Решение У.бр.219/2020

У.бр.219/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 5 мај 2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 15 став 1 точка 1 во делот: „освен за конзуларните претставништва водени од почесни конзули” и ставот 7 од Законот за данок на моторни возила („Службен весник на Република Северна Македонија” број 261/2019).

2. Ајдован Адемоски, почесен конзул на Република Турција во Република Северна Македонија и др., до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесоа иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот, означен во точката 1 од Решението.

Според наводите од иницијативата, оспорените законски одредби не биле во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 11, член 9 став 2, членот 51 и членот 118 од Уставот на Република Северна Македонија и со Виенската конвенција за конзуларни односи од 1963 година.

Имено, оспорените законски одредби не биле согласни со член 8 став 1 алинеја 3 и членот 51 од Уставот, со наводи дека тие биле непрецизни и двосмислени норми коишто ја нарушувале функционално-логичката целина на Законот за данокот на моторни возила, односно можност за нивно недоследно или различно применување во практиката, бидејќи од една страна пропишувале исклучување на конзуларните претставништва водени од почесните конзули од неплаќање на данок на моторни возила и од враќање на платениот данок на моторни возила, а од друга страна можност за плаќање само на 50% од пресметаниот данок на моторни возила, односно враќање само на 50% од платениот данок на моторни возила.

Исто така, се смета дека нивното уредување било спротивно со член 9 став 2 од Уставот, според кој граѓаните се еднакви пред Уставот и законите, наведувајќи дека Републиката, односно нејзините органи требало да имаат еднаков однос кон граѓаните при нормирањето на одредени сфери од општествените односи, односно да не произведуваат нееднаков однос на државата кон граѓаните, што не било случај со конкретно оспорените законски одредби.

По цитирање член 8 став 1 алинеја 11 од Уставот (почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија) и членот 118 од Уставот (меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон), во иницијативата се наведува дека нормите од Виенската конвенција за конзуларните односи посветени на привилегиите на конзулатите и на конзуларните функционери и тоа како на конзулите од кариера, така и на почесните конзули на кои им била посветена цела глава III од Конвенцијата, придонесувале во унапредувањето на пријателските односи меѓу државите (став 4 од Преамбулата на Конвенцијата) и тие норми биле дел од внатрешниот поредок на Република Северна Македонија и не требало да се менуваат со законите на Република Северна Македонија.

Поточно, со иницијативата се смета дека Република Северна Македонија преку оспорените законски одредби содржани во Законот за данокот на моторните возила, се впуштила во измена на нормите од Виенската конвенција за конзуларните односи, спротивно на членот 118 од Уставот.

Од наведените причини со иницијативата се предлага поведување на постапка за оценување на уставноста на оспорените законски одредби, а до донесување на конечната одлука, се предлага и времена мерка со која ќе се запре извршувањето на оспорените законски одредби, со цел да спречи нееднаквиот однос на државата кон граѓаните и штетните последици од таквото постапување.

3. Судот на седницата утврди дека член 15 став 1 точка 1 од Законот за данок на моторни возила уредува дека данок на моторни возила не се плаќа или се враќа за моторни возила кога се наменети за:

1) службени потреби за дипломатски и конзуларни претставништва како и посебни мисии акредитирани во Република Северна Македонија, врз основа на начелото на реципроцитет, освен за конзуларните претставништва водени од почесните конзули.

Судот утврди и дека според ставот 7 на членот 15 од Законот, по исклучок на став 1 точка 1) на овој член конзуларните претставништва водени од почесните конзули при увоз ќе се ослободат од данок на моторни возила во износ од 50% од пресметаниот данок на моторни возила или ќе им се врати платениот данок на моторни возила за моторните возила кои се купуваат на територијата на Република Северна Македонија во износ од 50% од платениот данок на моторни возила.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Според членот 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 25 став 2 од Законот за надворешни работи („Службен весник на Република Македонија” број 46/2006, 107/2008, 26/2013, 39/2014, 61/2015 и 226/2015), конзуларни претставништва на Република Македонија се генерален конзулат, конзулат, конзуларна канцеларија и почесен конзулат.

Оспорениот член 15 став 1 (во дел) и ставот 7 од Законот, уредува дека:

(1) Данок на моторни возила не се плаќа или се враќа за моторни возила кога се наменети за:

1) службени потреби за дипломатски и конзуларни претставништва како и посебни мисии акредитирани во Република Северна Македонија, врз основа на начелото на реципроцитет, освен за конзуларните претставништва водени од почесните конзули;

(7) По исклучок на ставот 1 точка 1) на овој член конзуларните претставништва водени од почесните конзули при увоз ќе се ослободат од данок на моторни возила во износ од 50% од пресметаниот данок на моторни возила или ќе им се врати платениот данок на моторни возила за моторните возила кои се купуваат на територијата на Република Северна Македонија во износ од 50% од платениот данок на моторни возила.

Од анализата на содржината на оспорените законски одредби произлегува дека Законот предвидува целосно ослободување од плаќање на данок или враќање на данок за моторни возила наменети за службени потреби за дипломатски и конзуларни претставништва како и посебни мисии акредитирани во Република Северна Македонија, врз основа на начелото на реципроцитет, освен за конзуларните претставништва водени од почесните конзули, што значи конзуларните претставништва водени од почесните конзули, според оспорениот дел на член 15 став 1 точка 1) од Законот, ќе бидат во обврска во целост да го плаќаат овој вид на данок.

Меѓутоа, оспорениот став 7 на членот 15 од Законот, уредува исклучок од обврската за целосно плаќање на овој вид на данок, поточно конзуларните претставништва водени од почесните конзули може да бидат делумно обврзани за плаќање на овој вид на данок (при увоз ќе се ослободат од данок на моторни возила во износ од 50% од пресметаниот данок на моторни возила или ќе им се врати платениот данок на моторни возила за моторните возила кои се купуваат на територијата на Република Северна Македонија во износ од 50% од платениот данок на моторни возила), односно да бидат делумно ослободени од плаќање на овој вид на данок.

Според Судот, оспорените законски одредби не се јасни и прецизни, од една страна во поглед на целосното задолжување на конзуларните претставништва водени од почесните конзули за плаќање на предметниот данок, а од друга страна за нивно делумно задолжување, односно делумно ослободување, без критериуми и услови под кои конзуларно претставништво водено од почесен конзул, би било во обврска за целосно, односно делумно плаќање на овој вид на данок, што според Судот, истото не е во согласност со принципот на владеење на правото.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека во конкретниот случај со основ може да се постави прашањето за согласноста на член 15 став 1 точка 1) во делот: „освен за конзуларните претставништва водени од почесни конзули” и ставот 7 од Законот за данок на моторни возила со одредбите од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. Судот, не донесе одлука во однос на истакнатото барање за времена мерка.

6. Поради изнесеното, Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.219/2020
5 мај 2021 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати