Решение У.бр.26/2021

У.бр.26/2021

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 1 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 5 мај 2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 5 став 1, член 6 точка 1 алинеја 1, член 17 ставови 3 и 4, членот 51 и членот 52 од Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија 2021 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.19/2021).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на насловот, членот 10, член 29 став 4, член 30 став 6 и член 35 ставови 2 и 3 од Законот означен во точката 1 на ова решение, како и иницијативата за оцена на меѓусебната согласност на член 8 со член 35 став 1 од истиот закон и иницијативата за оцена на согласноста на овој закон со други закони и со меѓународни акти.

3. Светскиот македонски конгрес до Уставниот суд поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативите, насловот и оспорените законски одредби не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 2 и став 3, членот 9, членот 26, членот 39, член 51 став 1, членот 54, член 69 став 2 со Амандманот X, членот 118 и членот 119 од Уставот.

Најпрво, во иницијативата се цитираат наведените уставни одредби, како и одредбите од Законот кои се оспоруваат.

(1) Потоа, во иницијативата се наведува дека при одлучувањето, Уставниот суд требало да ги има предвид:

– Законот за попис на населението, домаќинствата, становите и земјоделските стопанства во Република Македонија во 1994 година („Службен весник на Република Македонија“ бр. 25/1994),
– Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, 2001 година („Службен весник на Република Македонија“ бр. 16/2001, 37/2001, 70/2001 и 43/2002), и
– Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, 2011 година („Службен весник на Република Македонија“ бр. 156/2010 и 36/2011).

– Во оспорениот закон за попис 2021 година, не постоела одредба со која се уредува значењето на одделните поими коишто се употребуваат во Законот, а такви одредби имало во членот 5 од Законот за попис 2001 година и членот 5 од Законот за попис 2011 година.

Во оспорениот закон не постоела одредба за „вкупно население“!

– Во членот 11 од Законот за попис 1994 година, во членот 16 од Законот за попис 2001 година и во членот 14 од Законот за попис 2011 година, се утврдувало дека Државна пописна комисија која го организира и спроведува пописот и се грижи за законитоста на подготовката, организацијата и спроведување на пописот.

Во оспорениот закон не постоела Државна пописна комисија.

– Во членот 34 од Законот за попис 2001 година и во членот 34 од Законот за попис 2011 година, определени биле по двајца попишувачи од кои еден од редот на вработените во државната, општинската и администрацијата на Градот Скопје, како и од јавната администрација и еден избран на јавен конкурс.

Во оспорениот закон немало одредба за бројот на попишувачи.

– Во Законот за попис од 1994 година, Законот за попис од 2001 година и Законот за попис од 2011 година, немало одредби за врзан поптпис на директорот со заменикот на директорот на Државниот завод за статистика, на етничка основа, заради доверба во пописните резултати.

Во член 17 став 3 од оспорениот закон сите акти во врска со Пописот и за кои е утврдено директорот на Државниот завод за статистика да ги донесува согласно со овој закон, пред нивното донесување, директорот на Државниот завод за статистика и заменикот на директорот на Државниот завод за статистика ги разгледуваат и заедно ги одобруваат со парафирање дека се согласни со текстот на истиот. Доколку актите директорот на Државниот завод за статистика ги има донесено спротивно на ставот (3) на овој член, се смета дека истите не произведуваат правно дејство. Доколку актите на директорот биле без потпис на заменикот на директорот на Државниот завод за статистика, се смета дека истите не произведуваат правно дејство, што било преседан во спротивност со Уставот на државата Македонија.

Ако врзаниот потпис на директорот со заменикот на директорот на Државниот завод за статистика бил услов за доверба на пописните резултати, тогаш зошто немало врзан потпис на етничка основа во секој пописен реон: на попишувач Албанец да имало врзан потпис од Македонец, за валидност на пописните резултати, како што на директор Македонец постоел врзан потпис на заменик директор Албанец на Државниот завод за стстистика?

(2) Во насловот на оспорениот закон со фуснота било нотирано дека со овој закон се врши усогласување со европските регулативи во областа на пописот на населението, домаќинствата и становите, и тоа:

1. Регулатива (Е3) број 763/2008 на Европскиот парламент и на Советот од 9.7.2008 година за пописот на населението и домувањето CELEX број 32008R0763,
2. Спроведувачка регулатива на комисијата (ЕУ) 2017/543 од 22 март 2017 година за утврдување на правилата за примена на Регулативата (ЕЗ) 763/2008 на Европскиот парламент и на Советот за попис на населението и домувањето во однос на техничките спецификации за карактеристиките и нивната дискриминација (текст од значење за ЕИП) CELEX број 32017R0543,
3. Регулатива на комисијата (ЕУ) 712/2017 од 20.04.2017 година за воспоставување на референтна година и усвојување на програма за статистички податоци и метаподатоци за пописот на населението и становите предвидени во Регулативата брoj 763/2008 на Европскиот парламент и на Советот, CELEX број 32017R0712,
4. Регулатива бр.881/2017 од 23.05.2017 година за спроведување на Регулативата (ЕЗ) 763/2008 на Европскиот парламент и на Советот за попис на населението и домувањето во однос на методите и структурата на квалитетот и техничкиот формат за пренос на податоци и за изменување на Регулативата (ЕУ) бр. 1151/2010 , CELEX број 32017R0881.

Подносителот на иницијативата укажува дека Македонија не била членка на Европската Унија.

Регулативите на Европската Унија за државата Македонија имале статус на меѓународни договори.

Доколку регулативите на Европската Унија не се ратификувани во согласност со Уставот на Република Северна Македонија, не можеле да бидат предмет на усогласување на домашното законодавство со законодавството на Европската Унија, бидејќи Северна Македонија не била членка на овој сојуз на држави!

Поради тоа и оспорениот закон не можел да биде во согласност со членовите 118 и 119 од Уставот, затоа што регулативите на Европската Унија со коишто се усогласувал овој закон не биле дел од внатрешниот поредок на државата.

Понатаму, регулативите на Европската Унија не можеле да бидат нотирани во фуснота на насловот на овој закон, туку требало да бидат составен дел од Законот, се разбира, доколку биле ратификувани во согласност со Уставот, а не биле! Меѓутоа, бидејќи регулативите на Европската Унија со кои се усогласувал оспорениот закон не биле ратификувани во согласност со Уставот, ниту оспорениот закон не бил во согласност со членовите 118 и 119 на Уставот.

(3) Член 5 став 1 од оспорениот закон гласел: „Со Пописот ќе се приберат податоци за населението, домаќинствата и становите на територијата на Република Северна Македонија.“

Во оспорениот закон не било утврдено што претставува „вкупно население“, како што тоа било утврдено во член 4 став 4 од Законот за попис во 1994 година, член 5 став 1 точка 2 од Законот за попис во 2001 година и член 5 став 1 точка 3 од Законот за попис во 2011 година.

Во член 6 став 1 точка 1 алинеја 1 од оспорениот закон било утврдено дека со Пописот ќе бидат опфатени „лица – државјани на Република Северна Македонија кои имаат живеалиште или престојувалиште во Република Северна Македонија, без оглед на тоа дали во моментот на Пописот се наоѓаат во Република Северна Македонија или во странство.“

Поради отсуство на дефиниција за „вкупно население“ во оспорениот закон, нејасно било дали со пописот ќе се утврдувал вкупниот број на државјани на Републиката, без оглед дали истите во моментот на Пописот се наоѓаат во Републиката или во странство или ќе се утврдувало „вкупното население“ како збир на резидентното население (затекнатите за време на пописот), плус македонските државјани кои имаат место на вообичаено живеење во Република Северна Македонија, а за време на пописот, но најдолго 12 месеци (една година) пред неговото спроведување, се наоѓале на работа во странство, како и членовите на нивните домаќинства!

Оттука, член 5 став 1 од оспорениот закон бил во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3 и Амандманот VI од Уставот, затоа што го нарушувал владеењето на правото и ја доведувал во заблуда целата статистичка операција за пресметка на „вкупното население“ во државата поради што и се спроведувал пописот.

Дилема било како ќе се утврдува кои македонски државјани и членовите на нивните домаќинства во време на Пописот, се наоѓале на работа во странство подолго од 12 месеци (една година) пред неговото спроведување? Ова од причина што на граничните премини не се вршела пасошка контрола на сите кои излегуваат или влегуваат, односно не се евидентирал нивниот влез и излез од територијата на државата.

Дилема било кој ќе ги попишува македонските државјани кои биле надвор од државата до една година, а кој ќе ги елиминира попишаните македонски државјани во странство кои биле надвор од територијата на државата повеќе од една година?

Тоа ќе предизвикало неточни податоци за етничката структура на „вкупното население“ што ќе рефлектирало промена на етничката структура на вработените во државната и јавната администрација во согласност со член 8 став 1 алинеја 2 од Уставот за „соодветна и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и другите јавни институции на сите нивоа“!

Тоа дополнително потврдувало дека член 5 став 1 од оспорениот закон бил во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3 и Амандманот VI од Уставот, затоа што го нарушувал владеењето на правото и ја доведувал во заблуда целата статистичка операција за пресметка на „вкупното население“ во државата поради што и се спроведувал пописот.

(4) Во член 35 став 1 од оспорениот закон било утврдено дека „Податоците од членот 10 од овој закон се земаат непосредно од лицата на кои тие се однесуваат.“ Односно, попишувањето било лично.

Членот 8 од оспорениот закон бил во колизија со член 35 став 1 од истиот закон, затоа што било утврдено дека: „за лицата – државјани на Република Северна Македонија кои се на привремена работа или престој во странство податоците од членот 10 од овој закон ги дава полнолетно лице на кого најмногу му се познати, при што го дава својот ЕМБГ и ЕМБГ на лицето за кое дава податоци во пописот.“ Односно, попишувањето не било лично.

Дури во член 8 став 2 на Законот, овозмежено било „ за лицата -државјани на Република Северна Македонија кои се на привремена работа или престој во странство ќе се овозможи и самопопишување во периодот од 1 март до 21 април 2021 година на посебна апликација која е достапна на веб-страницата на Државниот завод за статистика.“ За овие лица, во член 8 став 3 од Законот, било утврдено дека: „Лицето од ставот (2) на овој член кое се самопопишува е должно претходно да се регистрира на апликацијата од ставот (2) на овој член и пополнетите обрасци по електронски пат преку апликацијата да ги достави до Државниот завод за статистика, при што задолжително се применуваат технички и организациски мерки согласно со прописите од областа на заштита на личните податоци“, врз основа на Упатство за регистрација на лицата, начинот на пополнување на пописните обрасци и нивно доставување до Државниот завод за статистика, што го донесувал директорот на Државниот завод за статистика.

Оттука, членот 8 од оспорениот закон бил во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3 и Амандманот VI од Уставот, затоа што го нарушувал владеењето на правото и ја доведувал во заблуда целата статистичка операција за пресметка на „вкупното население“ во државата поради што и се спроведувал пописот. Односно, попишувањето на еден голем број на државјани на Република Северна Македонија во странство немало да биде лично.

(5) Во член 10 од оспорениот закон се утврдени податоците коишто треба да бидат опфатени за лицата со Пописот: географски карактеристики, демографски карактеристики, економски карактеристики, образовни карактеристики, миграциски карактеристики, етнички карактеристики, културолошки карактеристики, религиозни карактеристики и инвалидитет/функционална попреченост.

Во членот 10 од Законот не биле наведени прашањата содржани во пописната апликација (Пописница) за спроведување на пописот, како што тоа било уредено во членот 6 од Законот за попис во 1994 година, членот 9 од Законот за попис од 2001 година и членот 9 од Законот за попис од 2011 година.

Во членот 54 од оспорениот закон се наведувало дека: „Методологијата за пописот и прашањата содржани во пописната апликација за спроведување на Пописот ќе се утврдат од страна на директорот на Државниот завод за статистика и ќе се објават во „Службен весник на Република Северна Македонија“, во рок од еден месец од денот на влегувањето во сила на овој закон.“

Оттука, членот 10 од оспорениот закон бил во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3 и Амандманот VI од Уставот, затоа што го нарушувал владеењето на правото и ја доведувал во заблуда целата статистичка операција за пресметка на „вкупното население“ во државата поради што и се спроведувал пописот.

(6) Во членот 17 ставови 3 и 4 од оспорениот закон било утврдено дека: „(3) Сите акти во врска со Пописот и за кои е утврдено директорот на Државниот завод за статистика да ги донесува согласно со овој закон, пред нивното донесување, директорот на Државниот завод за статистика и заменикот на директорот на Државниот завод за статистика ги разгледуваат и заедно ги одобруваат со парафирање дека се согласни со текстот на истиот. (4) Доколку актите директорот на Државниот завод за статистика ги има донесено спротивно на ставот (3) на овој член, се смета дека истите не произведуваат правно дејство.“

Во член 69 став 2 со Амандманот X од Уставот многу прецизно било утврдено дека само „За закони кои директно ги засегаат културата, употребата на јазиците, образованието, личните документи и употребата на симболите, Собранието одлучува со мнозинство гласови од присутните пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од присутните пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија. Спорот во врска со примената на оваа одредба го решава Комитетот за односи меѓу заедниците.“

Таквата обврска за т.н. „Бадентерово мнозинство“ не била утврдена за ниту едно друго правно лице освен за Собранието за прашањата од член 69 став 2 со Амандманот X од Уставот.

Законот кој се оспорува не бил во режимот на законите за кои се одлучува во согласност со член 69 став 2 со Амандманот X од Уставот.

Член 69 став 2 со Амандманот X од Уставот не важел за Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија 2021 година.

Оттука, член 17 ставови 3 и 4 од Законот бил во спротивност со член 69 став 2 со Амандманот X од Уставот.

Во Законот за установите („Службен весник на Република Македонија“ бр. 32/2005, 120/2005 и 51/2011) не постоела опција на врзани потписи на директорот и заменикот на директорот на установата.

Оттука, член 17 ставови 3 и 4 од оспорениот закон бил во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3 и Амандманот VI од Уставот, затоа што го нарушувал владеењето на правото и ја доведувал во заблуда целата статистичка операција за пресметка на „вкупното население“ во државата поради што и се спроведувал пописот и бил во спротивност со член 69 став 2 со Амандманот X од Уставот.

Пратеникот на ДУИ, Арбр Адеми, во емисијата „Клик плус“ на ТВ 21 на 19 јануари 2021 година рекол: „Доколку на пописот излезе дека Албанците се помалку од 20%, тогаш нема да ги признаам резултатите!“

Пратеникот Али Ахмети и претседател на ДУИ, на 24 јануари 2021 година рекол:„Сите кои живеат во земјава и имаат имот ќе бидат попишани! Сите кои живеат во земјава и надвор од неа ќе бидат опфатени…Албанците не може да бидат помалку од 25 проценти, колку што биле и во 2002 година!“

Пратеникот на ДУИ, Изет Меџити сметал дека „Албанците ќе бидат над 25 отсто!“

Алијансата за Албанците „очекуваат околу 30% Албанци на пописот!“

Таквата лицитација со етничката структура на вкупното население, а не на вкупниот број државјани на Република Северна Македонија, во услови кога заменикот директор на Државниот завод за статистика бил со овластувања за ништовност на актите на директорот на Државниот завод за статистика без негов потпис, а негов предлагач била партијата ДУИ, која однапред декларирала какви пописни резултати очекува и прифаќа, односно отфрла и не признава, го суспендирало владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок и ја доведувала во прашање валидноста на Пописот и пред неговото одржување.

(7) Во член 29 став 4 од оспорениот закон било утврдено дека: „Во Комисијата за пописниот реон секретарите на општините се членови по функција како претставници на единиците на локалната самоуправа кои го сочинуваат пописниот реон, односно раководен административен службеник и по едно стручно лице од областа на геодетските работи. Претседател на Комисијата е секретарот на општината каде што е седиштето на пописниот реон.’

Имало општини кои немаат секретар на општината, на пр. Општина Гази Баба, веројатно и други. Со тоа, Комисијата за пописниот реон во општина без секретар, ќе останела без претседател!

Оттука, член 29 став 4 од Законот бил во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3 и Амандманот VI од Уставот, затоа што го нарушувал владеењето на правото и ја доведувал во прашање законитоста во подготовката, организацијата и спроведувањето на пописот.

(8) Во член 30 став 6 од оспорениот закон било утврдено дека: „При изборот на попишувачите и реонските инструктори ќе се почитува приципот на соодветна и правична застапеност на припадниците на заедниците во пописниот реон.“

Слободното изразување на националната припадност и соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и другите јавни институции на сите нивоа била темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија, утврдена во член 8 став 1 алинеја 2 со Амандманот VI од Уставот.

Меѓутоа, со оспорениот закон не бил определен бројот на попишувачите во пописниот реон, како што тоа било уредено во член 34 став 1 од Законот за попис во 2011 година.

Ако тенденцијата на законодавецот била еден попишувач за еден пописен реон, по правило, со место на живеење од населеното место, прашање било која ќе биде довербата во пописните резултати, доколку Албанците ги попишува само еден Албанец, исто и Македонците ги попишува само еден Македонец!

Оттука, член 30 став 6 од оспорениот закон бил во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3 и Амандманот VI од Уставот, затоа што го нарушувал владеењето на правото и ја доведувал во прашање точноста од пописните резултати. Односно, ако за еден пописен реон се определувал еден попишувач, приципот на соодветна и правична застапеност на припадниците на заедниците во пописниот реон губел секаква смисла, што било во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3 и Амандманот VI од Уставот.

(9) Во член 35 став 1 од оспорениот закон било утврдено дека податоците од членот 10 од овој закон се земаат непосредно од лицата на кои тие се однесуваат. Односно, попишувањето било лично.

Членот 8 од истиот закон бил во колизија со членот 35 став 1 од Законот, затоа што било утврдено дека попишувањето „за лицата – државјани на Република Северна Македонија кои се на привремена работа или престој во странство податоците од членот 10 од овој закон ги дава полнолетно лице на кого најмногу му се познати, при што го дава својот ЕМБГ и ЕМБГ на лицето за кое дава податоци во пописот.“ Односно, попишувањето не било лично.

Дури во член 8 став 2 од истиот закон, овозможено било „за лицата-државјани на Република Северна Македонија кои се на привремена работа или престој во странство ќе се овозможи и самопопишување во периодот од 1 март до 21 април 2021 година на посебна апликација која е достапна на веб-страницата на Државниот завод за статистика.“ За овие лица, во член 8 став 3 било утврдено дека „лицето од ставот (2) на овој член кое се самопопишува е должно претходно да се регистрира на апликацијата од ставот (2) на овој член и пополнетите обрасци по електронски пат преку апликацијата да ги достави до Државниот завод за статистика, при што задолжително се применуваат технички и организациски мерки согласно со прописите од областа на заштита на личните податоци.“, врз основа на Упатство за регистрација на лицата, начинот на пополнување на пописните обрасци и нивно доставување до Државниот завод за статистика, што го донесувал директорот на Државниот завод за статистика.

Оттука, член 35 став 1 од оспорениот закон бил во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3 и Амандманот VI од Уставот, затоа што го нарушувал владеењето на правото и ја доведувал во заблуда целата статистичка операција за пресметка на вкупното население во државата поради што и се спроведувал пописот. Односно, попишувањето на еден голем број на државјани на Република Северна Македонија во странство немало да биде лично.

(10) Во членот 51 од оспорениот закон била утврдена глоба во износ од 200 до 300 евра во денарска противвредност ќе се изрече за прекршок на физичко лице ако одбие да ги даде податоците што се бараат од него за Пописот или ако даде неточни податоци (член 35 став (2) од овој закон), а во членот 52 од истиот закон, било утврдено дека „(1) Пред поднесување на барање за поведување на прекршочна постапка пред надлежниот суд, се спроведува постапка за порамнување согласно со Законот за прекршоците. (2) За прекршоците утврдени со овој закон, прекршочна постапка води и прекршочни санкции изрекува надлежен суд.“

Прво, пописот не бил обврска ниту должност на граѓаните утврдена со Устав, за да биде санкционирана, доколку физичкото лице од кои било причини за коишто не бил должен да декларира оправдание или да приложи алиби, одбиело да ги даде податоците коишто се бараат од него или доколку не дозволи влез на попишувачот во својот дом, затоа што во согласност со членот 26 од Уставот, „се гарантира неповредливоста на домот“ и „правото на неповредливоста на домот може да биде ограничено единствено со судска одлука кога е во прашање откривање или спречување на кривични дела или заштита на здравјето на луѓето.“

Второ, членовите 51 и 52 од оспорениот закон биле во спротивност со Законот за паричната единица на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.26/1992), според кој парична единица на Република Македонија е денар (член 1).

Глоба за кое било дело во законите на државата Северна Македонија не можело да се определува во странска парична единица, освен во денарот како единствена законска парична единица во државата.

Оттука, членовите 51 и 52 од оспорениот закон биле во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3 и Амандманот VI од Уставот, затоа што глобата била утврдена во странска парична единица а не во денари, а тоа го нарушувало владеењето на правото на територијата на државата Северна Македонија.

(11) Имајќи го предвид наведеното, од Уставниот суд се бара да ги поништи оспорените законски одредби.

До донесување на конечна одлука, се предлага Уставниот суд да донесе решение за времена мерка со запирање од извршување на поединечните акти и дејствија преземени врз основа на оспорените законски одредби, поради суспензија на правата и слободите на граѓаните, суспензија на уставниот поредок на државата и штетни последици по Буџетот на Република Северна Македонија и даночните обврзници.

(12) На крајот, се бара од Уставниот суд, на подготвителната и јавна седница по оваа иницијатива што би требало да се одржи во најитен можен рок, не подоцна од 1 март 2021 година, да биде поканет претседателот на Светскиот македонски конгрес, Тодор Петров.

4. Судот на седницата утврди дека насловот на оспорениот закон гласи: Закон за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија 2021 година*

Според фуснотата:

*Со овој закон се врши усогласување со европските регулативи во областа на пописот на населението, домаќинствата и становите, и тоа:

1. Регулатива (Е3) број 763/2008 на Европскиот парламент и на Советот од 9.7.2008 година за пописот на населението и домувањето CELEX број 32008R0763,
2. Спроведувачка регулатива на комисијата (ЕУ) 2017/543 од 22 март 2017 година за утврдување на правилата за примена на Регулативата (ЕЗ) 763/2008 на Европскиот парламент и на Советот за попис на населението и домувањето во однос на техничките спецификации за карактеристиките и нивната дискриминација (текст од значење за ЕИП) CELEX број 32017R0543,
3. Регулатива на комисијата (ЕУ) 712/2017 од 20.04.2017 година за воспоставување на референтна година и усвојување на програма за статистички податоци и метаподатоци за пописот на населението и становите предвидени во Регулативата брoj 763/2008 на Европскиот парламент и на Советот, CELEX број 32017R0712,
4. Регулатива бр.881/2017 од 23.05.2017 година за спроведување на Регулативата (ЕЗ) 763/2008 на Европскиот парламент и на Советот за попис на населението и домувањето во однос на методите и структурата на квалитетот и техничкиот формат за пренос на податоци и за изменување на Регулативата (ЕУ) бр. 1151/2010 , CELEX број 32017R0881.

Оспорените членови на Законот гласат:

Член 5

(1) Со Пописот ќе се приберат податоци за населението, домаќинствата и становите на територијата на Република Северна Македонија.

Член 6

Со Пописот ќе бидат опфатени:
1. Лица
– државјани на Република Северна Македонија кои имаат живеалиште или престојувалиште во Република Северна Македонија, без оглед на тоа дали во моментот на Пописот се наоѓаат во Република Северна Македонија или во странство

Член 8

(1) За лицата – државјани на Република Северна Македонија кои се на привремена работа или престој во странство податоците од членот 10 од овој закон ги дава полнолетно лице на кого најмногу му се познати, при што го дава својот ЕМБГ и ЕМБГ на лицето за кое дава податоци во пописот.
(2) За лицата-државјани на Република Северна Македонија кои се на привремена работа или престој во странство ќе се овозможи и самопопишување во периодот од 1 март до 21 април 2021 година на посебна апликација која е достапна на веб-страницата на Државниот завод за статистика.
(3) Лицето од ставот (2) на овој член кое се самопопишува е должно претходно да се регистрира на апликацијата од ставот (2) на овој член и пополнетите обрасци по електронски пат преку апликацијата да ги достави до Државниот завод за статистика, при што задолжително се применуваат технички и организациски мерки согласно со прописите од областа на заштита на личните податоци.
(4) Директорот на Државниот завод за статистика донесува Упатство за регистрација на лицата, начинот на пополнување на пописните обрасци и нивно доставување до Државниот завод за статистика.
(5) Упатството од ставот (4) на овој член се објавува на веб-страницата на Државниот завод за статистика.

Член 10

За лицата од членот 6 точка 1 од овој закон, што ќе бидат опфатени со Пописот ќе се обезбедат податоци за:
– географски карактеристики,
– демографски карактеристики,
– економски карактеристики,
– образовни карактеристики,
– миграциски карактеристики,
– етнички карактеристики,
– културолошки карактеристики,
– религиозни карактеристики и
– инвалидитет/функционална попреченост.

Член 17

(3) Сите акти во врска со Пописот и за кои е утврдено директорот на Државниот завод за статистика да ги донесува согласно со овој закон, пред нивното донесување, директорот на Државниот завод за статистика и заменикот на директорот на Државниот завод за статистика ги разгледуваат и заедно ги одобруваат со парафирање дека се согласни со текстот на истиот.
(4) Доколку актите директорот на Државниот завод за статистика ги има донесено спротивно на ставот (3) на овој член, се смета дека истите не произведуваат правно дејство.

Член 29

(4) Во Комисијата за пописниот реон секретарите на општините се членови по функција како претставници на единиците на локалната самоуправа кои го сочинуваат пописниот реон, односно раководен административен службеник и по едно стручно лице од областа на геодетските работи. Претседател на Комисијата е секретарот на општината каде што е седиштето на пописниот реон.

Член 30

(6) При изборот на попишувачите и реонските инструктори ќе се почитува приципот на соодветна и правична застапеност на припадниците на заедниците во пописниот реон.

Член 35

(1) Податоците од членот 10 од овој закон се земаат непосредно од лицата на кои тие се однесуваат.
(2) Лицето опфатено со Пописот е должно на сите прашања во пописната апликација да даде точни и целосни одговори и да презентира соодветен документ од кој може да се преземат идентификациските податоци за лицето.
(3) За отсутните членови на домаќинството, податоците ги дава полнолетен член на домаќинството на кого податоците му се најмногу познати, а за децата до 15 години, еден од родителите, посвоителот или старателот, врз основа на документацијата за нив.

Член 51

Глоба во износ од 200 до 300 евра во денарска противвредност ќе се изрече за прекршок на физичко лице ако одбие да ги даде податоците што се бараат од него за Пописот или ако даде неточни податоци (член 35 став (2) од овој закон).

Член 52

(1) Пред поднесување на барање за поведување на прекршочна постапка пред надлежниот суд, се спроведува постапка за порамнување согласно со Законот за прекршоците.
(2) За прекршоците утврдени со овој закон, прекршочна постапка води и прекршочни санкции изрекува надлежен суд.

5. Според член 8 став 1 алинеjа 2 и 3 од Уставот на Република Северна Македонија, слободното изразување на националната припадност, соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и другите јавни институции на сите нивоа и владеењето на правото се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Согласно со членот 9 од Уставот, граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување; имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Со членот 26 од Уставот се гарантира неповредливоста на домот. Правото на неповредливост на домот може да биде ограничено единствено со судска одлука кога е во прашање откривање или спречување, на кривични дела или заштита на здравјето на луѓето.

Со членот 39 од Уставот, на секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита. Граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите.

Според членот 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно со членот 54 од Уставот:

„ Слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.
Слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на воена или вонредна состојба според одредбите на Уставот.
Ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба.
Ограничувањето на слободите и правата не може да се однесува на правото на живот, забраната на мачење, на нечовечко и понижувачко постапување и казнување, на правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата, јавното изразување на мислата и вероисповеста.“

Според Амандман X точка 2 од Уставот, за закони кои директно ги засегаат културата, употребата на јазиците, образованието, личните документи и употребата на симболите, Собранието одлучува со мнозинство гласови од присутните пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од присутните пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија. Спорот во врска со примената на оваа одредба го решава Комитетот за односи меѓу заедниците.

Согласно членот 118 од Уставот, меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон.

Според членот 119 од Уставот, меѓународните договори во името на Република Македонија ги склучува претседателот на Република Македонија. Меѓународни договори може да склучува и Владата на Република Македонија кога тоа е определено со закон.

Со Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија 2021 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.19/2021), се уредуваат содржината, подготовката, организацијата и спроведувањето на Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија 2021 година (во натамошниот текст: Пописот), надлежните органи за спроведување на Пописот, правата и обврските на надлежните органи, стручните тела и другите учесници во спроведувањето на Пописот, правата и обврските на давателите на податоците во Пописот, единиците кои се опфаќаат со Пописот, пописните реони, употребата на јазиците во Пописот, начинот на спроведување на Пописот, користењето, чувањето и заштитата на податоците од Пописот, обработката и објавувањето на податоците од Пописот, информирањето на населението за целите и значењето на Пописот и неговото финансирање (член 1).

Според членот 4 од Законот, Пописот ќе се спроведе во периодот од 1 до 21 април 2021 година, според состојбата на 31 март 2021 година, во 24:00 часот (критичен момент на Пописот).

(1) Наводите во иницијативата дека при одлучувањето за уставноста на оспорените одредби од Законот, требало да се имаат предвид претходните закони за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, во 1994, 2001 и 2011 година, претставуваат барање за оценување на меѓусебна согласност на закони.

Согласно уставно утврдените надлежности на Уставниот суд, тој одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективните договори со Уставот и законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Имајќи предвид дека Уставниот суд нема надлежност да ја оценува меѓусебната согласност на законите, како што се бара со иницијативата, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата во наведените делови, поради ненадлежност на Судот.

(2) Во однос на наводите во иницијативата дека во насловот на Законот со фуснота било нотирано дека со овој закон се вршело усогласување со европските регулативи во областа на пописот на населението, домаќинствата и становите, што било спротивно на членовите 51, 118 и 119 од Уставот, затоа што Северна Македонија не била членка на Европската Унија и регулативите на Европската Унија со кои се усогласувал Законот не биле ратификувани согласно Уставот и не биле дел од внатрешниот правен поредок, Судот го имаше предвид следното:

Согласно уставно утврдените надлежности на Уставниот суд, тој одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективните договори со Уставот и законите.

Уставниот суд нема надлежност да оценува дали одреден закон или негови одредби се во согласност со одредени меѓународни акти (без оглед дали се ратификувани или не).

Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата во наведените делови, поради ненадлежност на Судот.

Наводите во иницијативата дека регулативите на Европската Унија не можеле да бидат нотирани во фуснота на насловот на Законот, туку требало да бидат составен дел на Законот, се прашање на номотехника на законодавецот, за која Уставниот суд нема надлежност да одлучува.

(3) Во одговор на наводите во иницијативата дека член 5 став 1 од Законот бил во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3 и Амандманот VI на Уставот, затоа што не било утврдено што претставува „вкупно население“, Судот го имаше предвид следното:

Според член 5 став (1) од Законот, со Пописот ќе се приберат податоци за населението, домаќинствата и становите на територијата на Република Северна Македонија.

Со член 6 точка 1 алинеја 1 од Законот, пропишано е дека со Пописот ќе бидат опфатени лицата – државјани на Република Северна Македонија кои имаат живеалиште или престојувалиште во Република Северна Македонија, без оглед на тоа дали во моментот на Пописот се наоѓаат во Република Северна Македонија или во странство.

Оттука, произлегува дека со Законот е јасно определено кои лица државјани на Република Северна Македонија ќе бидат опфатени со пописот на население, домаќинства и станови во 2021 година, поради што неосновано во иницијативата се тврди дека со таквата регулатива се доведувала во заблуда целата статистичка операција.

Барањето во иницијативата во Законот да постои дефиниција за „вкупно население“ претставува барање за поинакво уредување на законската материја од пропишаната, што е прашање за кое Уставниот суд нема надлежност да одлучува.

Со иницијативата се бара оценување и на уставноста на член 6 став 1 точка 1 алинеја 1 од Законот (членот има само еден став), но во образложението на иницијативата нема посебни аргументи за оваа одредба. Меѓутоа, гледано во целина, образложението дадено во оваа точка од правното мислење, ја опфаќа и оваа законска одредба.

Поради наведеното, Судот оцени дека за член 5 став 1 и за член 6 точка 1 алинеја 1 од Законот не може основано да се постави прашањето за нивната согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

(4) За наводите во иницијативата според кои членот 8 од Законот бил во колизија со членот 35 став 1 од истиот закон, затоа што попишувањето не било лично, како што пропишувал член 35 став 1 од Законот, поради што се нарушувало владеењето на правото и се доведувала во заблуда целата статистичка операција за пресметка на „вкупното население“ во државата, Судот го имаше предвид следното.

Членот 8 од Законот го пропишува начинот на попишување на лицата – државјани на Република Северна Македонија кои се на привремена работа или престој во странство. Така, податоците за овие лица ги дава полнолетно лице на кого му се најмногу познати, при што го дава својот ЕМБГ и ЕМБГ на лицето за кое дава податоци во пописот или Законот дава можност овие лица да се самопопишат на посебна апликација која е достапна на веб-страницата на Државниот завод за статистика.

Членот 35 став 1 од Законот пропишува дека податоците од членот 10 од овој закон се земаат непосредно од лицата на кои тие се однесуваат. Според ставот 3 на истиот член, за отсутните членови на домаќинството, податоците ги дава полнолетен член на домаќинството на кого податоците му се најмногу познати, а за децата до 15 години, еден од родителите, посвоителот или старателот, врз основа на документацијата за нив

Од анализата на наведените одредби произлегува дека со истите се пропишува начинот на попишување на отсутни лица опфатени со Пописот, со што законодавецот создал нормативни претпоставки со пописот да бидат опфатени сите лица, врз основа на документацијата за нив, со што би се обезбедиле бараните податоци и би се остварила главната цел на Пописот, како статистичка операција.

Со оглед дека Уставниот суд нема надлежност да ја оценува меѓусебната согласност на одредби од ист закон, иницијативата за меѓусебната согласност на член 8 и член 35 став 1 од Законот се отфрла согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд.

И покрај тоа што во иницијативата се наведува дека се оспорува уставноста и на член 35 ставови 2 и 3 од Законот, во образложението на истата нема аргументи за неуставноста на овие законски одредби, па иницијативата во тој дел се отфрла поради процесни пречки за одлучување.

(5) Уставноста на членот 10 од Законот се оспорува затоа што не биле наведени прашањата содржани во пописната апликација за спроведување на пописот, како што тоа било уредено со законите за попис на населението, домаќинствата и становите во 1994, 2001 и 2011 година.

Одговорот на ваквите наводи во иницијативата е даден во точката (1) од ова правно мислење.

(6) Во одговор за несогласноста на член 17 ставови 3 и 4 од Законот со Амандманот X точка 2 на Уставот (со овој амандман се заменува членот 69 од Уставот), а со тоа и со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, Судот го имаше предвид следното:

Според Амандман X точка 2 од Уставот, за закони кои директно ги засегаат културата, употребата на јазиците, образованието, личните документи и употребата на симболите, Собранието одлучува со мнозинство гласови од присутните пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од присутните пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија. Спорот во врска со примената на оваа одредба го решава Комитетот за односи меѓу заедниците.

Според член 17 став 3 од Законот, сите акти во врска со Пописот и за кои е утврдено директорот на Државниот завод за статистика да ги донесува согласно со овој закон, пред нивното донесување, директорот на Државниот завод за статистика и заменикот на директорот на Државниот завод за статистика ги разгледуваат и заедно ги одобруваат со парафирање дека се согласни со текстот на истиот. Според ставот 4, доколку актите директорот на Државниот завод за статистика ги има донесено спротивно на ставот (3) на овој член, се смета дека истите не произведуваат правно дејство.

Имајќи ја предвид содржината на наведената уставна одредба и содржината на оспорената законска одредба, произлегува дека неосновано се доведуваат во корелација. Со уставната одредба се пропишува мнозинството на гласови на пратениците во Собранието потребно за донесување на закони кои директно ги засегаат културата, употребата на јазиците, образованието, личните документи и употребата на симболите, а со оспорената законска одредба се пропишува начинот на утврдување на содржината на подзаконските акти во врска со Пописот, пред нивното донесување од страна на директорот на Државниот завод за статистика. Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија 2021 година, како што впрочем наведува и подносителот на иницијативата, не спаѓа во групата на закони кои се носат согласно Амандманот X точка 2 на Уставот.

Оттука, според Судот, неосновани се наводите во иницијативата за спротивноста на член 17 ставови 3 и 4 од Законот со Амандманот X точка 2 на Уставот, а со тоа и неосновани се наводите дека на тој начин се суспендирало владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок на Републиката.

(7) Со иницијативата се наведува дека со член 29 став 4 од Законот, според кој во Комисијата за пописниот реон секретарите на општините се членови по функција како претставници на единиците на локалната самоуправа кои го сочинуваат пописниот реон, односно раководен административен службеник и по едно стручно лице од областа на геодетските работи, а претседател на Комисијата е секретарот на општината каде што е седиштето на пописниот реон, во ситуација кога имало општини кои немаат секретар (пример Општина Гази Баба), Комисијата за пописниот реон во општината без секретар ќе останела без претседател, што го нарушувало владеењето на правото и ја доведувало во прашање законитоста во подготовката, организацијата и спроведувањето на Пописот.

Ваквите наводи во иницијативата навлегуваат во примената на Законот, за што Уставниот суд нема надлежност да одлучува.

Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 на Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на овој дел од иницијативата, поради ненадлежност на Судот.

(8) Според член 30 став 6 од Законот, при изборот на попишувачите и реонските инструктори ќе се почитува принципот на соодветна и правична застапеност на припадниците на заедниците во пописниот реон. Ваквата регулатива се оспорува од причини што во Законот не бил определен бројот на попишувачите во пописниот реон, како што тоа било сторено во Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во 2011 година. Оттука, тоа не било гаранција за валидни и веродостојни пописни резултати со што се нарушувало владеењето на правото и се доведувала во прашање точноста на пописните резултати.

Во одговор на ваквите наводи во иницијативата, Судот имаше предвид дека приципот на соодветна и правична застапеност на припадниците на заедниците во органите на државната власт и другите јавни институции на сите нивоа, е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија, определена со Амандманот VI на Уставот, кое нешто не е спорно ниту за подносителот на иницијативата.

Во Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија 2021 година, во член 30 став 4, се пропишува дека Државниот завод за статистика ги именува реонските инструктори и реонските попишувачи по претходно спроведен јавен конкурс и тестирање на пријавените кандидати, ако ги исполнуваат следниве општи услови: – да се државјани на Република Северна Македонија, – да се полнолетни, – да имаат завршено најмалку средно образование и – да немаат засновано работен однос. Според ставот 5, јавниот конкурс ќе биде објавен во седиштето на пописниот реон и во три дневни весници од кои најмалку во по еден од весниците што се издаваат на македонски јазик и во весниците што се издаваат на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик, а постапката за тестирање на пријавените кандидати ја спроведува Државниот завод за статистика.

Оттука, пропишувањето дека при изборот на попишувачите и реонските инструктори, кој се врши врз основа на јавен конкурс, ќе се почитува приципот на соодветна и правична застапеност на припадниците на заедниците во пописниот реон, е во согласност со принципот на соодветна и правична застапеност на припадниците на заедниците во органите на државната власт и другите јавни институции на сите нивоа, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Наводите дека во Законот не бил определен бројот на попишувачите во пописниот реон, како што тоа било сторено во Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во 2011 година, претставува барање за поинакво законско уредување од пропишаното, споредбено со друг закон, што е прашање за кое Уставниот суд нема надлежност да одлучува.

Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека се исполнети условите од членот 28 алинеја 1 на Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на овој дел од иницијативата, поради ненадлежност на Судот.

(9) Во однос на наводите во иницијативата за неуставност на членовите 51 и 52 од Уставот, Судот го имаше предвид следното:

Според член 35 став 2 од Законот, лицето опфатено со Пописот е должно на сите прашања во пописната апликација да даде точни и целосни одговори и да презентира соодветен документ од кој може да се преземат идентификациските податоци за лицето

Оспорените одредби се систематизирани во главата XIII, Казнени и прекршочни одредби (членови 48-52).

Со членот 51 од Законот се пропишува глоба во износ од 200 до 300 евра во денарска противвредност за прекршок на физичко лице ако одбие да ги даде податоците што се бараат од него за Пописот или ако даде неточни податоци (член 35 став (2) од овој закон), а со членот 52 се пропишува дека пред поднесување на барање за поведување на прекршочна постапка пред надлежниот суд, се спроведува постапка за порамнување согласно со Законот за прекршоците (став 1). За прекршоците утврдени со овој закон, прекршочна постапка води и прекршочни санкции изрекува надлежен суд (став 2).

Оттука, постои законски утврдена обврска за лицата опфатени со пописот да дадат точни и целосни податоци на Пописот, од каде произлегува и правото на законодавецот да утврди одговорност за лицата кои нема да ја испочитуваат законската обврска.

Глобата е изразена во евра во денарска противвредност, како што вообичаено се пропишува глоба за сторен прекршок. Во Законот за прекршоците („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 96/2019), во член 3 став 13 е уредено дека „(13) Под поимот глоба, се смета паричен износ пресметан во денарска противвредност на износот на средниот курс на еврото според Народната банка на Република Македонија во времето на изрекувањето на глобата пресметана во денарска противвредност без децимали.“

Наводите за несогласност на оспорените одредби од Законот за попис на населението, домаќинствата и становите 2021 година со одредбите на Законот за паричната единица на Република Македонија“ бр. 26/1992) претставуваат барање за меѓусебна согласност на два закони, што не е во надлежност на Уставниот суд.

6. Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека не се исполнети условите од членот 27 на Деловникот на Уставниот суд, за прифаќање на барањето во иницијативата, до донесување на конечна одлука, Судот да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија преземени врз основа на оспорените законски одредби.

7. Имајќи го предвид наведеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.26/2021
5 мај 2021 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати