Решение У.бр.290/2020

У.бр.290/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 28 алинеи 1 и 3 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019) на седницата одржана на 10.02.2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на:
– членот 6 од Законот за изменување и дополнување на Законот за лековите и медицинските средства („Службен весник на Република Македонија“ број 53/2016) и
– делот „ставот 9 на“ од член 81 став 9 од Законот за лековите и медицинските средства („Службен весник на Република Македонија“ број 106/2007, 88/2010, 36/2011, 53/2011, 136/2011, 11/2012, 147/2013, 164/2013, 27/2014, 43/2014, 88/2015, 154/2015, 228/2015, 7/2016, 53/2016, 83/2018, 113/2018 и 245/2018).

2. Игорчо Точев од Кочани, до Уставниот суд поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на делови од одредби и одредби од Законот за лековите и медицинските средства означени во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иници­јативата членот 6 и делот „ставот 9 на“ од член 81 став 9 од Законот за лековите и медицин-ските средства („Службен весник на Република Македонија“ број 106/2007, 88/2010, 36/2011, 53/2011, 136/2011, 11/2012, 147/2013, 164/2013, 27/2014, 43/2014, 88/2015, 154/2015, 228/2015, 7/2016, 53/2016, 83/2018, 113/2018 и 245/2018), не биле во согласност со владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија утврдена во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Во иницијативата се цитираат член 15 ставови 1, 2, 3, 4, 5 и 6 од Законот за изменување и дополнување на Законот за лековите и медицинските сред­ства („Службен весник на Република Македонија“ број 154/2015), како и оспорениот член 6 од Законот за изменување и дополнување на Законот за лековите и медицинските средства („Службен весник на Република Македонија“ број 53/2016) каде било определено дека „во членот 81 став 9 зборовите: „директорот на“ се бришат.
Понатаму, подносителот на иницијативата го цитира и членот 81 од Законот за лековите и медицинските средства („Службен весник на Република Македонија“ од целината на Законот во кој е содржан оспорениот дел од член 81 став 9. Имено, во ставот 9 на оспорениот член 81 од Законот било определено дека „Одобрение за промет на мало со лекови што се продаваат без рецепт во продавница или на бензинска станица од ставот 9 на овој член издава министерот за здравство во согласност со овој закон и Законот за трговските друштва‟.

Од содржината на ставот 9 од членот 81 од Законот за лековите и медицинските средства (основен текст, измени и дополну-вања и последна измена објавена „Службен весник на Република Македонија“ бр. 154/2015), како и од содржината на ставот 9 од членот 81 од Законот за лековите и медицинските средства (со сите натамошни измени и дополнувања заклучно со измената објавена во „Службен весник на Република Македонија“ бр.245/2018) не се споменувале зборовите „директорот на“ односно овие зборови содржински не постоеле. Според подносителот на иницијативата во правниот поредок требало да егзистираат само јасни, прецизни и недвосмислени норми, а тоа не било случај со оспорениот член 6 од Законот, бидејќи во целината на Законот никаде не се споменувале зборовите: „директорот на“ од каде се повредувал член 8 став 1 алинеја 6 од Уставот.

По однос на членот 81 став 9 од Законот и оспорениот дел „ставот 9 на“, се наведува дека можело да ја проблематизира примената на наведената одредба така што, според содржината на самата одредба, таа упатувала на примена на самата на себеси иако во себеси истата не ја содржела или постигнувала евентуална цел што сакала да се постигне со предметот на уредувањето од истата. Според подносителот, ваквата одредба можело да доведе до забуна во примената на самата одредба и не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. Исто така, во член 81 став 9 од Законот не биле опишани попрецизно критериумите и условите кои морало да ги исполни продавница или бензиска станица за да остварува промет на мало со лекови.

Поради наведените причини се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби и истите да ги укине како спротивни на Уставот.

3. Судот на седницата, утврди дека со членот 6 од Законот за изменување и дополнување на Законот за лековите и медицинските средства („Службен весник на Република Македонија“ бр.53/2016) е предвидено дека „Во членот 81 став 9 зборовите: „директорот на“ се бришат‟.

Одредбата се оспорува во делот: „директорот на“.

Во член 81 став 9 од Законот е предвидено дека, одобрение за промет на мало со лекови што се продаваат без рецепт во продавница или на бензинска станица од ставот 9 на овој член издава Агенцијата во согласност со овој закон и Законот за трговските друштва.

Одредбата се оспорува во делот: „ставот 9 на“.

4. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владее-њето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија, одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Законот за лековите и медицинските средства, кој првично се викал Закон за лековите и медицинските помагала претрпел поголем број на измени и дополнувања. По однос на прашањата покренати со иницијативата Судот ги анализираше измените и дополнувањате на Законот што се од влијание за утврдување на фактичката состојба и формирање на правното мислење.

Според член 35 од Законот за изменување и дополну-вање на Законот за лековите и медицинските помагала („Службен весник на Република Македонија“ број 88/2015), во член 80 став 5, член 80-а ставови 8 и 10 и член 81 став 10 зборовите: „министерот за здравство“ се заменуваат со зборовите: „директорот на Агенцијата“.

Со член 15 од Законот за изменување и дополнување на Законот за лековите и медицинските средства („Службен весник на Република Македонија“ број 154/2015), меѓу другото, е определено дека ставот 10 од членот 81 станува став 9.

Во членот 6 од Законот за изменување и дополнување на Законот за лековите и медицинските средства, во кој е содржан оспорениот дел „директорот на“ („Службен весник на Република Македонија“ број 53/2016) е определено дека „во членот 81 став 9 зборовите: „директорот на“ се бришат.

Членот 81 од Законот за лековите и медицинските средства („Службен весник на Република Македонија“ број 106/2007, 88/2010, 36/2011, 53/2011, 136/2011, 11/2012, 147/2013, 164/2013, 27/2014, 43/2014, 88/2015, 154/2015, 228/2015, 7/2016, 53/2016, 83/2018, 113/2018 и 245/2018) ја има следнава актуелна содржина:

‟Промет на мало со лекови се врши во аптека (став 1).

Промет на мало со лекови опфаќа снабдување, складирање, чување и издавање на лековите (став 2).

Аптеката е правно лице. Основањето и дејноста на аптеките се врши во согласност со овој закон и Законот за здравствената заштита (став 3).

Основач на аптека, односно веледрогерија не може да биде вработен во Министерството за здравство, директорот, заменик на директорот на Агенцијата или лице вработено во Агенцијата или директорите или лице вработено во Фондот за здравствено осигурување на Македонија, или лице кое е брачен другар, татко, мајка, брат, сестра, син, ќерка, посвоеник или посвоител на вработен во Министерството за здравство, директорот на Агенцијата или лице вработено во Агенцијата, или директорите или лице вработено во Фондот за здравствено осигурување на Македонија (став 4).

Одобрението за вршење на дејноста на аптеката го издава Агенцијата во согласност со овој закон и Законот за здравствената заштита (став 5).

Одобрението за промет на мало се издава на неопределено време (став 6).

За населените места во кои густината на населението е помало од 4.500 жители на километар квадратен, одобрението од ставот 5 на овој член може да се издаде само ако оддалеченоста од една до друга аптека изнесува најмалку 100 метри воздушно растојание (став 7).

По исклучок од ставот 1 на овој член за населени места со повеќе од 30.000 жители, промет на мало со лекови што се продаваат без рецепт се врши во продавница со површина од најмалку 100 м2 и опремена со посебни полици за лекови, во која се врши и трговија на мало со храна, пијалаци и тутун или во продавница со површина од најмалку 30 м2 и опремена со посебни полици за лекови, во која се врши трговија на мало со нафтени деривати на бензински станици. За населени места со помалку од 30.000 жители, промет на мало со лекови што се продаваат без рецепт се врши во продавница со површина од најмалку 50 м2 и опремена со посебни полици за лекови, во која се врши и трговија на мало со храна, пијалаци и тутун или во продавница со површина од најмалку 25 м2 и опремена со посебни полици за лекови, во која се врши трговија на мало со нафтени деривати на бензински станици (став 8).

Одобрение за промет на мало со лекови што се продаваат без рецепт во продавница или на бензинска станица од ставот 9 на овој член издава Агенцијата во согласност со овој закон и Законот за трговските друштва (став 9)”.

Со иницијативата се оспорува делот: „директорот на“ од членот 6 од Законот („Службен весник на Република Македонија“ број 53/2016) затоа што законодаваецот избришал непостоечка содржина, кое тврдење е неточно. Имено, подносителот немал предвид дека со членот 35 од Законот за изменување и дополнување на Законот за лековите и медицинските помагала („Службен весник на Република Македонија“ број 88/2015), меѓу другото, во член 81 став 10 зборовите: „министерот за здравство“ се заменуваат со зборовите: „директорот на Агенцијата“. Оттаму, во различни периоди од постоење на Законот, одобрение за промет на мало со лекови што се продаваат без рецепт во продавница или на бензинска станица од ставот 9 на овој член издавал најнапред министерот за здравство, па потоа директорот на Агенцијата, за да сега се издава од Агенцијата.

Како и да е, од Уставниот суд се бара да направи уставно-судска анализа на дел од одредба која одамна повеќе не е дел од правниот поредок на Република Северна Македонија што претставува процесна пречка за впуштање во уставно-судска анализа. Имено, Судот може да ја оценува уставноста и законитоста само на оние акти и содржини што се дел од правниот поредок, а со бришењето на оспорениот дел од членот 6 од Законот и влегувањето во сила на овој закон на 21 март 2016 година овој дел повеќе не постои.

Од анализата на содржината на член 81 став 9 од Законот, како целина, неспорно произлегува дека оваа одредба се повикува на истоимениот став 9, наместо да содржи повикување на ставот 8. Но, според Судот вака направениот пропуст од страна на законодавецот при нумерирање на ставовите во членот 81 од Законот не е од суштинско значење за примената на ставот 9 и оспорениот дел. Ова од причина што ставот 9 од членот 81 од Законот го применува професионално тело, односно Агенцијата за лекови и медицински средства, како самостоен орган на државната управа. Оваа одредба не задира во остварувањето на правата на граѓаните и правните лица бидејќи нивните права се уредени со други одредби од Законот. Член 81 став 9 од Законот уредува кој е органот што издава одобрение за промет на мало со лекови што се продаваат без рецепт во продавница или на бензинска станица и ништо повеќе, од каде овој суд и не може да се впушти во оцена на основаноста на наводите за отсуство на критериуми и услови за остварување на ваков вид на промет. Тоа е предмет на уредување на други одредби кои не се оспорени со иницијативата.

Оттаму, во прашање е сторена грешка при номотехничко усогласување на делот од член 81 став 9 од Законот, за чие отстранување е надлежен законодавецот кој ги креира прописите, изменува и дополнува, а не Уставниот суд.

Судот, врз основа на сето наведено, оцени дека по однос на оспорениот член 6 од Законот постојат процесни пречки за одлучување согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот, а по однос на оспорениот дел од член 81 став 9 од Законот оцени дека не е надлежен да постапува од каде во овој дел иницијативата ја отфрли согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот.

5.Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6.Ова решение Судот го донесе во состав од претседа-телот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.290/2020
10.02.2021 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати