Решение У.бр.67/2021

У.бр.67/2021

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 3 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 6 октомври 2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 2 од Законот за изменување на Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија“ бр.185/2011).

2. Игорчо Точев од Кочани, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Подносителот на иницијативата го оспорува членот 2 од Законот за изменување на Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија“ бр.185/2011) и смета дека истиот можел да доведе до забуна при неговата примена што било спротивно на принципот на владеење на правото како темелна вредност на Уставот.

Во наводите на иницијативата се наведуваат и се цитираат членовите 1, 2 и 3 од наведениот Закон за изменување на Кривичниот законик.

Според подносителот на иницијативата, со оспорениот член од Законот за изменување на Кривичниот законик, се вршела измена на членот 35 од Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија“ број 51/2011), меѓутоа тој закон, содржински имал вкупно три члена, при што во ниту еден од тие три члена, како содржина не била присутна одредба која носела наслов „Член 35”, а ниту пак се споменувал член со таква нумерација.

Понатаму, според подносителот на иницијативата, доколку оспорената одредба се однесувала на членот 35 од Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија” бр. 37/1996, 80/1999, 4/2002, 43/2003, 19/2004, 81/2005, 60/2006, 73/2006, 7/2008, 139/2008, 114/2009, 51/2011 и 135/2011), можело да доведе до забуна при примена на оспорената одредба. Ова од причини што одредбата од членот 35 од Кривичниот законик, заклучно со 07.01.2012 година, изразот кога влегла во сила, во ниту еден став од членот 35 не се споменувало „одредбите од Законот за малолетничка правда“.

Имено, според подносителот на иницијативата, постоењето на одредба со која се изменува друга одредба која била непостоечка било беспредметно и создавало правна несигурност во примената на Законот.

Поради сето горенаведено, подносителот на иницијативата предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот член 2 од Законот за изменување на Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија” број 185/2011) по што, истиот да се укине како спротивен на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека согласно членот 2 од Законот за изменување на Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија“ бр.185/2011), во членот 35 зборовите: „одредбите од Законот за малолетничка правда” се заменуваат со зборовите: „посебниот закон”.

4. Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата доколку постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Од наводите во иницијативата произлегува дека подносителот на иницијативата ја оспорува уставноста на членот 2 од Законот за изменување на Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија“ бр. 185/2011), како спротивен на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот од причина што постоењето на овој член во Законот создавало правна несигурност во примената на Законот како и дека истиот можел да доведе до забуна при неговата примена што било спротивно на принципот на владеење на правото како темелна вредност на Уставот.

Со Законот за изменување на Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија“ бр. 185/2011) се врши изменување и дополнување на одредби од Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија“ бр. 51/2011).

Според член 1 од овој закон е предвидено дека :

„Во Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија“ број 51/2011), во членот 14 ставот 1 се менува и гласи: „Во Главата деветнаесет „Кривични дела против половата слобода и половиот морал“ по членот 194 се додава нов наслов и нов член 194-а, кои гласат:”.“

Оспорениот член 2 гласи:

„Во членот 35 зборовите: „одредбите од Законот за малолетничка правда” се заменуваат со зборовите: „посебниот закон”.“

Со членот 3 се пропишува дека овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

Во Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија” бр.51/2011), членот 35 гласи:

„Одредбата од членот 3 на овој закон ќе започне да се применува со денот на влегувањето во сила на одредбите од Законот за малолетничка правда со кој ќе се уреди постапката за водење на посебен регистар за лица осудени со правосилна пресуда за кривични дела против половата слобода и половиот морал и кривичното дело од членот 418-г, сторени против малолетни лица.“

Имајќи го предвид наведеното, произлегува дека во конкретниот случај, подносителот на иницијативата погрешно смета дека оспорениот член 2 од Законот за изменување на Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија“ бр.185/2011) се однесува на измена на членот 35 од интегралниот текст на Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија” бр. 37/1996, 80/1999, 4/2002, 43/2003, 19/2004, 81/2005, 60/2006, 73/2006, 7/2008, 139/2008, 114/2009, 51/2011 и 135/2011), а не на Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2011), што е неспорно во овој случај.

Со наведената измена на членот 35 се врши техничко усогласување на одредбата на начин што зборовите: „одредбите од Законот за малолетничка правда” се заменуваат со зборовите: „посебниот закон”, како поширок поим што овозможува во иднина да нема потреба од менување на Кривичниот законик доколку се измени називот на конкретниот закон.

Поради наведеното, Судот оцени дека постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата и дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.67/2021
06.10.2021 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска