Решение У.бр.34/2021

У.бр.34/2021

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членовите 27 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019 и 256/2020), на седницата одржана на 30 јуни 2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Детален Урбанистички план за градска четврт „З 09“ (опфат помеѓу бул.Партизански одреди, ул.Франклин Рузвелт, бул.Митрополит Теодосиј Гологанов и бул. 8-ми Септември) Општина Карпош – Скопје („Службен гласник на Општина Карпош“ бр.3/2017).

2. СЕ ЗАПИРААТ од извршување поединечните акти или дејствија донесени односно преземени врз основа на актот означен во точката 1 од ова решение.

3. Невена Георгиевска од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија достави иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорената одлука за донесување на Детален урбанистички план за градска четврт „ З 09“ (опфат помеѓу бул.Партизански одреди, ул.Франклин Рузвелт, бул.Митрополит Теодосиј Гологанов и бул. 8-ми Септември) Општина Карпош – Скопје („Службен гласник на Општина Карпош“ бр.3/2017), не била во согласност со член 8 став 1 алинеите 3 и 10, членот 43 и членот 51 од Уставот на Република Северна Македонија, со членот 28 од Законот за просторното и урбанистичкото планирање и со членот 65 од Законот за животна средина. Воедно подносителот ја цитира содржината на наведените уставни и законски одредби на кои се повикува.

Во образложението на иницијативата подносителот наведува дека при изготвување на оспорениот ДУП, Општина Карпош не ги почитувала наведените уставни и законски одредби, односно направила повеќе пропусти во постапката за донесување на планот. Имено, Општина Карпош не ја објавила одлуката за неспроведување на Стратегиска оценка за влијанието на животната средина и формуларот на веб страницата на Општината, која обврска е предвидена во Законот за животната средина.

Во прилог на наведеното тврдење како доказ поднесен е принт скрин од сите одлуки објавени на огласната табла на Општина Карпош во периодот пред објавување на јавната анкета до донесување на ДУП, односно во периодот од 08.01.2016 година, датум кога е донесена годишната Програма за урбанистичко планирање за 2016 до 03.03.2017 година.

Според подносителот со необјавувањето на Одлуката за неспроведување на Стратегиската оцена не им било овозможено на граѓаните правото на жалба по таа одлука кое право го имаат согласно член 65 став 11 од Законот за животната средина .

Со оглед на фактот што Стратегиската оценка на влијанието на планот врз животната средина претходи на донесување на конечната одлука за донесување на урбанистичкиот план, подносителот смета дека таа е составен дел на постапката за донесување на деталниот урбанистички план, чијашто уставност и законитост ја испитува Уставниот суд. Ова произлегувало и од досегашната практика на Уставниот суд и одлуките објавени на веб страницата на Уставниот суд У.бр. 172/2010, У.бр.222/2011, У.бр.6/2013, У.бр.73/2013, У.бр.95/2017, У.бр.134/2017, У.бр.135/2017, У.бр.136/2017, У.бр.123/2018, У.бр.80/2019-1 и други) од кои можело да се види дека Судот ги ценел и овие аспекти.

Со оглед на наведеното, подносителот бара Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената Одлука за донесување на деталниот урбанистички план, како и да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија преземени врз основа на оспорената Одлука за донесување на Детален урбанистички план за градска четврт „ З 09“ (опфат помеѓу бул.Партизански одреди, ул.Франклин Рузвелт, бул.Митрополит Теодосиј Гологанов и бул. 8-ми Септември) Општина Карпош – Скопје („Службен гласник на Општина Карпош“ бр.3/2017).

4. Судот на седницата од извршениот увид во доставената документација за водената постапка за донесување на оспорената одлука за донесување на Деталниот урбанистички план утврди дека се донесени следните документи:

1. Програма за урбанистичко планирање за 2014 година, донесена од Советот на Општина Карпош бр.07-8512/15 од 20.12.2013 година,
2. Програма за изменување и дополнување на Програмата за урбанистичко планирање за 2014 година, донесена од Советот на Општина Карпош бр.07-5701/6 од 27.08.2014 година,
3. Програма за изменување и дополнување на Програмата за урбанистичко планирање за 2015 година, бр 08-8913/5 од 24.12.2014 година,
4. Програма за изменување и дополнување на Програмата за урбанистичко планирање за 2016 година, бр 08-8826/11 од03.12.2015 година,
5. Одобрена Планска програма за изработка на ДУП, заведена во Општина Карпош бр.33-3430/5 од 18.08.2014 година,
6. Предлог ДУП за Градска четврт З 09 (опфат помеѓу бул.Партизански одреди, ул.Франклин Рузвелт, бул.Митрополит Теодосиј Гологанов и бул. 8-ми Септември) Општина Карпош – Скопје со тех. Бр.121-14 од февруари 2017 година,
7. Извештај за постапување по забелешките од стручната ревизија од изготвувачот на планот бр.121/14 од август 2914 година,
8. Известување за достава на Предлог-планот за мислење од изготвувачотна планот бр.121/14 од 19.08.2014 година,
9. Решение за формирање на комисија за давање на мислење на нацрт – планови и давање предлог до градоначалникот за одобрување на локална урбанистичка планска документација бр.09-4286/1 од 18.06.2013 година,
10. Мислење по предлог план од комисијата бр.33-3430/6 од 20. 08.2014 година,
11. Одлука за организирање на јавна презентација и јавна анкета на планот од градоначалникот на Општината со УП.бр.09-3430/7 од 06.10.2014 година,
12. Соопштение за организирање на јавна презентација и јавна анкета на планот од градоначалникот на Општината бр.09.3430/8 од 06.10.2014 година и доказ за објава во две гласила,
13. Решение за формирање на Стручна комисија за изработка на извештај по спроведување на јавна анкета и јавна презентација од градоначалникот бр.09-3430/14 0д 26.10.2014 година,
14. Уредни покани за стручна расправа до органи на државната управа и други субјакти согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање,
15. Заклучок од комисијата за повторување на јавната анкета и јавната презентација бр.33-34430/19 од 05.11.2014 година,
16. Одлука за организирање на повторна јавна презентација и јавна анкета на планот од градоначалникот на Општината бр.10-1089/1 0д 03.02.2015 година,
17. Соопштение за организирање на повторна јавна презентација и јавна анкета на планот на градоначалникот на општината бр.10-1089/2 од 03.02.2015 година и доказ за објава во две гласила,
18. Уредни покани за стручна расправа до органите на држацната управа и други субјекти согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање,
19. Извештај и записник од спроведена повторна јавна презентација и јавна анкета бр.34-1089/14 од 19.02.2015 година,
20. Известување за достава на Предлог план до Општината од изготвувачот на планот по постапување по Извештајот за јавна презентација и јавна анкета бр.10-1089/22 од 07.05.2015 година,
21.Известување за постапување по Извештајот од спроведената јавна анкета и јавна презентација бр.121/14 од 26.02.2015 година,
22. Одлука за неспроведување на Стратегиска оцена за влијание на животна средина од градоначалникот на Општината бр.34-1089/29 од 13.07.2015 година,
23. Известување од Министерството за животна средина и просторно планирање по Одлуката за неспроведување на Стратегиска оцена за влијанието на животната средина бр.15-6388/2 од 04.08.2015 година,
24. Заклучок од комисијата бр.45-404/3 од 21.02.2017 година,
25. Мислења од надлежни органи, институции и др.субјекти согласно член 29 од Законот:
Известување за согласност за усогласеност на катастарските парцели од Агенцијата за катастар на недвижност бр.09-14378/2 од 11.08.2014,
Мислење од Дистрибуција на топлина БЕГ бр.03-697 од 23.02.2015 година,
Мислење од Министерството за култура бр.17-307/2 од 26.01.2016 година,
Мислење од Македонски телеком АД Скопје бр.07-20479/2 од 08.02.2016 година,
Мислење од Дирекцијата за заштита и спасување ПО Карпош бр.09-5-26/2 од 01.03.2016 година,
Мислење од АД ГАМА Скопје бр.0308-221/2 од 17.02.2016 година.
Мислење од ЈП Водовод и Канализација Скопје бр 1301-659/2 од 01.03.2016 година,
Мислење од ЕВН Македонија, АД Скопје КЕЦ Ѓорче Петров бр.21-724/2 од 14.03.2016 година,
Мислење од Министерството за образование бр.10-5161/5 од 18.08.2016 година,
26. Известување по Предлог планот за позитивно мислење на Град Скопје бр.13-10337/2 од 24.12.2015 година,
27. Согласност од Министерството за транспорт и врски бр.24-1880/2 од 27.02.2017 година,
28.Барање до Секторот за односи со јавност и информација на граѓаните бр.45-2448/4 од 15.04.2021 година.
Во наведеното барање Општина Карпош Сектор за урбанизам, бара од Секторот за односи со јавноста и информација на граѓаните да се изврши проверка на податоци прикачени на Огласната табла на веб сајтот на Општина Карпош за месец јуни 2015 година, односно потребен е податок дали се објавени (и доколку се прикачени потврда за истото), Одлуката за неспроведување на стратегиска оцена и Формуларот за планскиот документ Детален урбанистички план за градска четврт „З 09“ (опфат помеѓу бул.Партизански одреди, ул.Франклин Рузвелт, бул.Митрополит Теодосиј Гологанов и бул. 8-ми Септември) Општина Карпош – Скопје.
29. Известување од Секторот за односи со јавноста и информација на граѓаните бр.60-2448/6 од 16.04.2021 година.

Секторот за односи со јавноста и информација на граѓаните при Општина Карпош до градоначалникот на Општината го доставил известувањето во кое се наведува дека до нивното дделение не е стасано такво барање од надлежните (Сектор за урбанизам) и повисоките инстанци за огласување, па оттаму ниту веб администраторот не можел да ги закачи тие докуманти на огласната табла на интернет страницата.

5. Судот, исто така, утврди дека врз основа на член 22, став 1, точка 1 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002), член 26, став 4 алинеја 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/05, 137/07, 91/09, 124/10, 18/11, 53/11, 144/12, 55/13, 163/13 и 42/14) и член 39 став 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр. 199/14, 44/15, 193/15, 31/16 и 163/16″), Советот на Општина Карпош, на шеесет и трета седница одржана на 03 март 2017 година, донел

О Д Л У К А
за донесување на Детален урбанистички план за Градска четврт З 09 (опфат помеѓу бул. Партизански одреди, ул. Франклин Рузвелт, бул.Митрополит Тедосије Гологанов и бул. 8-ми Септември), Општина Карпош – Скопје

Член 1

Со оваа одлука се донесува Детален урбанистички план за градска четврт З 09 (опфат помеѓу бул. Партизански одреди, ул. Франклин Рузвелт, бул.Митрополит Тедосије Гологанов и бул. 8-ми Септември), Општина Карпош – Скопје. Деталниот урбанистички план е изработен според одредбите за спроведување на Генералниот урбанистички план на Град Скопје, Законот за просторно и урбанистичко планирање, Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање и Правилникот за поблиска содржина и начинот на графичка обработка на плановите и за начинот и постапката за донесување на урбанистички планови.

Член 2

Просторот за кој се донесува деталениот урбанистички план е дефиниран помеѓу;
• од север: по осовина на бул. “Партизански одреди“;
• од исток: по осовина на ул. “Франклин Рузвелт“;
• од југ : по осовина на бул. “Митрополит Тедосије Гологанов“;
• од запад: по осовина на бул. “8-ми Септември“.

Површината на урбаниот опфат изнесува П= 43,98 ха.

Член 3

Опфатот на Деталниот урбанистички план ги содржи следните намени: домување во станбени куќи, домување во станбени згради, групно домување, големи трговски единици, хотелски комплекси, образование и наука, здравство и социјална заштита, државни институции, парковско зеленило, спорт и рекреација, комунална инфраструктура, комунална супраструктура.

Во рамките на планот се предвидени следните класи и намени на земјиштето:

• A1– домување во станбени куќи
• A2– домување во станбени згради
• A3 – групно домување
• Б2- големи трговски единици
• Б5 – хотелски комплекси
• В1-образование и наука
• В2- здравство и социјална заштита
• В4-државни институции
• Г2 – лесна и незагадувачка индустрија
• Д1 – парковско зеленило
• Д3 –спорт и рекреација
• Е1 – комунална инфраструктура
•Е2 – комунална супраструктура

Со планот се одредени:
– облик и големина на градежна парцела /м2/
– регулациона линија,
– градежна линија која го дефинира просторот во кој може да се гради,
– максимална површина за градба во која може да се развие основата на објектот /м2/
– процент на изграденост /%/,
– максимална развиена површина на објектот /м2/,
– коефициент на искористеност /К/,
– намена на објектот,
– максимална висина на објектот /до завршниот венец/од ниво на тротоар, сообраќајница или пристапна патека,
– паркирање-гаражирање на возилата во рамките на парцелите.

Член 4

Составен дел на оваа одлука се:
– Текстуален дел ,
– Графички прилози
– Основни параметри за уредување на просторот и
– Табеларен приказ на урбанистичките параметри.

Член 5

Деталниот урбанистички план се заверува со печат на Општина Карпош и потпис на претседателот на Советот на Општината.

Член 6

Деталниот урбанистичкиот план со сите негови делови се чува во Одделението за урбанистичко планирање на Општина Карпош.

Член 7

Оваа одлука влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Карпош .

6. Согласно член 8 став 1 алинеи 3 и 10 од Уставот, владеењето на правото и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и природата, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

7. Со Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ број 51/2005, 137/2007, 91/2009, 124/2010, 18/2011, 53/2011, 144/2012, 55/2013, 163/2013 и 42/2014 ) и член 39, став 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр. 199/14, 44/15, 193/15, 31/16 и 163/16″), година, се уредуваат условите и начинот на системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите и содржината на плановите, изработувањето и постапката за донесување на плановите, спроведувањето на плановите и следењето на реализацијата на плановите, надзорот и други прашања од областа на просторното и урбанистичкото планирање. (член 1).

Според член 7 став 1 од овој закон, во зависност од просторот кој е предмет на планирањето, се донесуваат следниве планови:

1) Просторен план на Република Македонија и
2) урбанистички планови:
– генерален урбанистички план,
– детален урбанистички план,
– урбанистички план за село и
– урбанистички план вон населено место.

Според членот 15-в од овој закон:

(1) Донесувачот на урбанистичките планови од член 7 точка 2 од овој закон, државната урбанистичка планска документација, локалната урбанистичка планска документација, урбанистичко-планската документација за туристичка развојна зона и урбанистичко-планската документација за автокамп е должен во рок од три работни дена од денот на одобрувањето на планската програма од членот 15-а од овој закон, да донесе одлука за спроведување или одлука за неспроведување на стратегиска оцена за влијание врз животната средина и врз здравјето на луѓето, во која се образложени причините за спроведувањето, односно неспроведувањето на оцената на начин и постапка пропишани со Законот за животната средина.
(2) Доколку органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина во рок од 15 дена од приемот на одлуката со која е одлучено да не се спроведува стратегиска оцена за влијание врз животната средина и врз здравјето на луѓето, формуларите и другите придружни документи утврдени со Законот за животната средина, не донесе решение со кое го задолжува донесувачот на урбанистичкиот план, односно урбанистичко-планската документација да спроведе стратегиска оцена за влијание врз животната средина и врз здравјето на луѓето, не се спроведува стратегиска оцена.

8. Со членот 7 од Законот за изменување и дополнување на Законот за животната средина („Службен весник на Република Македонија“ број 51/2011), членот 65 на овој закон се менува и гласи:

(1) На предлог на органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина, Владата на Република Македонија ги прoпишува стратегиите, плановите и програмите, вклучувајќи ги и промените на тие стратегии, планови и програми (во натамошниот текст: плански документи), за кои задолжително се спроведува постапка за оцена на нивното влијание врз животната средина и врз здравјето на луѓето (во натамошниот текст: стратегиска оцена).
(2) Стратегиска оцена се спроведува на плански документи кои се подготвуваат во областа на земјоделството, шумарството, рибарството, енергетиката, индустријата,рударството, транспортот, регионалниот развој, телекомуникациите, управувањето со отпадот, управувањето со водите, туризмот, просторното и урбанистичкото планирање и користењето на земјиштето и со кои се создава основа за изведување на проекти за кои се врши оцена на влијанието врз животната средина или на сите плански документи со кои се уредува управувањето со заштитените подрачја прогласени согласно со закон или пак можат да влијаат врз тие подрачја.
(3) По исклучок за плански документи од ставот 2 на овој член, со кои се одредува користење на мали области од локално значење и сокои се предвидуваат мали измени на планските документи од ставот 2 на овој член, стратегиска оцена ќе се врши само кога органот кој го подготвува планскиот документ ќе утврди дека има значајни влијанија врз животната средина и врз здравјето на луѓето согласно со прописот од став 4 на овој член.
(4) Владата на Република Македонија на предлог на министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина ги пропишува критериумите врз основа на кои се определува дали еден плански документ би можел да има значително влијание врз животната средина и врз здравјето на луѓето.
(5) За планските документи кои не се определени со прописот од ставот 1 на овој член, а со кои се создава основа за изведување на проекти за кои се врши оцена на влијанието врз животната средина, стратегиска оцена се врши само тогаш кога е веројатно дека тие би можеле да имаат значително влијание врз животната средина и врз здравјето на луѓето согласно со прописот од ставот 4 на овој член.
(6) Органот кој го подготвува планскиот документ е должен да донесе одлука за спроведување или одлука за неспроведување на стратегиска оцена во која се образложени причините за спроведувањето, односно неспроведувањето согласно со критериумите утврдени во прописот од ставот 4 на овој член.
(7) Во случаите од ставот 6 на овој член кога е потребно спроведување на стратешка оцена на влијанието врз животната средина, со одлуката од ставот 6 на овој член се определува и обемот на стратегиската оцена.
(8) Одлуката од ставот 6 на овој член ја донесува лицето кое раководи со органот што го подготвува планскиот документ, односно градоначалникот на општината, општината во градот Скопје или градоначалникот на градот Скопје, тогаш кога планскиот документ го подготвува општината, општината во градот Скопје или градот Скопје.
(9) Органот кој го подготвува планскиот документ е должен да ги определи органите засегнати од имплементацијата на планскиот документ на начин пропишан со актот донесен согласно со членот 61 став 8 од овој закон, како и да ги консултира истите при донесувањето на одлуката за спроведување, односно неспроведување на стратегиската оцена, како и во текот на спроведувањето на стратегиската оцена.
(10) Органот што го подготвува планскиот документ во рок од пет дена од денот на донесувањето на одлуката од ставот 6 на овој член, заедно со формуларите од ставот 20 на овој член е должен да ги објави на својата веб-страница на начин пропишан со актот донесен согласно со членот 61 став 8 од овој закон.
(11) Против одлуката од ставот 6 на овој член, јавноста има право на жалба во рок од 15 дена од денот на нејзиното објавување на веб-страницата на органот кој го подготвува планскиот документ, до министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина кога одлуката ја носи градоначалникот на општината, општината во градот Скопје или градоначалникот на градот Скопје, односно до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен кога одлуката ја носи орган на државната управа.
(12) Органот што го подготвува планскиот документ во рок од пет дена од денот на донесувањето на одлуката од ставот 6 на овој член, заедно со формуларите од ставот 20 на овој член, како и другите придружни документи е должен да ги достави до органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина.
(13) Органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина во рок од 15 дена од денот на приемот на одлуката, формуларите и другите придружни документи од ставот 12 на овој член, со која е одлучено да не се спроведува стратегиска оцена, доколку оцени дека се исполнети условите за спроведување на стратегиската оцена на планскиот документ или истиот има значителни влијанија врз животната средина и здравјето на луѓето ќе донесе решение со кое го задолжува органот што го подготвува планскиот документ да спроведе стратегиска оцена на истиот.
(14) Со решението од ставот 13 на овој член ќе се определи и обемот на стратегиската оцена.
(15) Органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина е должен во рок од 15 дена од денот на приемот на одлуката, формуларите и другите придружни документи од ставот 12 на овој член, со која е одлучено да се спроведува стратегиска оцена ќе издаде решение со кое го определува обемот на стратегиската оцена доколку утврди дека истиот не е целосно определен од страна на органот што го подготвува планскиот документ.
(16) Решението од ставовите 13 и 15 на овој член органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина е должен да ги објави на својата веб-страница.
(17) Против решението од ставовите 13 и 15 на овој член засегнатата јавност, како и органот што го подготвува документот имаат право на жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен.
(18) Во случај кога органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина ќе утврди дека одлуката, формуларите, како и другата доставена документација од ставот 12 на овој член, не ги содржат потребните информации за оцена на потребата, односно непостоење потреба од спроведување на стратегиска оцена е должен во рок од 15 дена од денот на приемот на истите да побара од органот што го подготвува планскиот документ да ги достави бараните информации.
(19) Доколку органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина не донесе решение од ставовите 13 и 15 на овој член во рок од 15 дена од денот на приемот на одлуката од ставот 6 на овој член, ќе се смета дека нема забелешки по истата.
(20) Министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина ги пропишува формата, содржината и образецот на одлуката од ставот 6 на овој член и на формуларите за потребата од спроведување, односно неспроведување на стратешка оцена од ставот 12 на овој член.

9. Од анализата на наведените уставни и законски одредби произлегува дека владеењето на правото и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата се темелни вредности на уставниот поредок на Републиката, во која смисла законодавецот со Законот за просторно и урбанистичко планирање пропишал прецизна регулатива во врска со планирањето на просторот, точно определувајќи ги плановите за просторно и урбанистичко планирање, нивната содржина и постапката за нивно донесување.

Изработката на стратегиска оцена за влијание врз животната средина и врз здравјето на луѓето е дел од постапката за донесување на плановите за просторно и урбанистичко планирање. Така, законодавецот пропишал дека во постапката за донесување на урбанистичките планови од член 7 точка 2 од овој закон, државната урбанистичка планска документација, локалната урбанистичка планска документација, урбанистичко-планската документација за туристичка развојна зона и урбанистичко-планската документација за автокамп постои обврска за изработка на стратегиска оцена за влијание врз животната средина и врз здравјето на луѓето, во која смисла донесувачот на урбанистичкиот план е должен во рок од три работни дена од денот на одобрувањето на планската програма со која се утврдува границата и содржината на планскиот опфат, да донесе одлука за спроведување или одлука за неспроведување на стратегиска оцена за влијание врз животната средина и врз здравјето на луѓето, во која се образложени причините за спроведувањето, односно неспроведувањето на оцената на начин и постапка пропишани со Законот за животната средина.

Според Законот за животна средина (член 65 став 6), органот кој го подготвува планскиот документ е должен да донесе одлука за спроведување или одлука за неспроведување на стратегиска оцена во која се образложени причините за спроведувањето, односно неспроведувањето согласно со критериумите утврдени во прописот од ставот 4 на овој член. Според ставот 10 на истиот член, органот што го подготвува планскиот документ во рок од пет дена од денот на донесувањето на одлуката од ставот 6 на овој член, заедно со формуларите од ставот 20 на овој член е должен да ги објави на својата веб-страница на начин пропишан со актот донесен согласно со член 61 став 8 од овој закон Согласно став 11 на истиот член, против одлуката од ставот 6 на овој член, јавноста има право на жалба во рок од 15 дена од денот на нејзиното објавување на веб-страницата на органот којшто го подготвува планскиот документ до министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина кога одлуката ја носи градоначалникот на општината, општината во Градот Скопје или градоначалникот на Градот Скопје, односно до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен кога одлуката ја носи орган на државната управа. Според став 12 на овој член, органот што го подготвува планскиот документ во рок од пет дена од денот на донесувањето на одлуката од ставот 6 на овој член, заедно со формуларите од ставот 20 на овој член, како и другите придружни документи е должен да ги достави до органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина.

Имајќи го предвид наведеното, произлегува дека постои законска обврска општината, во постапката за донесување на ДУП, да донесе одлука за спроведување или одлука за неспроведување на стратегиска оцена за влијание на животната средина во која се образложени причините за спроведувањето, односно неспроведувањето на стратегиската оцена. Притоа, органот што го подготвува планскиот документ е должен, согласно член 65 од Законот за животната средина, на што упатуваат и одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање, на својата веб-страница да ја објави наведената одлука, заедно со соодветните формулари, од кој датум тече рокот за запознавање на јавноста со одлуката и можноста за поднесување на жалба на истата.

Во конкретниот случај, градоначалникот на Општина Карпош, на 08.07.2015 година, донел Одлука за неспроведување на стратегиска оцена, заведена под бр. 34-1089/29 од 13.07.2015 година во која во точката 1 утврдил дека за планскиот документ Детален урбанистички план за градска четврт „3 0“, опфат помеѓу наведените булевари кој се носи согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање, не е потребно да се спроведе стратегиска оцена за влијанието врз животната средина согласно член 65 од Законот за животна средина. Во точка 2 од Одлуката е наведено дека Одлуката, заедно со формуларите за определување на потребата од спроведување односно неспроведување на стратегиска оцена се објавува на веб-страната на Општина Карпош www.karpos.gov.mk. Во точката 3 од Одлуката, е наведено дека согласно критериумите за определување на тоа дали еден плански документ има влијание врз животната средина од член 65 став 4 од Законот за животната средина и врз основа на податоците од прилог 2 на Правилникот за формата, содржината и образецот на одлуката за спроведување односно неспроведување на стратегиска оцена и на формуларите за потребата од спроведување односно неспроведување на стратегиска оцена, донесувањето на наведениот плански документ нема да има влијание врз животната средина од следните причини: бидејќи со планскиот документ кој се донесува нема промена на намената од важечкиот ДУП за градска четврт 3 09, има за цел рационално користење на земјиштето, се дефинираат и оформуваат урбанистички парцели, со што се решаваат имотно-правните работи на сопствениците од катастарските парцели, намената на земјиштето нема да трпи промени. Според точката 4 од истата одлука, против оваа одлука може да се поднесе жалба до градоначалникот на Општина Карпош во рок од 15 дена од денот на објавување на одлуката на веб-страната.

Наведената одлука на 06.08.2015 година е доставена на мислење до Министерството за животна средина и просторно планирање, кое дало мислење до Општина Карпош, бр. 34-1089/30 од 28.07.2015 година, во кое се наведува дека, согласно Законот за животна средина, Министерството ја прифаќа Одлуката за неспроведување на стратегиска оцена за влијание на животната средина во постапката за носење на планска документација на наведениот ДУП. Се укажува дека Одлуката заедно со формуларите задолжително се објавуваат на веб-страната на органот кој го подготвува и носи планскиот документ.

При вака утврдена фактичка и правна состојба, основано се поставува прашањето дали Одлуката за неспроведување на стратегиска оцена (34-1089/29 од 13.07.2015 година ) била истакната на веб-страната на Општина Карпош, како што пропишува Законот за животната средина, а како што стои и во самата одлука (точка 4). Ова од причини што во иницијативата се наведува дека ваква јавна објава подносителот на иницијативата не успеал да утврди на веб-страната на Општината, од кој датум би течел законскиот рок за запознавање на јавноста и за поднесување на жалба на истата.

Тргнувајќи од фактот дека објавувањето на одлуката за спроведување или за неспроведување на стратегиска процена на веб – страната на општината е законски пропишана обврска при донесување на детален урбанистички план и дека против ваквата одлука јавноста има право на жалба во рок од 15 дена од денот на нејзиното објавување на веб – страницата на органот којшто го подготвува планскиот документ, произлегува дека објавувањето на одлуката за спроведување, односно неспроведување на стратегиска процена на веб-страната на општината е дел од законски пропишаната постапка за донесување на детален урбанистички план, од кој зависи информирањето на јавноста и остварувањето на правото на правна заштита во областа на заштитата и унапредувањето на животната средина.

Оттука, необјавувањето на одлуката на начин и постапка пропишани со Законот за животна средина, значи дека не е во целост запазена постапката за донесување на предметниот урбанистички план предвидена со Законот за просторно и урбанистичко планирање, што води кон повреда на начелото на владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, поради што Судот смета дека основано може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со член 8 став 1 алинеи 3 и 10 од Уставот на Република Северна Македонија и со членот 65 од Законот за животната средина.

10. Во однос на предлогот во иницијативата, до донесување на конечна одлука, Уставниот суд да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија преземени врз основа на оспорената одлука, Судот оцениме дека се исполнети условите од членот 27 од Деловникот на Уставниот суд за прифаќање на ваквото барање.

11. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

12. Ова решение Судот го донесе го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.34/2021
30.06.2021
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска