Решение У.бр.46/2021

У.бр.46/2021

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 1 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 27 октомври 2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на член 66 во делот „Административни службеници“ категорија БО2 раководен II ниво од Колективниот договор за култура, склучен на 30.12.2019 година помеѓу Министерството за култура на Република Северна Македонија, Синдикатот за култура на Република Северна Македонија и Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.10/2020).

2. Мимоза Бакиевска од Битола, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, достави иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на член 66 во делот „Административни службеници“ категорија БО2 раководен II ниво од Колективниот договор означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот со оспорениот член 66 од Колективниот договор за култура се формира и исплатува плата на вработените лица во областа култура и тоа: даватели на услуги, помошно- технички персонал и административни службеници. Врз основа на овој член се исплатува плата на административните службеници иако тоа е во спротивност со Законот за административни службеници.

Во конкретниов случај со оспорениот член 66 во делот „Административни службеници“ работното место односно позиција категорија БО2 раководен II ниво е вреднувано со помал коефициент од коефициентот кој е предвиден во Законот за административни службеници (член 86 и член 87), што значи дека е спротивно на истиот закон, додека пак сите останати работни позиции во делот „Административни службеници“ од овој колективен договор се вреднувани со повисок коефициент од истите според овој закон. Лаички кажано, според овој колективен договор сите административни службеници од областа култура во државата земаат повисока плата отколку што е предвидено со Законот за административните службеници освен административните службеници од категоријата БО2 раководен II ниво, кои не само што не земаат плата како што е предвидено со Законот за административните службеници туку земаат пониска плата. Јасно е дека правен основ при изработка на овој колективен договор не биле законите кои ја регулираат оваа област, туку договорните страни при потпишување на сега оспоруваниот колективен договор се воделе од некои нивни лични размислувања и побуди, спротивно на законските одредби, што наведува на заклучок дека имале субјективен и дискриминирачки однос за оваа категорија административни службеници, иако сите граѓани се еднакви според Устав и законите. Ноторно е дека членот 66 од Колективниот договор создава нееднаквост на граѓаните пред законот.

Понатаму, подносителот укажува дека со оспорениот член 66 платата е изразена со коефициент кој го определиле потпишувачите на договорот, додека пак во Законот за административните службеници јасно е нормирано дека платата на административните службеници се пресметува во бодови врз основа на неколку компоненти и делови на плата кои се однесуваат само на вработената категорија административни службеници.

Оттука, подносителот на иницијативата го поставува прашањето зошто постои Законот за административни службеници ако истиот не се почитува и зошто се прави категоризација на работните позиции ако постои паушално врeднување на нивниот труд и изигрување на законските одредби при формирање на плата на административните службеници.

За оваа категорија на административни службеници нарушено е правото на правична законска плата, а решавањето на ова прашање во судска постапка би предизвикалo дополнителни трошоци на товар на јавните/националните установи каде е вработен административниот службеник.

Според подносителот ваквиот начин на формирање на плата на категорија БО2 раководен II ниво од Колективниот договор за култура,не била во согласност со член 9, со член 32 ставови 3 и 5 од Уставот; со член 2 став 1 алинеја 2, член 9 став 2, член 14 ставови 1 и 2 и член 25 од Законот за вработените во јавниот сектор; со членот 3, членот 22, член 24, членовите 85, 86 и 87 од Законот за административните службеници; со член 76 од Законот за култура; со членот 12 од Законот за работните односи; со членовите 5 и 6 од Општиот колективен договор за јавниот сектор на Република Македонија како и со членот 5 од Колективниот договор за културата.

Подносителот на иницијативата во писмениот поднесок ја цитира содржината на наведените уставни, законски и одредбите од колективните договори на кои се повикува.

3.Судот на седницата утврди дека врз основа на членот 32 од Уставот, членот 203 од Законот за работните односи и членот 5 од Општиот колективен договор за јавниот сектор на Република Македонија, Министерството за култура, Синдикатот за култура и Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на 30.12.2019 година склучиле Колективен договор за култура.

Колективниот договор содржи 132 одредби. Во членот 132 од Колективниот договор е определено дека овој договор влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“. Актот е објавен во наведеното гласило на 16 јануари 2020 година кога и влегол во сила.

Според член 66 став 1 од Договорот коефициентот на сложеност на работите се определува во зависност од сложеноста и обемот на работите и работното место и потребните знаења и вештини. Според ставот 2 од истиот член од Договорот за сложеноста на работите за одредено работно место утврдена во групи и подгрупи се определуваат коефициенти кои се движат во распон од 3.265 до 1.265 за секое работно место во соодветните области на културата.

Во оспорениот дел на член 66 став 2 од Договорот во делот „Административни службеници“ категорија БО2 раководен II ниво утврдени се: раководител на сектор за административни, општи и правни работи; раководител на сектор за материјално финансиски работи и сметководство; раководител на сектор за ИТ системи и поддршка; раководител на сектор за сценско – техничка и заеднички служби; раководител на сектор за опера/балет и раководител на сектор за маркетинг и односи со јавноста при што за сите раководители на секој одделен сектор е утврден коефициент од 2.316.

4. Исто така, на седницата е утврдено дека Уставниот суд на Република Северна Македонија со Решение У.бр.247/2020 од 30.06.2021 година, не повел постапка за оценување на уставноста и законитоста на Колективниот договор за култура, во целина и посебно оспорениот член 66 од истиот колективен договор, склучен на 30.12.2019 година помеѓу Министерството за култура на Република Северна Македонија, Синдикатот за култура на Република Северна Македонија и Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.10/2020).

Од анализата на одредбите од Законот за административни службеници и Законот за култура произлегува дека правата од работен однос на вработените во јавните установи од областа на културата се комплексно уредени и зависат од околноста какви работи вршат вработените во културата: административни работи, работи на даватели на услуги или помошно-технички работи. Оттаму, прашањата поврзани со правата од работен однос, во зависност од тоа за каков вид на вработени станува збор можат да бидат уредени во повеќе закони: Законот за културата, Законот за административните службеници и Законот за вработените во јавниот сектор и општите прописи за работни односи .

Според тоа, пресметка на коефициентот на сложеност на работите од оспорениот член 66 од Колективниот договор, кој не прави разлика по однос на статусот на вработените во културата, не може да се доведе во директна релација со одредбите од Законот за култура кои определуваат каков се статус може да имаат вработените во културата од каде не може да се изрази сомнение по однос на согласноста на оваа одредба со член 76 став 4 од Законот за култура.

Членовите 86 и 87 од Законот за административни службеници го уредуваат составот на платата на дел од вработените во културата и бројот на кредити и бодови за секое одделно работно место, а оспорениот член 66 од Колективниот договор го уредува прашањето на коефициентот на сложеност на работите со определување на коефициентот за секое посебно работно место во културата што е посебна компонента за пресметка на платите.

Имајќи предвид дека оспорениот член 66 од Колективниот договор (коефициент на сложеност) има сосема различно уредување по однос на член 76 став 4 од Законот за култура (статус на вработени), како и по однос на членовите 85, 86 и 87 од Законот за административни службеници (компоненти на плата) Судот оцени дека не може да се изрази сомнение по однос на неговата законитост, оценувана преку аспектите на иницијативата, а како нормите не можат да бидат доведени во заедничка директна корелација.

5. Според член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Во членот 28 од Деловникот на Уставниот суд се определува дека Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата „ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување“ (алинеја 2) и „ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата“ (алинеја 3).

Од изнесената уставна одредба произлегува дека Уставниот суд ја оценува согласноста, покрај другото, на подзаконските прописи со Уставот и со законите, а од изнесените деловнички одредби произлегува дека во ситуација кога Судот за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување, како и при постоење на процесни пречки за одлучување по иницијативата, Судот ќе ја отфрли иницијативата.

Поаѓајќи од направената анализа и изнесената уставно-судска практика, а посебно на фактот што Уставниот суд на Република Северна Македонија по предметот У.бр.274/2020 година го оценувал членот 66 од Колективниот договор за култура во целина што значи и делот од сега оспорениот член 66 од Договорот, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија за отфрлање на иницијативата.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.46/2021
27.10.2021 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска