Решение У.бр.24/2021

У.бр.24/2021

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019 и 256/2020) на седницата одржана на 03.11.2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот 14 од Уредбата за начинот и постапката за утврдување на вредноста на имотот кој е предмет на денационализација („Службен весник на Република Македонија“ бр.43/2000 и 19/2001), донесена од Владата на Република Македонија.

2. Ангела Соколова адвокат од Кочани, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на членот 14 од Уредбата означена во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата со оспорената одредба биле повредени член 8 став 1 алинеи 1 и 3, член 9 став 2, член 30 и член 50 од Уставот. Ова од причини што со оспорената одредба било предвидено вредноста на имотот предмет на денационализација да се проценува и надоместува според реонизација и зони на градовите и населените места со графичкиот прилог, составен дел на Уредбата, која влегла во сила на 30 мај 2000 година.

Имено, иако еднаквоста претпоставувала исклучување на арбитрарноста во примената на правото, сепак морало да постојат исклучоци од ова правило кое морало да поаѓа од јавниот интерес, при што еден од тие исклучоци бил и процесот на денационализација, за која цел и бил донесен Законот за денационализација. Но, определените вредности кои важеле од 2000 година до денес не можеле повеќе да бидат релевантни во определувањето на вредноста на градежносто земјиште. Оттаму оспорената одредба не можела да соодветствува на новонастанатите состојби и вредности што ги имало градежното земјиште сега. Се уште постоеле незавршени постапки за денационализација, па како резултат на тоа подносителот на иницијативата бара одредбата да биде укината бидејќи била дискриминаторски поставена во однос на лицата чиј имот бил вратен, за разлика од оние кои уште воделе постапки. На овие лица надоместокот би им се пресметувал по критериуми и методи утврдени уште пред 20 години.

Во иницијативата се прави разлика помеѓу градежна парцела на која било изградено и била предмет на денационализација и градежна парцела на која не било изградено и била вратена при што за оваа втората би важела продажба по пазарна цена според членот 28 од Законот за денационализација.

Со оспорената одредба од Уредбата се нарушувале основните начела на заемни давања и примања, т.е. начелото на еквиваленција па не можело да се прифати дека било спазено меродавен параметар да не била пазарната вредност во моментот на денационализација, туку тоа се вршело со посебни методологии, чија заедничка карактеристика била „извесна“ просечна вредност на имотите. Од одредбата не произлегувало дека дадените вредности според реони и зони претставуваат таква вредност која би соодветствувала на сегашната состојба.

Во иницијативата се наведува дека цената на експроприран имот (градежно земјиште) во централната зона на Кочани била 6.231,00 денари, а според оспорената одредба само 450,00 денари како признаена вредност, што било тринаесет пати пониско од пазарната вредност. Имајќи предвид дека Законот за денационализација не дозволувал да се бара надомест на штета или изгубена добивка произлегувал заклучок дека меродавен параметар не можела да биде пазарната вредност, туку просечната вредност на имотите.

Гледано од аспект на временската рамка кога била донесена Уредбата (2000 година) подносителот на иницијативата смета дека, денеска истата се јавувала како „апсурдна“ во делот на определените вредности според реални зони, па било несфатливо некогашните можеби реално просечни вредносни цени сега да биле симболични. Оттаму, несфатливо било дека со Законот за денационализација се штитела сопственоста на поранешните сопственици, односно нивните наследници.

Врз основа на сето наведено се предлага Судот да ја укине точката 2 од оспорениот член 14 од Уредбата по однос на утврдената вредност во графичкиот прилог – табеларен преглед на реонизација и зони на градовите и населените места во Република Северна Македонија.

3. Судот на седницата, утврди дека според оспорениот член 14 од Уредбата вредноста на градежното земјиште кое е предмет на денационализација се проценува и надоместува според реонизација и зоните на градовите и населените места во Република Македонија, прикажани во графичкиот прилог кој е составен дел на Уредбата.

Во точката 2 од табеларниот преглед е определено дека проценувањето се врши според реонизација на градовите и населените места во Република Македонија како територија на општините на прогласени национализирани градежни реони и според зони во градовите и населените места, како што следува во петте групи на реони и зони од табеларниот преглед.

4. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Во член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија е определено дека Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Судот, во претходната постапка по предметната иницијатива, утврди дека со Решение У.бр.129/2000 од 29 ноември 2000 година, не повел постапка за оценување на уставноста и законитоста на Уредбата за начинот и постапката за утврдување на вредноста на имотот кој е предмет на денационализација („Службен весник на Република Македонија” бр.43/2000). Судот исто така со Решение У.бр.219/2004 од 13 и 14 април 2005 година, меѓу другото, не повел постапка за оценување на уставноста и законитоста на членовите 12 и 13 од истата уредба. Потоа со Решение У.бр.227/2005 од 15.03.2006 година и со Решение У.бр.52/2005 од 15 јуни 2005 година, Судот, меѓу другото, ја отфрлил и иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Уредбата за начинот и постапката за утврдување на вредноста на имотот кој е предмет на денационализација. Иницијативите биле отфрлени согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот, а како во тогаш поднесените иницијативи немало основи за поинакво одлучување.

Во наведените предмети Судот ги изразил следниве ставови:

Закон за денационализација („Службен весник на Република Македонија“ бр.20/1998, 31/2000, 42/2003, 44/2007, 72/2010, 171/2010, 55/2013, 33/2015 и 104/2015) не содржи одредба надоместокот што се дава за одземен имот којшто не се враќа во сопственост да не може да биде понизок од пазарната вредност, таква одредба не можела да се утврди ниту во оспорената уредба, бидејќи таа претставува пропис со којшто Владата може само да го уреди извршувањето на Законот, а не да утврдува други и поинакви права од оние кои се утврдени во Законот.

Поаѓајќи од фактот што од моментот на одземање на имотот од поранешните сопственици до денот кога тој имот ќе им се врати или ќе им се плати надоместок на тој имот, сопственик била државата и сосема е исправно и логично државата да ја исклучи можноста поранешниот сопственик да бара надомест за обична штета и надомест за испуштена корист, затоа што тој за целиот период од околу 50 години не бил сопственик и не може да бара надомест за нешто што не било негова сопственост.

Притоа, треба да се има предвид дека во случај на денационализација не станува збор за одземање или ограничување на сопственоста, туку напротив за враќање односно надомест на имот кој бил одземен од државата, поради што доаѓа и до исклучување на институтите кои се применуваат во случај на ограничување на правото на сопственост. Таквите промени во сопственосната структура се резултат на историските промени на политичкиот и економскиот систем на Република Македонија.

Имајќи ги предвид одредбите од член 9 и 30 од Уставот, целината на Законот за денационализација, како и содржината на оспорената одредба, Судот оценил дека и со оваа одредба се потврдува фактот дека државата го враќа имотот, односно недвижноста во онаа состојба во која се наоѓал во моментот на одземањето.

Оттука, Судот оценил дека не се основани наводите на подносителите на иницијативата дека поранешниот сопственик треба да плати за својот имот, бидејќи зголемувањето на вредноста на недвижноста настапила по одземање на имотот кога поранешниот сопственик го изгубил правото на сопственост. Во таа смисла, со поинаквото толкување на оваа одредба би се овозможило поранешните сопственици да се стекнат со имот чија вредност е зголемена, иако тие во моментот на зголемувањето на вредноста не биле сопственици, туку сопственик била државата и врз основа на тоа неосновано да се збогатат.
Овластувањето на Владата со уредба да изврши процена и да го утврди надоместот за денационализираниот имот, според критериумот утврден во Законот, е во функција на извршување на Законот и претставува овластување кое произлегува од член 91 алинеја 5 од Уставот.

Во постапките по наведените предмети, Судот посредно ја ценел согласноста на Уредбата со членот 9 од Уставот и по однос на оваа уставна одредба. Имено, Судот утврдил дека граѓаните што остваруваат надомест по основ на експроприран и по основ на денационализиран имот не се наоѓаат во еднаква правна положба поради што не може да стане збор за повреда на начелото на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите. За Судот не бил основан и наводот дека со одредбите на Уредбата и табеларниот преглед се повредувал членот 9 на начин што се предвидувал надомест по административни цени што биле далеку пониски од пазарните цени со што во значителна мера се оштетувале граѓаните.

Според тоа Судот одлучил дека со оспорената одредба не се нарушува начелото на еднаквост од членот 9 од Уставот, како и тоа дека оваа одредба не би можела да се гледа во корелација со член 30 од Уставот кој воопшто не го уредува прашањето на денационализација како општествен процес.

Тргнувајќи од анализата на одредбите за денационализација како целина и Уредбата во која е содржана оспорената одредба произлегува дека во нив пазарната вредност на недвижноста не е предмет на уредување. Оттаму не е јасно на што инсистира иницијативата со наводите дека: „пазарна цена“, „пазарна вредност“, „извесна просечна вредност“, „признаена вредност“ и „просечни вредносни цени“ се категориите врз основа на кои би требало да се изврши обесштетување на поранешните сопственици во постапките за денационализација кои се уште се во тек. Исто така, од анализата на членот 28 од Законот на кој се повикува иницијативата, произлегува дека со него се уредува како се враќа имот кога не е извршена трансформација на претпријатие со општествен капитал. Во оваа одредба предмет на уредување, исто така, не е пазарната вредност на недвижноста. Имено, според оваа одредба, се враќа во сопственост недвижност или друго средство за кое е поднесено барање за денационализација, ако во времето на поднесувањето на барањето претпријатието располага со нив доколку барателите не се договорат поинаку, за да не се наруши градежната, техничката и технолошката целина на претпријатието.

Врз основа на анализата на оспорената одредба од Уредбата заедно со табеларниот преглед произлегува дека проценката се врши според реони и зони на градови и населени места, (девет на број) според фиксни износи кои се движат во распон од 100,00 до 2000,00 денари во зависност од тоа на кој реон, зона, град или населено место припаѓаат. Значи законитостите на пазарот на недвижнини во дадено време и место немаат примена во постапките за денационализација. Притоа Судот смета дека е фактичко прашање дали има некаква разлика во пазарната вредност на земјиштето од 2000 година па наваму коешто зависи од многу фактори во кои овој суд нема увид ниту пак надлежност да расправа при отсуство на стручни економски и други показатели. Од друга страна пак, ако се земе предвид тоа што процесот на денационализција е во завршна фаза, секоја интервенција на Судот во Уредбата по однос на износите предвидени за вредноста на надоместокот би можело да предизвика нерамноправна положба по однос на оние кои веќе го оствариле правото на надоместок со оние за кои постапките се се уште во тек.

При состојба кога пазарната вредност не е законска категорија врз основа на која се утврдува надоместокот и како овој суд со Решение У.бр.129/2000 од 29 ноември 2000 година не повел постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одредба, а во постапката по предметите: У.бр.219/2004, У.бр.227/2005 и У.бр.52/2005 се произнел за прашањата покренати со предметната иницијатива произлегува дека во конкретниот случај нема основи за поинакво одлучување. Поради наведеното Судот оцени дека се условите за отфрлање на иницијативата согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот.

5.Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6.Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.24/2021
03.11.2021 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска