИЗИОНИЗАМ ако се има аргументи и историска наука.

Поврзаноста на ставот 5 со претходните 1, 2 и 3 од истите членови 7 и 8 за административно бришење на историјата пред 6 век, за преправање и цензура на спомениците во оваа држава и исклучивото културно наследство на антиката е класичен доказ за повреда на правото на СЛОБОДА на ГОВОР и МИСЛА и за класичен КУЛТУРЕН ГЕНОЦИД, врз децата, нивните учебници, перење на нивниот мозок односно намерно наметнување на животни услови на групата кои се насочени да ја уништат целосно или делумно групата.

Поединечниот акт Спогодбата, во член 4 став 3 забранува Република Македонија да заштитува лица кои не се нејзини граѓани што е спротивно на меѓународното право, да се заштитува секоја жртва на повреда на човекови права како универзални.

Според член 6 став 1, на органите под индиректна контрола на државата им се забранува пропаганда за ревизионизам, спречува дејство на приватни ентитети, кои веројатно ќе поттикнат омраза, непријателство спрема другиот, член 6 став 3 да спречува пропаганда на приватни ентитети, кои ќе поттикнат непријателство и ревизионизам.

Со овие обврски, според подносителката, се повредува СЛОБОДАТА НА ГОВОР И МИСЛА од член 110 од Уставот (членовите 18, 19 и 27 од Универзалната деларација за човекови права).

Поединечниот акт Спогодбата, во член 20 точка 9 предвидува неотповикливост на Спогодбата, што е ништовен договор склучен спротивно на задолжителна норма на општото меѓународно право (ius cogens) и под принуда од членовите 52, 53 и 64 од Виенската конвенција за договорно право.

Поединечниот акт Спогодбата е склучена од министерот за надворешни работи, што е спротивно на член 119 став 1 од Уставот.

Дејствата на согласноста на Република Македонија да биде примена под дополнителни услови надвор од член 1, член 2 и член 4 од Повелбата на ОН под референца Бивша Југословенска Република Македонија и да се обврзе да води преговори за своето име со странска држава е повреда на правото на забрана за дискриминација во однос на други граѓани на членките на ОН и почитување на достоинството на барателите како граѓани на Република Македонија, односно покрај член 110 став 1 алинеја 3 од Уставот, повредени се и член 1, 2, 7 и 28 од Универзалната декларација за човековите права, правото на еднаквост во достоинството и правата од член 1 став 2 од Повелбата на ОН, правото на суверена еднаквост на сите членки на ОН од член 2 став 1 точка 1 од Повелбата на ОН, сите членки мора да се воздржуваат во меѓународните односи од употреба на закани или употреба на сила за политичка независност на секоја земја од член 2 став 1 точка 4 од Повелбата на ОН, правото на немешање во домашната јурисдикција од ОН или членка на истата согласно член 2 став 1 точка 7 од Повелбата на ОН, еднакви услови за прием предвидени во Повелбата и пресудите на ОН од член 4 став 1 од Повелбата на ОН, принципот на еднакви права и самоопределување на луѓето, почитување и заштита на човековите права без дискриминација од член 55 став 1ц од Повелбата на ОН, правото на забрана на понижувачко постапување од член 3 од Европската конвенција за заштита на човековите права, забрана за дискримионација од член 14 од наведената конвенција, потпишан е ништовен договор склучен спротивно на задолжителна норма на општото меѓународно право и под принуда од член 52, 53 и 64 од Виенската конвенција за договорно право итн.

Тековното дејство на непреземање на заштита на слободите и правата, преку откажување од поставување на прашањето за легалност на дополнителните услови наметнати на Република Македонија за прием и правниот статус на Република Македонија во ОН, односно откажување од дејствата на известување за враќање на уставното име во ОН и барање на соодветно мислење на Меѓународниот суд за правда во Хаг во врска со приемот на Република Македонија во ООН, под дополнителни услови и притисок од странска земја е повреда на правото на забрана на дискриминација во однос на други граѓани на членките на ОН како и повреда на другите права утврдени во веќе наведените меѓународни документи.

Оттука, според подносителката, сета оваа состојба претставува повреда на забрана на дискриминација која се вршела врз неа и врз сите Македонци од страна на друга држава членка на ОН, како и повреда на нејзиното достоинство како Македонка. Со ова дејствие, покрај член 110 став 1 алинеја 3 од Уставот повредени и биле и членовите 1, 2, 7 и 28 од Универзалната декларација за човековите права, правото на еднаквост во достоинството и правата од член 1 став 2 од Повелбата на ОН, правото на суверена еднаквост на сите членки на ОН од член 2 став 1 точка 1 од Повелбата на ОН, сите членки мора да се воздржуваат во меѓународните односи од употреба на закани или употреба на сила за политичка независност на секоја земја од член 2 став 1 точка 4 од Повелбата на ОН, правото на немешање во домашната јурисдикција од ОН или членка на истата согласно член 2 став 1 точка 7 од Повелбата на ОН, еднакви услови за прием предвидени во Повелбата и пресудите на ОН од член 4 став 1 од Повелбата на ОН, принципот на еднакви права и самоопределување на луѓето, почитување и заштита на човековите права без дискриминација од член 55 став 1ц од Повелбата на ОН, правото на забрана на понижувачко постапување од член 3 од Европската конвенција за заштита на човековите права, забрана за дискриминација од член 14 од наведената конвенција, потпишан е ништовен договор склучен спротивно на задолжителната норма на општото меѓународно право и под принуда од член 52, 53 и 64 од Виенската конвенција за договорно право, намерно наметнување на животни услови на група кои се со цел целосно или делумно да ја уништат групата односно геноцид – културен геноцид или обид за геноцид.

Врз основа на сето наведено, подносителката предлага нејзиното барање да биде усвоено во целост и да се утврди повреда на наведените слободи и права, да се поништи поединечниот акт и да се забранат наведените дејствија, а до донесување на конечниот акт Судот да донесе Решение за определување на времена мерка согласно член 57 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.

3. Согласно член 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Согласно членот 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Во членот 52 од Деловникот е предвидено дека во барањето од членот 51, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита на слободите и правата, актите или дејствијата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.

4. Тргнувајќи од член 110 алинеја 3 од Уставот и од членот 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, произлегува дека Уставниот суд во постапката за заштита на слободите и правата дава заштита само по однос на лично повредени слободи и права на подносителката на барањето, при што повредата настанала со конечен или правосилен поединечен акт или преземено дејствие од надлежен орган или институција на државата.

Во случајот, подносителката на барањето за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот, смета дека повредата на нејзините слободи и права и биле направени со повеќе дејствија опишани во точката 2 од ова решение.

Притоа, неспорно е дека согласно член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, покрај со поединечен акт кој треба да е конечен или правосилен, заштитата на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот, може да се бара и по другиот основ предвиден со истата одредба – дејство.

Меѓутоа, предуслов за мериторно разгледување на барањето, е претходна оцена дали наведените дејствија од страна на подносителката на барањето, може да се сметаат за дејствија во смисла на член 51 од Деловникот на Уставниот суд.

Имено, поимот „дејствие“ што е употребен во цитираната деловничка одредба, се однесува на оние дејствија на државните органи или друг носител на јавно овластување, кои се насочени кон остварувањето на одредена слобода или право предвидени со член 110 алинеја 3 од Уставот. Конкретноста и директноста е нивно основно обележје, односно станува збор за ситуација во која точно може да се идентификува сторителот на повредата, какво дејствие е преземено (или пак, станува збор за непреземање на дејство кога имало правна обврска да се преземе), но и кон кого конкретно било насочено самото дејствие. Во таквата ситуација, има непосредна поврзаност помеѓу дејствието и повредата и таа секогаш може да се индивидуализира.

Наспроти ова, од страна на подносителката на барањето се наведуваат неколку дејствија кои по својата природа се поврзани со склучување на меѓународен договор и неговото имплементирање или пак, се дејствија на непреземање активности за кои подносителката смета дека требало да бидат преземени. Како такви, тие не претставуваат „дејствие“ согласно член 51 од Деловникот на Уставниот суд и не може врз основа на тоа да се бара индивидуална заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот.

Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека дејствијата на кои се повикува подносителката на барањето, а што ги преземаат државните органи во вршењето на нивните надлежности, како што во конкретниот случај законодавниот дом пристапува кон измени на Уставот или при преземање на дејствија за донесување на закони, се однесуваат на неопределен број на субјекти во правото и тие имаат дејство erga omnes и не претставуваат поединечни дејствија.

Поради тоа, бидејќи не постојат процесни претпоставки за постапување на Уставниот суд на Република Северна Македонија, согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија се одлучи барањето да биде отфрлено.

Од наведените причини не се исполнети и условите за прифаќање на посебното барање за изрекување на времена мерка за запирање на извршувањето на дејствијата до донесување на конечната одлука.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.141/2019
2 февруари 2022 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска