Решение У.бр.43/2021

У.бр.43/2021

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеи 1 и 3 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 6 октомври 2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето од Жарко Ајдуковиќ од Скопје, за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, поли-тичкото здружување и дејствување и забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

2. До Уставниот суд на Република Северна Македонија, именуваниот од точката 1 на ова решение, поднесе барање за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија.

Во барањето за заштита на слободите и правата, подносителот наведува повеќе хронолошки настани во коишто директно бил инволвиран како жртва на дејствијата на полициски службеници, како и други лица поради непостапување во извршувањето на нивната службена должност, тероризам, прикривање факти и затајување на докази, како и физички напади.

Во наводите на барањето, подносителот наведува дека првата поднесена кривична пријава против припадници на МВР, како и лица од одредени структури и организации поврзани со политички партии во Република Северна Македонија била резултат на низа преземени грозоморни дејствија од страна на истите кои се состоеле од злоупотреба на службена должност, злоупотреба на државна позиција и работно место, прикривање и затајување докази и факти, со што се прекршувале сите членови на Уставот, како и сите закони и правилници кои произлегуваат од него, поради што подносителот побарувал отштета во износ од 100.000,00 евра за претрпен терор, тортура, лажно клеветење, лажни изјави, физички напади, рекет и др.

Понатаму, подносителот наведува дека второподнесената кривична пријава се однесувала на десет лица поради сторени терористичко-криминални дејствија, а со кои се загрозувале основните човекови слободи и права, кршејќи го Уставот, законите, правилниците и статутите по кои требало да се постапува. Како оштетена страна, подносителот барал надомест од 10.000,00 евра од секој од лицата сторители на дејствијата.

Врз основа на изнесените наводи во барањето, подносителот од Уставниот суд бара да му се исплати бараната отштета, да се изречат најстроги казни за сторителите на кривичните дела, обвинетите да бидат повикани да достават усни или писмени изјави, а до донесување на конечната одлука за казнување и исплата, подносителот бара и зголемена контрола за овој предмет.

3. Во врска со предметното барање за заштита на слободите и правата, Судот на седницата утврди дека подносителот на барањето бара заштита на сите слободи и права од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија.

Притоа, како начин на кој е сторена повредата на слободите и правата, подносителот од една страна наведува хронолошки настани во периодот помеѓу 1995 и 2021 година во кои биле преземени дејствија од страна на полициски службеници и други лица, а од друга страна, две поднесени кривични пријави од страна на подносителот, како резултат на постапувањето на полициските службеници и другите лица во посочениот период, и тоа:

1. Кривична пријава против Република Северна Македонија – Министерство за внатрешни работи, за отштета од 100.000,00 евра, поднесена на 05.02.2021 година; и
2. Кривична пријава против десет лица, за периодот од 2010 до 2020 година, за отштета од по 10.000,00 евра, поднесена на 10.03.2021 година.

4. Во член 110 алинеја 3 од Уставот се определува дека Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот, што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Согласно член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето или ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Според членот 51 од Деловникот, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од два месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Членот 52 од Деловникот на Уставниот суд утврдува дека во барањето од членот 51, е потребно да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствијата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.

Во конкретниот случај, Судот оцени дека поднесеното барање за заштита на слободите и правата не ги задоволува критериумите за Судот да се впушти во мериторно одлучување по истото, поради следното:

Имено, тргнувајќи од надлежноста на Уставниот суд утврдена во член 110 алинеја 3 од Уставот, како и од содржината на цитираните деловнички одредби, произлегува дека за остварување на заштита на слободите и правата пред Уставниот суд не е доволно само повикување на член 110 алинеја 3 од Уставот со барање за општа заштита на слободите и правата, туку треба да се наведе за кое од слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот се бара уставно-судска заштита, да се наведат причините поради кои се бара заштитата, како и фактите и доказите врз кои се заснова барањето.

Во конкретниот случај, во барањето за заштита на слободите и правата се наведуваат хронолошки настани во периодот помеѓу 1995 и 2021 година во кои биле преземени дејствија од страна на полициски службеници и други лица, како и процесни дејствија од страна на подносителот (поднесени кривични пријави) како резултат на поста-пувањето на полициските службеници и другите лица во посочениот период.

Всушност, според Судот, во предметното барање не се наведени поединечни акти (конечен или правосилен поединечен акт) со кои се одлучува за некое од слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот за кое може да се бара уставно-судска заштита. Додека пак, наведените дејствија во суштина се сведуваат на приказ на настани и случаи во наведениот период, за кои настани подносителот смета дека со определени дејствија од страна на полициски службеници и други лица му била сторена повреда на слободите и правата, и како такви не можат да претставуваат дејствија коишто имаат директен, одлучувачки карактер за ограничување на слободите и правата.

Воедно, Судот смета дека со барањето на подносителот Уставниот суд да одлучува за исплата на бараната отштета во поднесените кривични пријави, за изрекување на најстроги казни за сторителите на кривичните дела, понатаму обвинетите да бидат повикани да достават усни или писмени изјави, а до донесување на конечната одлука по однос на овие прашања, зголемена контрола за овој предмет, од Уставниот суд се бара да интервенира при одлучувањетo за фактички прашања што излегуваат од надлежност на Судот утврдена со Уставот, а кои прашања можат да се утврдат и соодветно санкционираат во постапка пред други надлежни органи.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија за отфрлање на барањето.

5. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.43/2021
06.10.2021 гoд.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска