Решение У.бр.84/2021

У.бр.84/2021

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 1 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 27 октомври 2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на:

– Решението за престанок на работен однос со право на исполнување услови за старосна пензија бр.04-5608/1 од 21.12.2020 година, донесено од министерот за одбрана.
– Потврдата за бенефициран работен стаж (12/15 месеци) бр.03-8/197 од 01.03.2021 година, донесена од Министерството за одбрана за ппк. Димитриевски Владимир Живко на служба во Министерството за одбрана и
– Потврдата за вкупен пензиски стаж и стаж на осигурување бр.03.-8/196 од 01.03.2021 година, донесена од Министерството за одбрана за ппк. Димитриевски Владимир Живко на служба во Министерството за одбрана.

2. Живко Димитриевски од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија достави иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на актите наведени во точката 1 од ова решение.

Подносителот на иницијативата во својот поднесок наведува дека при неговото пензионирање бил дискриминиран од страна на Министерството за одбрана, односно бил ставен без негова вина во подредена состојба во однос на неговите колеги воени лица бидејќи бил пензиониран по одредбите на понеповолен за него Закон за пензиското и инвалидското осигурување наместо по Законот за изменување и дополнување на Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија од 2020 година.

Имено, според наводите тој бил драстично оштетен во висината на пензијата која како таква била драстично намалена и истата ќе ја прима до крајот на неговиот живот. Според него оспорениот акт односно решението е нехуман, дискриминаторски и неуставен акт на Министерството за одбрана во однос на едно лојално, заслужно и примерно воено лице кое без прекин било во служба на народот и татковината.

Во понатамошниот тек на иницијативата наведува дека во јануари 2020 година бил донесен Закон за изменување и дополнување на Законот за служба во Армијата со кој бил воведен член 218 а) според кој со овој член се внела новина во пензионирањето на персоналот каде што истиот би ги користел најповолните 10 (десет) години од пензискиот стаж при одредување на висината на старосната пензија. На подносителот на иницијативата такво поповолно пензионирање не му било овозможено од страна на Министерството за одбрана од причини што во 2020 година наполнил 64 години возраст, но не го исполнил еден од двата кумулативни услови од став 1 од член 218 а), односно не исполнил 40 години пензиски стаж. Притоа подносителот наведува дека предвидениот услов не го исполнил не по негова вина туку по вина на Министерството. Тој за време на целиот ефективен работен стаж од 37,5 години добил само нешто повеќе од една година бенефициран стаж.

Понатаму, подносителот покрај другото, наведува дека во повеќе наврати барал од Министерството да се произнесе по кој закон и кој член од закон ќе го пензионира и кога ќе го пензионира, при што добивал нејасни писмени одговори во смисла дека тие не можат да прејудицираат кога и како ќе го пензионираат за да на 21.12.2020 година го пензионирале сосема незаконски по Законот за пензиското и инвалидското осигурување што не доликувало за Министерството за одбрана.

Според подносителот, во неговиот случај Министерството за одбрана не ги почитувало членовите 9 и 51 од Уставот, од причини што бил пензиониран по цивилен закон, односно Законот за пензиското и инвалидското осигурување наместо по воен закон односно, Законот за служба во Армијата со што бил драстично оштетен во висина на пензијата и ставен во подредена ситуација во однос на неговите колеги.

Од наведените причини подносителот бара Судот да го поништи Решението на Државната комисија во втор степен за одбивање на жалбата на подносителот на иницијативата и Решението донесено по основ на неподнесување на писмена изјава до Министерството за одбрана од негова страна за продолжување на договорот за вработување и да го поништи и Решението за престанок на работниот однос со право за пензионирање со конечност од 25.02.2021 година.

Во врска со наведениот поднесок од Уставниот суд е побарано дополнување на иницијативата.

Подносителот на иницијативата во предвидениот рок ја дополнил иницијативата на образец изработен од Уставниот суд.

Во насока на наведеното подносителот на иницијативата ги оспорува:

1. Решението за престанок на работен однос со право на исполнување услови за старосна пензија бр.04-5608/1 од 21.12.2020 година, донесено од министерот за одбрана.

2. Потврдата за бенефициран работен стаж (12/15 месеци) бр.03-8/197 од 01.03.2021 година, донесена од Министерството за одбрана за ппк. Димитриевски Владимир Живко на служба во Министерството за одбрана.

3. Потврдата за вкупен пензиски стаж и стаж на осигурување бр.03.-8/196 од 01.03.2021 година, донесена од Министерството за одбрана за ппк. Димитриевски Владимир Живко на служба во Министерството за одбрана.

Според подносителот, оспорените акти не биле во согласност со член 8 став 1 алинеи 1, 3, 6, 8 и 11, со член 9 став 2, член 30 став 1, член 51 став 1 и 2 и член 52 став 4 од Уставот на Република Северна Македонија, со член 218 а) од Законот за изменување и дополнување на Законот за служба во Армијата на Република Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.14/2020) како и со Военото право како земја членка на НАТО Алијансата.

Во наведеното дополнување подносителот, повторно наведува дека со Решението за престанок на работниот однос со право на исполнување на услови за старосна пензија се врши пензионирање според Законот за пензиското и инвалидското осигурување, а не според Законот за изменување и дополнување на Законот за служба во Армијата што за него бил поповолен од причини што пензијата се одредува по однос на најповолните 10 години од пензискиот стаж.

Оттука, според подносителот, ова значело директно загрозување на неговите човекови права, нееднаквост и невладеење на правото и правдината што било во спротивност со Европската конвенција за заштита на човековите права.

Од наведените причини не било уставно, незаконски и нехумано воените лица кои од една страна целиот свој работен век работеле ,биле прекомандувани и проверувани за да од друга страна истите тие на крајот на својата војничка кариера наместо да бидат пензионирани по за нив поповолен воен закон, да бидат пензионирани по цивилен закон и тоа без нивна вина што било крајно неуставно, незаконски и нехумано.

Имајќи го предвид наведеното, подносителот му предлага на Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорените акти и истите со одлука да ги поништи.

3. На седницата Судот утврди дека врз основа на член 223 став 1, а во врска со член 218 став 1 точка 5 од Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.36/2010, 23/2011, 47/2011, 148/2011, 55/2012, 29/2014, 33/2015, 193/2015, 71/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.101/2019 и 14/2020) член 104 став 1 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 50/ 2010, 52/2010, 124/2010, 47/2011, 11/2012, 39/2012, 13/2013, 25/2013, 170/2013, 187/2013, 113/2014, 20/2015, 33/2015, 72/2015, 129/2015, 27/2016, 120/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.110/2019), и член 18 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 98/2012, 166/2012, 15/2013, 170/2013, 43/2014, 44/2014, 97/2014, 113/2014, 160/2014, 188/2014, 20/2015, 61/2015, 97/2015, 129/2015, 147/2015, 154/2015, 173/2015, 217/2015, 27/2016, 120/2016, 132/2016, 35/2018, 220/2018 и 245/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 180/2019, 275/2019, 31/2020 и 267/2020) министерката за одбрана донела

РЕШЕНИЕ
за престанок на работен однос со право на исполнување услови за старосна пензија

1. На Димитриевски Владимир Живко, потполковник на служба во Министерството за одбрана, во Сектор за логистика со единствен матичен број………, му престанува работниот однос во Министерството за одбрана на Република Северна Македонија по потреба на службата, со право на остварување на старосна пензија.

2. Работниот однос на именуваниот му престанува со денот на конечноста на ова решение.

О б р а з л о ж е н и е

Врз основа на службената евиденција која се води во Министерството за одбрана, односно Армијата на Република Северна Македонија утврдено е дека потполковник Димитриевски Владимир Живко на ден 20.12.2020 година полни 64 години возраст.

Во член 104 став 1 од Законот за работните односи е утврдено дека „Работодавачот го прекинува договорот за вработување на работникот кога работникот ќе наполни 64 години возраст и 15 години пензиски стаж.

Во членот 18 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување утврдено е дека „Осигуреникот стекнува право на старосна пензија кога ќе наполни 64 години живот (маж) односно 62 години живот (жена) и најмалку 15 години пензиски стаж“.

Согласно член 218 став 1 алинеја 5 утврдено е дека „На активен воен и цивилен персонал му престанува работниот однос во Министерството за одбрана ако исполни услови за пензија согласно закон –со денот на конечноста на решението за престанок на работниот однос“.

Во член 223 став 1 од Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија е пропишано дека „Решението за престанок на работен однос за воениот и цивилниот персонал донесува министерот за одбрана или од него овластено лице“.

Со оглед на фактот дека именуваниот ги исполнува законските услови за пензионирање, се одлучи како во диспозитивот на ова решение.

Правна поука: Против ова решение незадоволната странка може да изјави жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен во рок од 8 (осум) дена од денот на приемот на решението. Жалбата се изјавува преку Министерството за одбрана на Република Северна Македонија и истата не го одложува извршувањето на решението.

Решението станало конечно на 25.02.2021 година.

Понатаму, Судот утврди дека врз основа на член 56 од Законот за општата управна постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.124/2015), а во согласност со член 76 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 98/2012, 166/2012, 15/2013, 170/2013, 43/2014, 44/2014, 97/2014, 113/2014, 160/2014, 188/2014, 20/2015, 61/2015, 97/2015, 129/2015, 147/2015, 154/2015, 173/2015, 217/2015, 27/2016, 120/2016, 132/2016, 35/2018, 220/2018 и 245/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 180/2019, 275/2019, 31/2020 и 267/2020) и Решението за овластување за потпишување на акти бр.02-1/75 од 27.11.2019 година, раководителот на Сектор за човечки ресурси на 01.03.2021 под бр.03-8/197 издал

П О Т В Р Д А

Се потврдува дека воениот осигуреник Димитриевски Владимир Живко со ЕМБГ ……… за период од 13.10.1983 година до 25.02.2021 година има остварено стаж на осигурување со зголемено траење со коефициент на зголемување:

1. 12-15
Од 13.10.1983 година до 16.11.1986;
Од 01.04.1992 година до 31.10. 1993;
Од 09.11.2020 година до 25.02.2021 година.

Исто така, Судот утврди дека врз основа на членот 56 од Законот за општата управна постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.124/2015), а во согласност со членот 76 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.98/2012, 166/2012, 15/2013, 170/2013, 43/2014, 44/2014, 97/2014, 113/2014, 160/2014, 188/2014, 20/2015, 61/2015, 97/2015, 129/2015, 147/2015, 154/2015, 173/2015, 217/2015, 27/2016, 120/2016, 132/2016, 35/2018, 220/2018 и 245/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.180/2019, 275/2019, 31/2020 и 267/2020) и Решението за овластување за потпишување на акти бр.02-1/75 од 27.11.2019 година, раководителот на Сектор за човечки ресурси на 01.03.2021 под бр.03-8/196 издал

П О Т В Р Д А

Се потврдува дека воениот осигуреник Димитриевски Владимир Живко со ЕМБГ ……… за период од 13.10.1983 година до 25.02.2021 година има остварено :

1. Вкупен пензиски стаж:
38 – години
07 – месеци
09 – денови

2. Стаж на осигурување
37 – години
12 – денови

3. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992), Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Ова од причина што оспорените акти не претставуваат пропис во смисла на член 110 алинеја 2 од Уставот, туку поединечни акти на Министерството за одбрана. Оттука, Судот оцени дека не е надлежен да одлучува за согласноста на оспореното решение и потврди на Министерството за одбрана со Уставот, Законот за Служба во Армијата и Законот за пензиското и инвалидското осигурување, од кои причини се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија.

Со оглед на наведеното, Судот оцени дека оспореното решение и потврдите по својот карактер и содржина претставуваат поединечни акти поради што се исполнети условите за отфрлање на иницијативата согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот.

4. Со оглед на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.84/2021
27.10.2021 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска