Соопштение

Соопштение по повод официјалната посета на делегација на Уставниот суд на Република Северна Македонија на Република Турција

Делегација на Уставниот суд на Република Северна Македонија, предводена од претседателот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, г. Сали Мурати, а во состав од судиите Елена Гошева, Јован Јосифовски и д-р Осман Кадриу и советникот м-р Љубица Ангелова, на покана на претседателот на Уставниот суд на Република Турција, проф. д-р Зухту Арслан, престојува во официјална посета на Република Турција.

Во рамки на посетата, делегацијата вчера (28 јануари 2021 година), најпрвин оствари работна средба со претседателот и судии на Уставниот суд на Република Турција, на која беше истакната взаемна почит и благодарност за добрите односи помеѓу двете земји, а беше искажано особено задоволство од придонесот на двата уставни суда за зајакнувањето на пријателските односи и соработката помеѓу двете највисоки инстанци значајни за заштита на човековите слободи и права.

На оваа средба беа разменети мислења и искуства за актуелните уставно-правни прашања од посебен интерес за двата суда кои се однесуваат на разликите и сличностите од аспект на надлежностите, како и со предизвиците со кои се соочуваат во остварувањето на истите.

Во рамките на дискусијата, беа споделени значителните резултати кои Република Турција ги има постигнато во областа на човековите права преку воведувањето на индивидуалната жалба како правен лек пред турскиот уставен суд и неговиот ефект во однос на жалбите поднесени против Турција пред Европскиот суд за човекови права.

Од страна на македонската делегација, беше истакнато значењето на овој механизам преку кој се штитат човековите слободи и права, притоа осврнувајќи се на сопствената практика и примената на инструментот – барање за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија.

Во овој контекст, од колегите од Уставниот суд на Република Турција, беше искажан посебен интерес за јавните расправи кои се одржуваат од страна на Уставниот суд на Република Северна Македонија во овие предмети, од причина што ваков механизам не е предвиден во рамките на постапката пред Уставниот суд на Република Турција.

Во текот на вчерашниот ден, беше остварена средба со претседателот на Големото Народно Собрание на Република Турција, проф. др. Мустафа Шентоп, на која беше изразено обострано задоволство за одржување на истата, како и задоволство и почит кон пријателските односи помеѓу двете земји коишто се на исклучително високо ниво.

На крајот, беа остварени средби и со претставници на други високи правосудни органи, како што се Судот за судир на надлежности на Република Турција и Врховниот управен суд на Република Турција на кои беа споделени меѓусебните искуства при остварувањето на своите надлежности и значајноста на овие високи судски органи во едно демократско општество. На овие средби беа искажани и желби за продолжување и продлабочување на соработката и во иднина.