Решение У.бр.36/2021

У.бр.36/2021

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр. 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 24 ноември 2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за изменување и дополнување на Урбанистичкиот план вон населено место Ски центар Водно–Блок 3, Општина Карпош, број 08-1483/4 од 20.02.2015 година („Службен гласник на Општина Карпош“ бр.3/2015).

2. Невена Георгиевска од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорената одлука не била во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 10, членот 43 и членот 51 од Уставот на Република Северна Македонија, со членот 28 од Законот за просторно и урбанистичко планирање и со членот 65 од Законот за животна средина.

Ова од причини што Општина Карпош, при изготвувањето на оспорениот детален урбанистички план (ДУП), не ги почитувала наведените уставни и законски одредби, односно направен бил пропуст во постапката за донесување на наведениот ДУП, на начин што Одлуката за неспроведување на Стратегиска оцена за влијание на животната средина и формуларот не била објавена на веб-страницата на Општина Карпош, што била обврска предвидена со Законот за животна средина.

Во поткрепа на ваквото тврдење, како доказ до Уставниот суд се доставени извадоци (print screens) од сите одлуки објавени на огласната табла на Општина Карпош во периодот пред објавување на јавна анкета до донесување на овој урбанистички план вон населено место, односно во периодот од 03.02.2014 година, датум кога била донесена годишната програма за урбанистичко планирање за 2014 година, до 03.02.2015 година.

Користени биле и неколку алатки за пребарување на содржината и таква содржина не постоела ниту пак траг за неа. Со тоа, според подносителот на иницијативата, била нарушена постапката за донесување на Деталниот урбанистички план.

Со необјавувањето на Одлуката за неспроведување на стратегиска оцена за влијание на животната средина, на подносителот му било оневозможено правото на жалба по таа одлука кое му припаѓало според член 65 став 11 од Законот за животна средина.

Со оглед дека стратегиската оценка за влијание на планот врз животната средина претходи на донесување на конечната одлука за донесување на урбанистичкиот план, подносителот на иницијативата смета дека таа е составен дел на постапката за донесување на детален урбанистички план, чијашто уставност и законитост ја испитува Уставниот суд на Република Северна Македонија. Ова произлегувало и од досегашната работа на Уставниот суд и одлуките објавени на веб-страната на Судот (Решенија У.бр.172/2010, У.бр.222/2011, У.бр.6/2013, У.бр.73/2013, У.бр.95/2017, У.бр.134/2017, У.бр.135/2017, У.бр.136/2017, У.бр.123/2018 и други), од кои можело да се види дека Уставниот суд при оценката на деталните урбанистички планови ги ценел и овие аспекти и утврдувал дали била спроведена или не постапка за стратегиска оценка, што било документирано со одлуки на Министерството за животна средина.

Поради наведеното, се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука и истата да ја поништи.

Со оглед на тоа што со реализацијата на оспорениот урбанистички план би можеле да настанат тешко отстранливи последици, се предлага Уставниот суд, до донесување на конечна одлука за поништување на планот, врз основа на член 27 од Деловникот на Уставниот суд, да донесе и времена мерка, односно решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија преземени врз основа на оспорената одлука.

3. Судот на седницата утврди дека врз основа на член 22 став (1) точка 1 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на РМ” бр.5/02) и член 26 став (4) алинеја 3 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на РМ” бр.51/05, 137/07, 91/09, 124/10, 18/11, 53/11, 144/12, 55/13, 163/13 и 42/14), Советот на Општина Карпош, на триесеттата седница одржана на 20 февруари 2015 година, има донесено

О Д Л У К А
за изменување и дополнување на Урбанистичкиот план вон населено место, Ски центар Водно–Блок 3, Општина Карпош – Скопје

Член 1

Со оваа одлука се усвојува изменувањето и дополнувањето на Урбанистичкиот план вон населено место, Ски центар Водно–Блок 3, Општина Карпош – Скопје. Урбанистичкиот план е изработен според Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија” бр.51/05, 137/07, 91/09, 124/10, 18/11, 53/11, 144/12, 55/13, 163/13 и 42/14), Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр. 126/12, 19/13, 95/13, 167/13, 37/14, 125/14 и 148/14) и Правилникот за поблиска содржина и начинот на графичка обработка на плановите и за начинот и постапката за донесување на урбанистички планови („Службен весник на Република Македонија“ бр. 78/06 и 37/14).

Член 2

Просторот за кој се донесува Урбанистичкиот план е дефиниран помеѓу:
– од север: по осовина на општински локален пат Средно Водно – Милениумски Крст
– од исток: по осовина на општински локален пат Средно Водно – Милениумски Крст
– од југ: по осовина на општински локален пат Средно Водно – Милениумски Крст,
дефинирана граница согласно донесениот УПВНМ Ски-центар Водно – БЛОК 3, Општина Карпош, Скопје и по постоен објект за Милениумскиот Крст
– од запад: по западната граница на КП 904, КО Горно Водно, Општина Карпош.

Вкупната површина опфатена во рамките на опишаните граници изнесува 51,51 ха.

Член 3

Опфатот на Урбанистичкиот план ги содржи следните намени: времено сместување, големи угостителски единици, хотелски комплекси, комунална инфраструктура, некомпатибилна инфраструктура, заштитно зеленило, меморијални простори.

Во рамките на планот се предвидени следните класи и намени на земјиштето:

А4 – времено сместување
Б3 – големи угостителски единици
Б5 – хотелски комплекси
Е1 – комунална инфраструктура
Е2 – комунална супраструктура
Е3 – некомпатибилна инфраструктура
Д2 – заштитно зеленило
Д4 – меморијални простори

Максималната висина на градежната парцела наменета за хотелски комплекси изнесува П+2 (Постојна)
Максималната висина на градежната парцела наменета за големи угостителски единици изнесува (8.00м)
Максималната висина на градежната парцела наменета за времено сместување изнесува П+1 (Постојна)
Максималната висина за градежните парцели наменети за комунална супраструктура се движи од 3.00 м до 6.00 м
Максималната висина за градежната парцела наменета за меморијални простори изнесува (11.50.м).

Со планот се одредени
– Облик и големина на градежна парцела /м2/
– Регулациона линија,
– Градежна линија која го дефинира просторот во кој може да се гради,
– Максимална површина за градба во која може да се развие основата на објектот /м2/
– Процент на изграденост /%/
– Максимално развиена површина на објектот /м2/
– Коефициент на искористеност /К/
– Намена на објектот
– Максимална висина на објектот / до завршниот венец / од ниво на тротоар, сообраќајница или пристапна патека
– Паркирање-гаражирање на возилата во рамките на парцелите.

Член 4

Составен дел на оваа одлука се:
– Текстуален дел
– Графички прилози
– Основни параметри за уредување на просторот
– Табеларен приказ на урбанистичките параметри

Член 5

Урбанистичкиот план се заверува со печат на Општина Карпош и потпис на Претседателот на Советот на Општината.

Член 6

Урбанистичкиот план со сите негови делови се чува во Одделението за урбанистичко планирање на Општина Карпош.

Член 7

Оваа одлука влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во ”Службен гласник на Општина Карпош“.

Број: 08-1483/4                                                                                                                                                                            ПРЕТСЕДАТЕЛ
Датум: 20.02.2015 година                                                                                                                                          НА СОВЕТ НА ОПШТИНА КАРПОШ,
Скопје                                                                                                                                                                                м-р Сашо Лазаровски, с.р

4. Согласно член 8 став 1 алинеи 3 и 10 од Уставот, владеењето на правото и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и природата, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Според членот 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ број 51/2005, 137/2007, 91/2009, 124/2010, 18/2011, 53/2011, 144/2012, 55/2013, 163/2013 и 42/2014), кој бил во сила во време на донесувањето на оспорениот урбанистички план вон населено место, се уредуваат условите и начинот на системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите и содржината на плановите, изработувањето и постапката за донесување на плановите, спроведувањето на плановите и следењето на реализацијата на плановите, надзорот и други прашања од областа на просторното и урбанистичкото планирање (член 1).

Според член 7 став 1 од овој закон, во зависност од просторот кој е предмет на планирањето, се донесуваат следниве планови:

1) Просторен план на Република Македонија и
2) урбанистички планови:
– генерален урбанистички план,
– детален урбанистички план,
– урбанистички план за село и
– урбанистички план вон населено место.

Според членот 15-в од овој закон:

(1) Донесувачот на урбанистичките планови од членот 7 точка 2 од овој закон, државната урбанистичка планска документација, локалната урбанистичка планска документација, урбанистичко-планската документација за туристичка развојна зона и урбанистичко-планската документација за автокамп е должен во рок од три работни дена од денот на одобрувањето на планската програма од членот 15-а од овој закон, да донесе одлука за спроведување или одлука за неспроведување на стратегиска оцена за влијание врз животната средина и врз здравјето на луѓето, во која се образложени причините за спроведувањето, односно неспроведувањето на оцената на начин и постапка пропишани со Законот за животната средина.
(2) Доколку органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина во рок од 15 дена од приемот на одлуката со која е одлучено да не се спроведува стратегиска оцена за влијание врз животната средина и врз здравјето на луѓето, формуларите и другите придружни документи утврдени со Законот за животната средина, не донесе решение со кое го задолжува донесувачот на урбанистичкиот план, односно урбанистичко-планската документација да спроведе стратегиска оцена за влијание врз животната средина и врз здравјето на луѓето, не се спроведува стратегиска оцена.

Според член 61 став 5 од Законот за животната средина („Службен весник на Република Македонија“ брoj 53/2005, 81/2005, 24/2007, 159/2008, 83/2009, 48/10, 124/10, 51/11, 123/12, 93/13 и 42/14 и 44/2015), органите на државната управа и органите на единиците на локалната самоуправа, заради учество на јавноста во донесувањето на одлуки, се должни да ја известат јавноста за сите предлози за изработување, донесување, изменување или ревидирање на планови и програми, по пат на јавни известувања, или на друг соодветен начин, како што се електронските и печатените медиуми, како и да и овозможат на јавноста пристап до информации за предлозите, вклучувајќи и информации за правото на јавноста да учествува во постапката за одлучување по плановите и програмите и надлежниот орган до кого можат да се поднесуваат забелешки и прашања. Според ставот 6, органите од ставот (5) на овој член се должни да и обезбедат на јавноста право да ги изрази своите забелешки, предлози и мислења пред да се донесат одлуките за плановите и програмите, како и се должни при донесувањето на одлуките да ги земат предвид мислењата од учеството на јавноста.

Согласно член 65 став 6 на истиот закон, органот кој го подготвува планскиот документ е должен да донесе одлука за спроведување или одлука за неспроведување на стратегиска оцена во која се образложени причините за спроведувањето, односно неспроведувањето согласно со критериумите утврдени во прописот од ставот (4) на овој член. Според ставот 10, органот што го подготвува планскиот документ во рок од пет дена од денот на донесувањето на одлуката од ставот (6) на овој член, заедно со формуларите од ставот (20) на овој член е должен да ги објави на својата веб-страница на начин пропишан со актот донесен согласно со членот 61 став (8) од овој закон. Согласно ставот 11, против одлуката од ставот (6) на овој член, јавноста има право на жалба во рок од 15 дена од денот на нејзиното објавување на веб-страницата на органот кој го подготвува планскиот документ, до министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина кога одлуката ја носи градоначалникот на општината, општината во Градот Скопје или градоначалникот на Градот Скопје, односно до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен кога одлуката ја носи орган на државната управа. Според ставот 12, органот што го подготвува планскиот документ во рок од пет дена од денот на донесувањето на одлуката од ставот (6) на овој член, заедно со формуларите од ставот (20) на овој член, како и другите придружни документи е должен да ги достави до органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина. Согласно ставот 13, органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина во рок од 15 дена од денот на приемот на одлуката, формуларите и другите придружни документи од ставот (12) на овој член, со која е одлучено да не се спроведува стратегиска оцена, доколку оцени дека се исполнети условите за спроведување на стратегиската оцена на планскиот документ или истиот има значителни влијанија врз животната средина и здравјето на луѓето ќе донесе решение со кое го задолжува органот што го подготвува планскиот документ да спроведе стратегиска оцена на истиот. Според ставот 15, органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина е должен во рок од 15 дена од денот на приемот на одлуката, формуларите и другите придружни документи од ставот (12) на овој член, со која е одлучено да се спроведува стратегиска оцена ќе издаде решение со кое го определува обемот на стратегиската оцена доколку утврди дека истиот не е целосно определен од страна на органот што го подготвува планскиот документ. Согласно ставот 16, решението од ставовите (13) и (15) на овој член органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина е должен да ги објави на својата веб-страница, а според ставот 17, против решението од ставовите (13) и (15) на овој член засегнатата јавност, како и органот што го подготвува документот имаат право на жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен.

5. Од анализата на наведените уставни и законски одредби произлегува дека владеењето на правото и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата се темелни вредности на уставниот поредок на Републиката, во која смисла законодавецот со Законот за просторно и урбанистичко планирање пропишал прецизна регулатива во врска со планирањето на просторот, точно определувајќи ги плановите за просторно и урбанистичко планирање, нивната содржина и постапката за нивно донесување.

Изработка на стратегиска оцена за влијание врз животната средина и врз здравјето на луѓето е дел од постапката за донесување на плановите за просторно и урбанистичко планирање. Така, законодавецот пропишал дека во постапката за донесување на генерален урбанистички план, детален урбанистички план, урбанистички план за село и урбанистички план вон населено место, државната урбанистичка планска документација, локалната урбанистичка планска документација, урбанистичко-планската документација за туристичка развојна зона и урбанистичко-планската документација за автокамп, постои обврска за изработка на стратегиска оцена за влијание врз животната средина и врз здравјето на луѓето, во која смисла донесувачот на урбанистичкиот план е должен во рок од три работни дена од денот на одобрувањето на планската програма со која се утврдува границата и содржината на планскиот опфат, да донесе одлука за спроведување или одлука за неспроведување на стратегиска оцена за влијание врз животната средина и врз здравјето на луѓето, во која се образложени причините за спроведувањето, односно неспроведувањето на оцената на начин и постапка пропишани со Законот за животната средина.

Според Законот за животна средина, органот кој го подготвува планскиот документ е должен да донесе одлука за спроведување или одлука за неспроведување на стратегиска оцена во која се образложени причините за спроведувањето, односно неспроведувањето на стратегиска оцена за влијанието на планскиот документ врз животната средина и во рок од пет дена од денот на донесувањето на одлуката е должен да ги објави на својата веб-страница, заради запознавање на јавноста, како и да ги достави до органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина. Органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина, во рок од 15 дена од денот на приемот на одлуката со која е одлучено да не се спроведува стратегиска оцена, доколку оцени дека се исполнети условите за спроведување на стратегиската оцена на планскиот документ или истиот има значителни влијанија врз животната средина и здравјето на луѓето ќе донесе решение со кое го задолжува органот што го подготвува планскиот документ да спроведе стратегиска оцена на истиот, а решението е должен да го објави на својата веб-страница. Против ваквото решение засегнатата јавност, како и органот што го подготвува документот имаат право на жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен.

Имајќи го предвид наведеното, произлегува дека законодавецот пропишал јасна и прецизна постапка во врска со изработката на стратегија за влијанието на планскиот документ врз животната средина, како дел од постапката за изработка и донесување на урбанистички планови, во функција на заштита и унапредување на животната средина и на природата како темелни вредности на уставниот поредок на Републиката.

6. Во конкретниот случај, Општина Карпош донела Одлука за неспроведување на стратегиска оцена на влијанието врз животната средина за Урбанистичкиoт план вон населено место (УПВНМ) Ски центар Водно-Блок 3, Општина Карпош, бр.33-7348/6 од 01.11.2013 година и со свој допис бр. 33-24/11 од 07.02.2014 година, ја доставила до Министерството за животна средина и просторно планирање за барање мислење дали е потребно да се изработи елаборат за стратегиска оценка за влијанието врз животната средина.

Министерството за животна средина и просторно планирање, по разгледувањето на Одлуката, донело Решение за спроведување на стратегиска оцена, бр. 15-1711 од 07.02 2014 година, со кое определило дека за планскиот документ УПВНМ за Ски центар Водно-Блок 3 – Општина Карпош потребно е да се спроведе постапка за стратегиска оцена на влијанието врз животната средина, за што ја задолжило Општина Карпош. Во образложението на Решението се наведува дека Министерството за животна средина и просторно планирање, по разгледувањето на приложената документација, констатира дека со УПВНМ за Ски центар Водно–Блок 3, Општина Карпош се дефинираат границите и воедно претставува план со кој се утврдува целокупната организација на местото, така што планот претставува стратегиски документ за идниот развој за кој спроведувањето на стратегиска оцена на влијанието врз животната средина и здравјето на луѓето е задолжително. Според правната поука, против ова решение, засегнатата јавност и органот кој го подготвува планскиот документ може да изјави жалба во рок од 15 дена од денот на приемот на ова решение до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен. Решението се доставува и до: архива, Органот и се објавува на веб-страната на Министерството за животна средина и просторно планирање www.moepp.gov.mk.

Наведеното решение, со пропратен акт на Министерството за животна средина и просторно планирање, бр.15-1711/2 од 12.02.2014 година е доставено до Општина Карпош.

Градоначалникот на Општина Карпош, постапувајќи по наведеното решение на Министерството за животна средина и просторно планирање, на 21.03.2014 година, издал Известување за јавна расправа и јавен увид по Извештајот за стратегиска оцена на животна средина за Изменување и дополнување на Урбанистички план вон населено место Ски центар Водно, Блок-3, Општина Карпош, Скопје. Според ова известување, јавниот увид ќе се спроведе со излагање на Извештајот во просториите на Општина Карпош и ќе трае 17 дена сметано од денот на објавувањето, а јавната расправа ќе се одржи во просториите на Општина Карпош – Сектор за урбанизам, на 02.04.2014 година, со почеток во 13 часот. Известувањето ќе биде објавено на веб-страната на Општина Карпош – www.karpos.gov.mk. Во определениот рок, заинтересираните правни и физички лица од конкретното подрачје опфатено со Планот, можат да достават писмени забелешки на анкетните листови.

За јавниот увид и консултацијата со јавноста, изработен е Записник по Нацрт-извештајот за Стратегиска оцена на животната средина за Изменување и дополнување на Урбанистички план вон населено место Ски центар Водно–Блок 3, Општина Карпош. Според Записникот, консултацијата со јавноста се одржала на 02.04.2014 година, на начин што Извештајот бил презентиран од страна на претставник на изработувачот на истиот, консултантската компанија ТЕХНОЛАБ Доо Скопје. Констатирано е дека во периодот на јавен увид Извештајот за стратегиска оцена на животната средина бил ставен на веб-страната на Општина Карпош, достапен до јавноста со соопштение за периодот на јавен увид, во кој засегнатата јавност можела да доставува забелешки, предлози и сугестии, преку архивата на Општината, по пошта или во електронска форма на мејлот на Општина Карпош. Во периодот на јавен увид до Општина Карпош не се доставени забелешки, предлози и сугестии по Извештајот.

Со акт на Општина Карпош, бр.33-24/15 од 10.04.2014 година, предлог-извештајот за Стратегиска оцена на животната средина за Изменување и дополнување на Урбанистички план вон населено место Ски центар Водно–Блок 3, Општина Карпош е доставен на мислење – согласност до Министерството за животна средина и просторно планирање.

Министерството за животна средина и просторно планирање, со свој акт бр.15-4683/2 од 23.04.2014 година ја известило Општина Карпош дека нема забелешки и дава позитивно мислење по содржината и обемот на документот.

Министерството за транспорт и врски со свој акт бр.24-1584/2 од 10.02.2015 година, издало Согласност за Изменување и дополнување на Предлог-урбанистички план вон населено место Ски центар Водно–Блок 3, Општина Карпош, Скопје, со плански период (2013-2023), со плански опфат (51.51 ха), изработен од „БИЛД“ Дооел Скопје, со тех.бр.316/13, од јануари 2015 година.

Советот на Општина Карпош, на 20 февруари 2015 година, ја донел Одлуката за изменување и дополнување на Урбанистички план вон населено место Ски центар Водно–Блок 3, Општина Карпош, Скопје („Службен гласник на Општина Карпош“ бр.3/2015).

7. Имајќи ја предвид наведената уставна и законска регулатива, како и доставената документација за изработка на стратегиска оцена за влијанието врз животната средина во случајот на донесување Одлука за изменување и дополнување на Урбанистичкиот план вон населено место Ски центар Водно–Блок 3, Општина Карпош, Скопје, според Судот, основано може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот урбанистички план вон населено место со одредбите на Уставот, Законот за просторно и урбанистичко планирање и Законот за животната средина.

Со иницијативата се оспорува уставноста и законитоста на Планот од причини што Одлуката за неспроведување на стратегиска оцена за влијанието на животната средина и формуларот не била објавена на веб-страната на Општина Карпош, како обврска предвидена со Законот за животната средина. Со свој допис бр. 45-2375/11 од 29.09.2021 година, Општина Карпош потврди дека Одлуката за неспроведување на стратегиска оцена не била објавена на веб-страната на Општината.

Меѓутоа, од утврдената фактичка состојба, произлегува дека ваквата одлука на Општината била заменета со Решение за спроведување на стратегиска оцена, донесено од Министерството за животна средина и просторно планирање, со кое Општината е задолжена да спроведе постапка за стратегиска оцена на влијанието врз животната средина. Ниту ова решение, ниту посебна одлука за спроведување на стратегиска оцена, исто така, не биле објавени на веб-страната на Општината.

Од Општината потврдија дека ниту Известувањето за јавна расправа и јавен увид по Извештајот за стратегиска оцена на животната средина за изменување и дополнување на Урбанистички план вон населено место Ски центар Водно, Блок 3, Општина Карпош, Скопје, од 21.03.2014 година (кое нема архивски број), исто така не било објавено на веб-страната на Општината.

Имајќи го предвид наведеното, произлегува дека Општина Карпош пропуштила да ги објави на својата веб-страна одлуките за неспроведување, односно за спроведување на стратегиска оцена за влијанието на планскиот документ врз животната средина, и покрај јасната законска обврска за истото во пропишаната постапка за изработка и донесување на урбанистички планови, во функција на заштита и унапредување на животната средина и на природата како темелни вредности на уставниот поредок на Републиката.

Поради наведеното, според Судот, основано може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот урбанистички план вон населено место Ски центар Водно Блок-3, Општина Карпош, Скопје со одредбите на Уставот, Законот за просторно и урбанистичко планирање и Законот за животната средина, на кои се повикува иницијативата.

8. Во однос на барањето во иницијативата, до донесување на конечна одлука, Судот да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија преземени врз основа на оспорената одлука, Судот оцени дека не се исполнети условите од член 27 на Деловникот на Уставниот суд, за прифаќање на ваквото барање.

9. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

10. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.36/2021
24 ноември 2021 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска