Решение У.бр.130/2021

У.бр.130/2021

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 28 алинеја 2 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021) на седницата одржана на 02.02.2022 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 68 став 2 од Законот за нотаријатот („Службен весник на Република Македонија“ бр.72/2016, 142/2016 и 233/2018).

2. Здружението на граѓани за давање на правна помош на дискриминилизирани лица „Заштита од дискриминација“ од Виница, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 68 став 2 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата оспорената одредба била спротивна на членовите 9, 51 и 54 од Уставот, како и на членот 14 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи. Ова од причина што одредбата го ограничувала правото на граѓанинот сам да си состави приговор против издадениот платен налог, сам да состави жалба против решението на судот итн. што претставувало директна дискриминација на граѓанинот и неговото право сам да се застапува пред нотар или суд. Облигаторната норма наведените поднесоци од оспорената одредба да бидат составени од адвокат и да содржат адвокатски печат и потпис, односно во постапката странката да биде застапувана од адвокат ги ставала адвокатите во привилегирана положба, а граѓаните во подредена положба, бидејќи се ограничувало нивното право да одлучат дали им е потребен адвокат или не.

Висината на долгуваните износи за неплатени сметки (2000,оо или 3.000,оо денари) за кои се издавал платниот налог и можното повеќекратно зголемување за овие предвидени и други трошоци (би испаднале 20.000,оо денари) наспрема ограничувањето од одредбата граѓанинот сам да одлучи дали ќе користи адвокатски услуги или не, според подносителот на иницијативата, доведувало до тоа нормата да е дискриминаторска. На тоа се надоврзувал и фактот што граѓанинот немал пари да плати сметка од 2.000,оо денари, а државата го терала задолжително да „фати“ адвокат. Во прилог одел и фактот што имало правници по фирми или адвокати-пензионери кои слично или подобро можеле да се застапуваат самите, отколку да ги застапува адвокат.

Бидејќи се работело за право на граѓаните сами да одлучуваат како ќе се застапуваат, кое право било гарантирано во Уставот и споменатата коневенција, облигаторната оспорена одредба била противуставна и требало да биде укината од страна на Уставниот суд.

3. Судот на седницата, утврди дека според оспорениот член 68 став 2 од Законот предлог за издавање на решение за нотарски платен налог врз основа на веродостојна исправа, приговорот против решението со кое е издаден нотарски платен налог или по однос на одлуката за трошоците, приговорот против решението на нотарот со кое се отфрла предлогот како неуреден, предлогот за укинување на потврдата на правосилност и извршност, приговорот против решението на нотарот за укинување на потврдата за правосилност и извршност, приговорот против одлуката на нотарот со која се одбива предлогот за укинување на потврдата за правосилност и извршност, жалбата против решението на судот, задолжително ги составува адвокат и содржат адвокатски печат и потпис, освен доколку доверител е Република Македонија.

4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Во конкретниот случај, Судот со Решение У.бр.141/2016 од 5 јули 2017 година, меѓу другото, не повел постапка за оценување на уставноста на оспорениот член 68 став 2 од Законот за нотаријатот и одлучил дека истиот е во согласност со Уставот на Република Македонија. Во постапката по предметите У.бр.27/2017, У.бр.85/2018 и У.бр.7/2021 Судот ја отфлил иницијативата согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот затоа што веќе одлучувал за истата работа, а немало основи за поинакво одлучување.

Во образложението на наведените решенија, по однос на член 68 став 2 од Законот, но и по однос на останатите оспорени одредби од Законот за нотаријатот, Судот укажал дека законското решение предлогот за издавање на решение за нотарски платен налог од страна на доверител за побарувањата кои произлегуваат од наведените комунални услуги директно да се поднесува кај нотарот, е со цел зголемување на ефикасноста на постапките со што се обезбедувала поголема правна сигурност на граѓаните и правните лица, како и заштита на нивните права и интереси во постапката пред нотар. Според Судот присуството на адвокатите во постапката пред нотар било со цел обезбедување правна помош од страна на адвокатурата на физички и правни лица во остварувањето и заштитата на нивните права и врз закон заснованите интереси во постапката пред органите во вршењето на јавно овластување утврдено со Законот за адвокатурата и друг закон.

Што се однесува до прашањето за повреда на принципот на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите утврден во членот 9 од Уставот Уставниот суд смета дека не може да се постави во конкретниот случај. Ова од причина што од содржината на одредбата, но и од целината на одредбите од Законот за нотаријатот, доверителот и должникот, адвокатите ангажирани на страната на доверителот или пак должникот, како и нотарот имаат сосема различен статус и различни права и обврски во постапката за донесување на решение за нотарски платен налог што ги прави нееднакви во постапката. Принципот на еднаквост е повреден само во случај кога еднаквите по статус и позиција се доведуваат во нееднаква положба, што овде не е случај.

Од друга страна, согласно член 75 став 2 од Законот, наградата и надоместокот на трошоците кои доверителот му ги платил на нотарот и адвокатот се трошоци на постапката кои треба должникот да му ги плати на доверителот, што најчесто е случај кога должникот нема доброволно и навремено да ја исполни својата обврска. Оттаму, во контекст на наводите во иницијативата, одредбата е во функција на начелата на ефикасност и економичност во постапката, што е едно од основните начела за постапката кон што тежнее и целиот правосуден систем. Тоа треба да доведе истовремено до намалување на бројот на постапките за присилна наплата, со што побрзо ќе се остваруваат, односно побрзо ќе се реализираат побарувањата на доверителите. Впрочем, со одредбите од Законот за нотаријат и со оспорената одредба се врши поедноставување, забрзување на постапките со цел правилно функционирање на внатрешниот пазар, добро функционирање на постапките заради потребата од брза ефикасна наплата на неподмирените долгови, од причина што е јасно дека задоцнетото плаќање на долговите води кон неликвидност која е опасност за опстанувањето на компаниите. Оттука, со оспорената одредба од Законот се овозможува решавање на проблемите со масовната наплата на неспорните побарувања, што е и основна цел на Законот.

Имајќи предвид дека наводите од предметната иницијатива не се основа за поинакво одлучување, како и тоа што Судот во постапката по предметите У.бр.141/2016, У.бр.27/2017, У.бр.85/2018 и У.бр.7/2021 веќе одлучувал за истата работа исполнети се условите за отфрлање на иницијативата согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.130/2021
02.02.2022 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска