Репение У.бр.102/1990

У.бр.102/1990

Уставниот суд на Република Маједонија, врз основа на член 20 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд на Република Македонија и за правното дејство на неговите одлуки, на седницата одржана на 11 декември 1991 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на законитоста на член 11 став 3 и 4 од Правилникот за организација и систематизација на работите и работните задачи во Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ во Скопје, донесен со референдум на 29 март 1990 година.

2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на одредбите од правилникот означен во точката 1 од ова решение затоа што не биле во согласност со членот 96 од Законот за научно-истражувачката дејност.

3. На седницата, Судот утврди дека во член 22 од Правилникот се определени условите за здобивање со научни и соработнички звања кои одговараат на условите пропишани со Законот за научно-истражувачка дејност и дека во член 11 став 1 од Правилникот се предвидува секој работник да ја има стручната подготовка предвидена со овој правилник за  извршување на определени работи и работни задачи. Судот исто така, утврди дека со оспорениот правилник за определени научно-истражувачки работни места се предвидува поинаква насока на стручна подготовка од насоката предвидена со претходниот правилник, при што во член 11 став 3 од Правилникот е определено научните и стручните работници кои ја немаат стручната подготовка пропишана со овој правилник да останат на работните места на кои се наоѓале, а во став 4 од истиот член на Правилникот е предвидено при распишување на конкурски за избор и преизбор во звања за работни места кои ги обавуваат научните работници на Инсититутот да се пропишува и да важи школската подготовка што тие работници ја имаат.

4. Согласно членот 5 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија постојните сојузни прописи се преземаат како републички со надлежностите на органите утврдени со Уставот на Република Македонија.

Во членот 7 од Законот за основните права од работниот однос („Службен лист на СФРЈ“ бр.60/89 и 42/90) е пропишано работен однос да може да заснова секое лице кое ги исполнува посебните услови утврдени со закон и со општ акт. Според член 8 став 3 од Законот со општиот акт се утврдуваат видот и степенот на стручната подготовка за определен вид занимање, знаењата и способностите и другите посебни услови потребни за вршење на работите на работното место.

Од изнесените законски одредби прозилегува дека е право на доносителот на општиот акт,  утврдувајќи ги работните места, да го определи и видот односно насоката на потребната стручна подготовка како посебен услов за обавување на определени работи и работни задачи, во зависност од нивната природа и карактер и да го уреди преодниот режим за тие услови.

Со оглед на тоа, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за несогласноста на член 11 став 3 и 4 од Правилникот со означените законски одредби, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

 

Leave a Reply