Решение У.бр.73/2021

У.бр.73/2021

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 22 септември 2021 година, донесе

Р  Е  Ш  Е  Н  И  Е

l. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членовите 10 и 14 од Законот за изменување и дополнување на Законот за средното образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.24/2013).

2. Димитар Филиповски од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на членовите 10 и 14 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорените членови од Законот  биле спротивни на член 8 став 1 алинеи 3 и 4 и член 51 став 4 од Уставот на Република Северна Македонија.

Подносителот на иницијативата, сака да му предочи на Уставниот суд дека Министерството за образование и наука  при постапката за избор на директор  во средните училишта  вршело правно недозволиво, арбитрарно и преeкстензивно толкување  на оспорениот член 10 од Законот за изменување и дополнување на Законот за средното образование, а во врска со оспорениот член 14 од истиот закон којшто како правна норма  во нашиот позитивно – правен систем постои повеќе од 8 години. Како резултат на ова  на многу граѓани кандидати за директор по периодот на донесување на овие измени, а кои  претходно (пред 2013 година) биле избрани во еден мандат за директор, сосема неоправдано Министерството тој мандат им го пресметува како еден од „двата последователни мандати“ без можност повторно да бидат избрани на таа функција. Со таквата  измена на Законот директно се кршат одредбите од Уставот на Република Северна Македонија конкретно член 51 став 4 во кој јасно е нагласено дека законите не можат да имаат повратно дејство.

Оттука, според подносителот евидентно е дека терминологијата уште еден последователен мандат е неуедначена по однос на тоа од кога се смета тој мандат,односно дали и мандатот пред 2013 влегува во тие два последователни мандати што како консеквенца создава правна несигурност кај граѓаните што било спротивно на уставното начело на владеење на правото, коешто во себе го содржи начелото на законитост  сфатено во материјална  и формална смисла. Овој принцип на легалност го обврзува законодавецот  да формулира прецизни, недвосмислени  и јасни правни норми усогласени со останатите закони, кои ќе бидат разбирливи за поголемиот дел од населението.

Според подносителот, таквите норми можат да претставуваат солидна основа за законито и правично постапување на судските органи. Ваквата одредба  наишла на злоупотреба од страна на Министерството за образование  која одредба ја користи по сопствено толкување на кој начин се ограничуваат загарантираните права на граѓаните.

Понатаму, подносителот наведува дека и во случај Министерството за образование и наука правилно да ја толкува нормата истата не може да има повратно дејство на штета на граѓаните бидејќи била понеповолна за граѓаните.

Поради сето наведено, подносителот смета дека оспорените законски одредби очигледно биле противуставни и истите треба да бидат поништени или укинати и повеќе да не постојат во правниот поредок.

3. Судот на седницата утврди дека во Законот за средното образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.44/1995) година, во член 91 точка 4 е предвидено дека „Мандатот на директорот на јавното училиште и ученичкиот дом трае пет години“.

Во Законот за изменување и дополнување на Законот за средното образование („Службен весник на Република Македонија бр.67/2004) во член 91 точка 9 е предвидено дека:

Мандатот на директорот на јавното средно училиште трае четири години.

Со Законот за изменување и дополнување на Законот за средното образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.24/2013),во  оспорениот член 10 е предвидено дека:

Во член 91 став (10) по зборовите „години“ се додаваат зборовите „со можност за уште еден последователен мандат во истото училиште“.

Во оспорениот член 14 од наведениот закон е предвидено дека

Одредбата од членот 10 од овој закон која се однесува на членот 91 став 10 ќе започне да се применува од 1 септември 2013 година.

Интегралниот текст на член 91 став 10 од Законот за средното образование, по сите негови измени и дополнувања („Службен весник на Република Северна Македонија) бр. 44/1995; 16/1996; 24/1996; 34/1996; 35/1997; 82/1999; 41/2001; 29/2002; 52/2002; 40/2003; 42/2003; 78/2003; 67/2004; 30/2005; 51/2005; 55/2005; 113/2005; 3/2006; 35/2006; 71/2006; 30/2007; 49/2007; 81/2008; 92/2008; 98/2008; 142/2008; 88/2009; 33/2010; 116/2010; 156/2010; 18/2011; 51/2011; 6/2012; 100/2012; 24/2013; 41/2014; 116/2014; 135/2014; 10/2015; 98/2015; 145/2015; 30/2016; 127/2016; 67/2017; 64/2018; 161/2019; 229/2020) гласи:

(10) Мандатот на директорот на јавното средно училиште трае четири години, со можност за уште еден последователен мандат во истото училиште.

4. Според член 8 став 1 алинеите 3 и 4 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според став 2 на член 8 од Уставот, во Република Северна Македонија слободно е се што со Уставот и закон  не е забрането.

Според член 51 став 4 од Уставот, законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

Тргнувајќи од изнесените уставни одредби, анализата на оспорената одредба од Законот за средното образование  наспрема наводите од иницијативата Судот оцени дека истите се неосновани.

Ова од причини што, Собранието на Република Северна  Македонија, како носител на законодавната власт, може да донесува закони, меѓу другото и за уредување на прашања и односи поврзани со остварувањето на уставно утврденото право на образование.

Во рамките на уредувањето на овие прашања, законодавецот има легитимно право да ги пропише и условите под кои се изведува воспитно-образовната дејност во средното образование, да го уреди управувањето и раководењето со училиштето, а во таа смисла да ги утврди и условите кои треба да ги исполнува лицето за вршење функцијата на директор на средното училиште, како и да го определи мандатот на директорот.

Со Законот за средното образование се уредува организацијата, функционирањето и управувањето во средното образование, како дел од системот на воспитанието и образованието.
Во средното образование се остваруваат планови и програми за гимназиско и стручно образование. Средното образование се остварува во средни училишта кои се организираат како јавни средни училишта (средно општинско училиште, односно средно училиште на Градот Скопје и државно средно училиште) и приватно средно училиште.

Државните средни училишта се основаат само за остварување на планови и програми за средно образование на одредени категории на ученици за кои државата има посебен интерес. Дејноста што се остварува во средното училиште е од јавен интерес и се врши како јавна служба. Средното училиште има својство на правно лице и се запишува во Централниот регистар на Република Македонија.

Според член 3 од Законот, средното образование е задолжително за секој граѓанин, под еднакви услови утврдени со овој закон. Средното образование во јавните средни училиштa е бесплатно.

Не се дозволени дискриминации засновани на пол, раса, боја на кожата, национално и социјално потекло, политичко и верско уверување, имотната и општествената положба.

Во насока на остварување, односно реализирање на наведените прашања, законодавецот во главата IX. Раководење и управување во средното училиште предвидел дека согласно член  88 од Законот, орган на управување во средното јавно училиште е управниот одбор.

Во членот 91 од Законот е предвидено дека директорот е раководен орган на јавното средно училиште и одговорен за законитост во работата и за материјално-финансиското работење на училиштето. За директор на јавно средно училиште се избира лице кое покрај општите услови утврдени со закон ги исполнува условите за наставник, педагог или психолог во средно училиште, има високо образование, пет години работно искуство во установа за воспитно-образовна работа верифицирана од Министерството и положен испит за директор ниво Б2 (B2).3.  Исто така во Законот е утврден и мандатот на директорот кој е четири години со можност да биде избран уште за еден мандат.

Со наведените измени и дополнувања на Законот, всушност се врши допрецизирање на постојната одредба на членот 91 од основниот текст на Законот според кој мандатот на директорот можел да трае пет години, а со измените  и дополнувањата на Законот мандатот на директорот може да трае четири години со појаснување дека вториот мандат кој е даден како можност, се врши последователно по завршувањето на првиот мандат и се однесува за во истото училиште.

Оттука, според Судот оспорената одредба е јасна концизна и недвосмислена  и истата треба да се толкува дека законодавецот му дава можност на кандидатот, односно директорот, кој бил избран во средното училиште според тогаш важечкиот закон  да може да се кандидира и да биде избран за уште еден мандат од четири години.

5. Во врска со оспорениот член 14 од Законот за изменување и дополнување на Законот за средното образование од 2013 година, според кој одредбата од членот 10 од Законот за изменување и дополнување ќе се применува од 1 септември 2013 година, која според подносителот имала повратно дејство, Судот оцени дека е неоснована.

Ова од причини што измените на Законот се донесени на 12  февруари 2013 година, објавени во „Службен весник на Република Македонија“ на 15 февруари 2013 година, и истите влегле во сила  согласно член 15  со денот на објавувањето.

6. Што се однесува до наводите од иницијативата дека Министерството за образование и наука при постапка за избор на директор во средните училишта врши правно недозволено, арбитрарно и преекстензивно толкување на оспорениот член 10 од Законот, Судот оцени дека тоа е прашање на примена на оспорениот член за што Уставниот суд не е надлежен да одлучува.

7. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, Јован Јосифовски, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.73/2021
22.09.2021 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска