Решение У.бр.166/2019

У.бр.166/2019

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 29 септември 2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Колективниот договор на Министерството за одбрана слкучен помеѓу Независниот синдикат на одбраната и Министерството за одбрана на 11 ноември 2019 година и објавен во „Службен весник на Република Македонија“ број 238 од 18 ноември 2019 година.

2. Синдикатот на одбраната и безбедноста застапуван преку Сашко Панчев, адвокат од Скопј,е до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесоа иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на Законот означен во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата се наведува дека постапувајќи по барањето на Независниот синдикат на одбраната, министерката за одбрана погрешно ја утврдила фактичката состојба и погрешно го применила материјалното право и донела решение за утврдување на репрезентативноста на синдикатот на ниво на работодавач од причина што во оспореното решение се повикала на член 212 став 5 од Законот за работните односи, според кој репрезентативен синдикат на ниво на работодавач е синдикат во кој се зачленети најмалку 20% од бројот на вработени кај работодавачот кои плаќаат членарина и на член 213-д став 1 според кој репрезентативноста се определува за временски период од три години од денот на донесувањето на решението.

Понатаму, во иницијативата се наведува дека во Законот за работни односи при постоење на повеќе синдикати кај ист работодавач поединечен колективен договор склучува репрезентативниот синдикат во кој членуваат над 20% од вработените кај истиот работодавач и дека тоа се утврдува со решение за репрезентативност кое го донесува Министерството за труд и социјална политика, а не министерот за одбрана со што во конкретниот случај неправилно биле применети законските одредби во постапката која му претходела на донесувањето на решението за утврдување на репрезентативноста на независниот синдикат за одбраната од причина што истото не било донесено од страна на Комисијата во Министерството за труд и социјална политика туку од министерката за одбрана. Поради тие причини подносителот на иницијативата наведува дека оспорениот колективен договор на Министерството за одбрана бил противуставен односно бил штетен за вработените во Министерството и во Армијата и останатите синдикати во министерството и од тие причини се предлага да се поведе постапка за поништување на истиот и да се донесе решение за времена мерка за запирање од извршување и примена на оспорениот колективен договор до донесување на конечна одлука од страна на Судот.

3. Судот на седница утврди дека врз основа на член 203 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ 62/2005, 106/2008, 114/2009и 130/2009, 50/2010, 52/2010, 124/2010, 47/2011, 11/2012, 39/2012, 13/2013, 25/2013, 170/2013, 187/ 2013, 113/2014, 20/2015, 33/2015, 72/2015, 27/2016 и 120/2018) и („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 110/2019 и 267/2020), а во врска со член 5 од Општиот колективен договор за јавниот сектор на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ број 10/2008 и 85/2009), Министерството за одбрана и Независниот синдикат на одбраната, склучија Колективен договор на Министерството за одбрана кој содржи во глава А членови од 1 до 6, во глава Б – Посебни одредби – членови од 7-135 и под глави со наслови од I до XI кои содржат вкупно 135 членови и глава В, во која се содржани членови од 136 до 142 означени како Преодни и завршни одредби.

4. Според член 8 став 1 алинеја 1 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот се темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија

Во член 37 став 1 од Уставот се определува дека „заради остварување на своите економски и социјални права, граѓаните имаат право да основаат синдикати. Синдикатите можат да основаат свои сојузи и да членуваат во меѓународни синдикални организации.“ Според член 32 став 5 од Уставот, „остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат (1) со закон и со (2) колективни договори.“

Согласно Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ 62/2005, 106/2008, 114/2009, 130/2009, 50/2010, 52/2010, 124/2010, 47/2011, 11/2012, 39/2012, 13/2013, 25/2013, 170/2013, 187/ 2013, 113/2014, 20/2015, 33/2015, 72/2015, 27/2016 и 120/2018) и („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 110/2019 и 267/2020) пак, се определува дека:

-Законот го дефинира изразот „работен однос“ како „договорен однос помеѓу работодавачот и работникот во кој работникот доброволно се вклучува во организираниот процес на работа кај работодавачот, за плата и други примања, лично непрекинато ја извршува работата според упатствата и под надзор на работодавачот“ (член 5 став 1 точка 1). Притоа, под изразот „работник“ Законот го определува „секое физичко лице кое е во работен однос врз основа на склучен договор за вработување“, а под изразот „работодавач“ Законот подразбира „правно и физичко лице, како и друг субјект (орган на државна власт, орган на единица на локалната самоуправа, подружница на странско друштво, дипломатско и конзуларно претставништво), кои вработуваат работници врз основа на договор за вработување“ (член 5 став 1 точки 2 и 6);

– Законот понатаму посветува цела глава на колективните договори („XIX.Колективни договори“, членови 203-235);
-„Колективен договор се склучува како (1) општ на ниво на Република, (2) посебен на ниво на гранка односно оддел, согласно со Националната класификација на дејности и (3) поединечен на ниво на работодавач“ (член 203);
-„Поединечен колективен договор склучуваат (1) репрезентативниот синдикат кај работодавачот и (2) овластеното лице од работодавачот“ (член 219 став 1);
-„Репрезентативност на синдикат на ниво на работодавач се определува заради учество во колективно договарање на ниво на работодавач“ (член 211 став 5);
-„Репрезентативен синдикат на ниво на работодавач е синдикат во кој се зачленети најмалку 20% од бројот на вработените кај работодавачот и кои плаќаат членарина“ (член 212 став 5);
-„Работодавачот е должен, на барање на синдикатот, да издаде потврда со списокот на членовите на синдикатот кои се вработени кај него и плаќаат членарина“ (член 213-в став 4);
-„Министерството надлежно за работите од областа на трудот, на предлог на Комисијата (Комисија за утврдување на репрезентативноста, членови 213-а и 213-б, н.з.), донесува решение за репрезентативност во рок од 15 дена од денот на донесувањето на предлогот на Комисијата“ (член 213-г став 2), против кое решение „може да се поднесе жалба во рок од 15 дена од денот на приемот на решението до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен“ (член 213-г став 3), а против решението од Државната комисија „може да се заведе управен спор пред надлежен суд“ (член 213-г став 4);
-„Синдикат …можат да поднесат барање за преиспитување на репрезентативноста, по истекот на период од една година од денот на донесувањето на решението за утврдување на репрезентативност“ (член 213-д став 2);
-„Ако ниеден од синдикатите, …не ги исполнува условите за репрезентативност во смисла на овој закон, синдикатите, …можат да склучат спогодба за здружување заради учество во склучувањето на колективниот договор“ (член 214);
-„Во случај на спор за репрезентативноста на синдикатот, …одлучува надлежниот суд во согласност со закон, во рок од осум дена“ (член 215);
-Поединечниот колективен договор ги обврзува – важи и за работниците кај работодавачот кои не се членови на синдикат или на синдикатот – потписник на колективниот договор“ (член 208 став 3).

Од изнесената уставна одредба произлегува дека положбата и правата на вработените се уредуваат со закон и со колективни договори.

Од цитираните одредби на Законот за работните односи произлегува дека:

(1) работникот (а) доброволно стапува во работен однос со работодавачот (б) заснован на договор за вработување и (в) на работодавачот му врши определени работи (г) за да добие плата и други примања,
(2) договорот за вработување се заснова (а) на закон, (б) општ, (в) посебен и (г) поединечен колективен договор, при што поединечниот колективен договор е (д) склучен меѓу работодавачот и синдикатот на работниците вработени кај тој работодавач и (ѓ) важи за сите вработени кај тој работодавач, па
(3) при постоење на повеќе синдикати кај истиот работодавач, (а) поединечниот колективен договор го склучува репрезентативниот синдикат, (б) во кој членуваат повеќе од 20% од бројот на вработените кај работодавачот и (в) чија репрезентативност е утврдена од Министерството за труд, (г) репрезентативноста може да се преиспитува или да се оспорува во второстепена управна постапка, во двостепен управен спор и во спор пред редовни судови, а
(4) доколку ниеден од синдикатите кај еден работодавач нема членови над 20% од вработените, повеќе синдикати можат да договорат спогодба за здружување за да учествуваат во склучување на поединечниот колективен договор.

Имајќи ја предвид положбата на синдикатот кај конкретен работодавач, од една страна и положбата на поединечниот колективен договор во сферата на работните односи, од друга страна, Судот оцени дека синдикатот кај конкретен работодавач е само една од страните во преговарањето и склучувањето на поединечниот колективен договор, а другата страна е работодавачот, па од тој однос меѓу синдикатот и работодавачот настануваат права на работниците и обврски и одговорности на работодавачот во врска со правата на работниците, како и права на работодавачот и обврски и одговорности на работниците во врска со правата на работодавачот и сето тоа се уредува во колективниот договор чии одредби стануваат задолжителни правни правила. Според тоа, Судот утврди дека синдикатот не е единствен доносител на поединечниот колективен договор за да може да ги уредува само правата на работниците без какви било обврски и одговорности за истите.

Од цитираните законски одредби произлегува дека основањето на синдикат е право на работниците кое тие можат да го остваруваат по слободен избор и без претходно одобрување, дека синдикатот не може да биде распуштен или нивната дејност да се запре административно, ниту пак активностите на синдикатот можат да се ограничат со акт на работодавачот, а работниците сами одлучуваат дали ќе стапат или истапат од конкретниот синдикат.

Во врска со склучувањето на поединечен колективен договор при постоење на повеќе синдикати истовремено кај ист работодавач, Законот определува: Поединечен колективен договор склучуваат (1) репрезентативниот синдикат кај работодавачот и (2) овластеното лице од работодавачот (член 219 став 1); Репрезентативен синдикат на ниво на работодавач е синдикат во кој се зачленети најмалку 20% од бројот на вработените кај работодавачот и кои плаќаат членарина (член 212 став 5);„Министерството надлежно за работите од областа на трудот, на предлог на Комисијата (Комисија за утврдување на репрезентативноста, членови 213-а и 213-б, н.з.), донесува решение за репрезентативност во рок од 15 дена од денот на донесувањето на предлогот на Комисијата (член 213-г став 2), против кое решение може да се поднесе жалба во рок од 15 дена од денот на приемот на решението до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен (член 213-г став 3), а против решението од државната комисија може да се заведе управен спор пред надлежен суд (член 213-г став 4); Во случај на спор за репрезентативноста на синдикатот, одлучува надлежниот суд во согласност со закон, во рок од осум дена (членот 215).

Уредувајќи ги во наведените одредби на општ начин односите на овој и другите закони со колективните договори, Законот за работните односи содржи и посебна глава посветена исклучиво на колективните договори. Имено, во главата XIX од Законот, насловена како „Колективни договори“ се уредени скоро сите прашања од значење за колективните договори и тоа: видовите на колективни договори; примената и важноста на колективните договори; предметот на колективното договарање; обврската за колективно договарање; лицата кои ги обврзува колективниот договор; обликот на колективниот договор; учесниците во склучувањето на колективен договор; репрезентативност на синдикатот и услови за определување на репрезентативноста на синдикатот; условите за определување на репрезентативност на работодавачите; спогодбата за здружување заради учество во склучување на колективен договор; надлежноста за решавање на споровите за репрезентативност на синдикатот односно на здружението на работодавачите; страните за склучување посебно на секој вид колективен договор; одборот за преговори; овластувањето за склучување на колективен договор; должноста за исполнување на обврските од колективните договори; времето на склучување, продолжување и престанок на важењето на колективен договор, објавувањето на колективните договори и друго.

Од изнесените законски одредби произлегува дека при постоење на повеќе синдикати кај ист работодавач, поединечен колективен договор склучува репрезентативниот синдикат, дека репрезентативен синдикат е синдикатот во кој членуваат над 20% од вработените кај конкретниот работодавач, дека тоа се утврдува со решение за репрезентативноста донесено од Министерството за труд и социјална политика, а доколку е спорна репрезентативноста на синдикатот, таа може да се преиспита или да се обжали во второстепена управна постапка или да се оспори во управно-судска постапка или да се оспори во постапка пред редовни судови.

Имајќи ги предвид изнесените законски одредби, според кои истовремено можат да постојат и да дејствуваат повеќе синдикати кај ист работодавач, но поединечен колективен договор во име на работниците може да склучи само репрезентативниот синдикат, Судот утврди дека означувањето на Синдикатот на одбрана и безбедност како синдикат со кој е склучен Колективниот договор (членот 4) и дека само на наведениот синдикат како на потписник на Колективниот договор ќе му се вршат финансиско-сметководствените работи од страна на работодавачот Министерство за одбрана (членот 116) е последица на различниот статус меѓу репрезентативниот синдикат кој е потписник на Колективниот договор и другите синдикати кај истиот работодавач кои не се репрезентативни и не се потписници на тој договор. Таа различност меѓу репрезентативниот синдикат и другите синдикати кај истиот работодавач не може да се смета како привилегирање на еден синдикат и дискриминирање на други синдикати, како што се наведува во иницијативата, туку како реализација на начелото на еднаквоста на начин што за нееднаква положба следат нееднакви права, а само за еднаква положба следат еднакви права.

Судот на седница, исто така, утврди дека на доставеното барање број 08-2310/1 од 12 април 2017 година од страна на Независниот синдикат на одбраната до Министерството за труд и социјална политика, Комисијата за утврдување на репрезентативноста при Министерството за труд и социјална политика постапувајќи по истото Решение број 08-2423/2 од 19 февруари 2018 година утврдила дека не е надлежна да постапува по барањето од причина што барањето се однесувало на утврдување на репрезентативноста на синдикатот на ниво на работодавач за што согласно член 213-а од Законот за работни односи, министерството надлежно за работите од областа на трудот на предлог од Комисијата за утврдување на репрезентативноста утврдува репрезентативност само за синдикатите на ниво на Република Северна Македонија на ниво на јавен сектор, на ниво на приватен сектор од областа на стопанството и на ниво на гранка односно оддел согласно со Националната класификација на дејности.

Од овие причини на доставеното барање од Независниот синдикат на одбраната до министерката за одбрана за утврдување на репрезентативност, министерката за одбрана донела решение за утврдување на репрезентативност на синдикат на ниво на работодавач број 04-3656/1 од 5 јуни 2018 година. Според член 212 став 5 од Законот за работните односи според кој репрезентативен синдикат на ниво на работодавач е синдикат во кој се зачленети најмалку 20% од бројот на вработени кај работодавачот и кои плаќаат членарина, додека според член 213-д став 1 според кој репрезентативноста се определува за временски период од три години од денот на донесувањето на решението.

Судот на седница утврди дека по добиеното известување од страна на Министерството за одбрана било донесено Решение за утврдување на репрезентативност на синдикат на ниво на работодавач, коешто се засновало на список изработен од Сектортот за финансии во Министерството за одбрана, за утврување на бројот на членови на сите синдикати на ниво на работодавач-Министерството за одбрана, од којшто можело да се утврди дека вкупно 1995 вработени во Министерството за одбрана и Армијата на Република Северна Македонија, се членови на Независниот синдикат на одбраната, што изнесувало повеќе од 20% од вкупниот број на вработени кај работодавачот и коишто плаќаат членарина, што е услов за утврдување на репрезентативноста во смисла на член 212 став 5 од Законот за работните односи и член 213-д од истоимениот закон, утврдена со донесеното Решение од министерката за одбрана.

Оттука, за таа цел, за потврдување на репрезентативноста на Независниот синдикат на одбраната, Министерството за одбрана достави податоци до Судот, за бројот на членови на синдикатите на ниво на работодавач, кои плаќаат членарина, пресметано од последната исплатена плата за месец јануари 2020 година во Министерството за одбрана, од вкупниот број на вработени во Министерството и Армијата, кои се членови на синдикатите на ниво на работодавач и кои плаќаат членарина, од каде јасно се гледа дека Независениот синдикат на одбраната, има 2.315 члена, што преставува 30,10% од вкупниот број на вработени (7.690 лица), од кои 4.480 (58,25%) се членови на синдикат и тоа: Синдикат на одбраната и безбедноста, 1.140 члена, 14,82% од вкупниот број на вработени, – Независен синдикат на одбраната , 2.315 члена, односно 30,10% од вкупниот број на вработени, – Независен синдикат на професионални војници, 1.003 члена, 13,04% од вкупен број на вработени и Синдикат на вработени во Воено медицинскиот центар на Министерството за одбрана, 22 члена односно 0.28% од вкупен број на вработени во Министерството за одбрана односно Армијата на Република Северна Македонија.

Од горе наведените причини, Судот оцени дека наводите во иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Колективниот договор, поднесена од Синдикатот на одбраната и безбедноста до Уставниот суд на Република Северна Македонија, се неосновани и поради тоа нема основана причина да се поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Колективниот договор на Министерството за одбрана.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од Решението.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, Јован Јосифовски, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.166/2019
29.09.2021 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска