Решение У.бр.210/2020

У.бр.210/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 28 алинеја 1 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019) на седницата одржана на 16.12.2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката бр.27-4116/1 од 28 мај 2020 година за примање на донација за реконструкција на стационарот Вардариште донесена од Советот на Град Скопје („Службен гласник на град Скопје“ бр.6/2020).

2. Михајло Маневски од Скопје, до Уставниот суд поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата доносителот на актот со оспорената одлука прима донација од БАУЕР БГ ДОО-Скопје за потребите на ЈП ЛАЈКА-Скопје која се состоела од комплет техничка документација со предвидените фази за градење на објектите во состав на стационарот Вардариште и донација од ФАКОМ АД-Скопје за изработка и монатажа на 100 челични кафези за бездомни кучиња, со вкупна вредност од 38.000.000 денари.

Тоа значело дека Градот Скопје прима две донации од наведените две друштва.

Според членот 2 од Одлуката БАУЕР БГ ДОО-Скопје донацијата ја обезбедува од 18 поименично наведени правни субјекти, а во членот 3 од Одлуката било содржано овластување за градоначалникот на Град Скопје да го склучи договорот за донација.

Вака донесената одлука, според подносителот на иницијативата, била неуставна и незаконита поради повеќе причини.

Имено со Одлуката се одлучувало за прашање од општ интерес за граѓаните на Град Скопје, а тоа била заштитата на граѓаните од телесни повреди од бездомни кучиња, што било обврска според членот 43 став 1 од Уставот кој предвидувал право на граѓаните на здрава животна средина.

Оспорената одлука била спротивна на член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот, како и на одредбите од Законот за донации и спонзорства во јавните дејности.

На 16 април 2020 година, за време на вонредната состојба, Владата донела Уредба со законска сила за примена на наведениот закон и повеќе подзаконски акти во функција на примена на Законот и Уредбата. Наведените акти биле легислативна рамка за уредување на донациите и спонзорствата, но и брана за спречување на злоупотребата и остварувањето на криминалните мотиви.

Во натамошниот текст на иницијативата се цитираат и коментираат одделни одредби од Законот и Уредбата. Акцентот е ставен на членот 21 од Законот, во кој е уредена постапката за утврдување на јавниот интерес од страна на Министерстото за правда. Исто така, се наведува дека со членот 1 од Уредбата се супституирале одредбите од Законот по однос на утврдување на јавниот интерес, а според членот 2 од Уредбата кога приматели на донацијата се буџетските корисници, со цел решавање на состојбите предизвикани со COVID-19, јавниот интерес се сметал за утврден, па постапка за утврдување не се спроведувала.

Од наведеното било јасно дека јавниот интерес се сметал за утврден само кога требало да се решаваат состојбите предизвикани од коронавирусот COVID-19, што немало врска со реконструкција на конкретниот стационар, а како тоа било редовна програмирана дејност на Градот.

Според подносителот на иницијативата анализата на фактите и примената на нормите покажувала тешка повреда на владеењето на правото на одредбите од наведениот закон и наведената уредба.

Ова од причина што од Одлуката не можело да се утврди колкава е донацијата на одделените донатори, а како следувале натамошни дејствија за даночно олеснување на донаторите. Имајќи предвид дека БАУЕР БГ ДОО-Скопје ги обезбедува средствата од поголем број на правни лица се поставувало прашање дали станува збор за некаков „формално правен донаторски конзорциум“ и колкави средства обезбедило секое од нив?

Оспорената одлука била донесена за време на прогласена вонредна состојба, па се поставувало прашање кој го утврдил јавниот интерес на донацијата на начин предвиден со Законот, а како реконструкцијата на стационарот не можела да се поврзе со решавање на состојбите поврзани со Коронавирусот.

Врз основа на наведеното се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука, а потоа истата да ја поништи.

3. Судот на седницата, утврди дека врз основа на член 36 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ број 05/2002), а во врска со член 6 ст.1 од Законот за донации и за спонзорства во јавните дејности („Службен весник на Република Македонија” бр.47/2006, 86/2008, 51/2011, 28/2014 и 153/2015), Советот на Град Скопје на педесет и првата седница, одржана на 28 мај 2020 година, донел

О Д Л У К А
за примање донација за реконструкција на стационарот Вардариште

Член 1

Со оваа одлука Градот Скопје од БАУЕР БГ ДОО-Скопје прима донација, за потребите на ЈП ЛАЈКА Скопје, која се состои од комплетна техничка документација со тех.бр.03-282/3 за фаза архитектура, тех.бр.108/2 за фаза машинство, тех.бр 282/3 за фаза електрика, водовод и изведба на градежно-занатски работи на објектите во состав на стационарот Вардариште и донација од ФАКОМ АД Скопје на изработка и монтажа на 100 челични кафези за бездомни кучиња.
Вкупната вредност на донацијата од ставот 1 на овој член изнесува 38.000.000 денари.

Член 2

Давателот на донацијата, БАУЕР БГ ДОО Скопје, предметот на донација од член 1 став 1 на оваа одлука, го има обезбедено од следниве правни субјекти: Скопје Еаст Гате Сет, Настел ДОО Скопје, ЗСФ-Ком ДООЕЛ, Лим Дизајн ДООЕЛ, Кодинг, ЛТ Инжинеринг, Pexay, Голден Арт, Блерофикс, Интерпромет инженеринг, Ми-комерц, Жикол, Актива, Цементарница УСЈЕ, Електро изградба, Интер Алпин, Гротекс градба и Компанија Велковски.

Член 3

За реализација на оваа одлука се овластува градоначалникот на Град Скопје да склучи договор за примање на донација со давателот на донацијата од член 1 став 1 на оваа одлука, со кој ќе се регулира намената и начинот на користење на донацијата.

Член 4

Оваа одлука влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен гласник на Град Скопје“.

Број 27-4116/1                                                                                                                                                                                            СОВЕТ НА ГРАД СКОПЈЕ
28 мај 2020 година                                                                                                                                                                                             ПРЕТСЕДАТЕЛ
С к о п ј е                                                                                                                                                                                                     проф.д-р Љубица Јанчева

4. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

За да одреден акт има карактер на пропис, во смисла на член 110 алинеја 2 од Уставот, треба да содржи општи норми на однесување, да ги уредува на општ начин односите на субјектите во правото и тоа за неопределен број на субјекти, што не е случај со оспорениот акт, а поради следново:

Од анализата на содржината на оспорената одлука произлегува дека со истата се определува дека Градот Скопје прима донација од конкретни субјекти (БАУЕР БГ ДОО-Скопје и ФАКОМ АД-Скопје) за конкретна намена, односно реконструкција на стационарот Вардариште со вкупна вредност на донацијата од 38.000.000 денари. Притоа, во смисла на членот 3 од оспорената одлука градоначалникот е овластен да склучи договор за донацијата, кој пак договор согласно член 21 од Законот за донации и спонзорства во јавните дејности ќе биде предмет на анализа од страна на Министерството за правда во насока дали треба или не треба да се спроведе постапка за потврдување на јавен интерес и за евентуално даночно ослободување на донаторите. Министерството за правда е органот кој согласно одредбите од Уредбата определува дали нема да спроведе постапка за потврдување на јавен интерес кога се во прашање донации со цел решавање на состојбите предизвикани со коронавирусот COVID-19 или пак ќе спроведе постапка за потврдување на јавен интерес во хартиена или електронска форма за сите други случаи. Впрочем, според наводите од иницијативата, на подносителот на иницијативата му е познато дека Министерството ја спроведува постапката.

Оттаму, во низата на правни дејствија кои се преземаат со цел реализација на донацијата, оспорената одлука, како конкретен акт, претходи на склучувањето на конкретниот договор со кој ќе се реализираат настанатите правни односи меѓу субјектите и понатаму на постапката за потврдување на јавен интерес (со или без спроведување на постапка).

Оттаму, Судот оцени дека оспорената одлука е поединечен акт кој не подлежи на уставно-судско оценување, од каде произлегува дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.210/2020
16.12.2020 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати