Соопштение

Работна средба на претседателот на Судот, г.Сали Мурати со првиот заменик на претседателот на Владата на Република Северна Македонија и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, г. Артан Груби

Претседателот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Сали Мурати, денес оствари работна средба со првиот заменик на претседателот на Владата на Република Северна Македонија и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, г. Артан Груби.

На оваа средба, стана збор за начините за целосно остварување на уставната позиција на Судот, како независен и самостоен орган на Републиката кој ги штити уставноста, законитоста и слободите и правата на човекот на граѓанинот и е гарант за владеење на правото во државата.

Во таа смисла, од страна на претседателот Мурати беше укажано и на активностите кои би можеле да се преземат од страна на Владата како носител на извршната власт со цел да се остварат овие врвни цели на едно демократско општество, секако во рамките на своите надлежности.

Претседателот на Мурати, го запозна соговорникот со она што во овој период е преземено во рамките на Судот за реализација на уставното начело на соодветна и правична застапеност и за постоењето единственост во ставот помеѓу сите судии дека ова е еден од основните и најитните приоритети на Судот.

На крајот, господинот Мурати ги презентираше тековните меѓународни активности во рамките на различните форуми и организации во кои учествува Судот, а кои меѓу другото се и можност за размена на искуства помеѓу уставните судови од различни држави, но и промоција на државата во целост.