Решение У.бр.243/2020

У.бр.243/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019 и 256/2020) на седницата одржана на 18 ноември 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Трендафилка Симоновска од Куманово за заштита на слободи и права утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, што се однесуваат на слободата на уверување, мислата и јавното изразување на мислата, и забрана на дискриминација по основ на пол и социјална припадност согласно член 16 и член 9 од Уставот, повредени со Решение III П1-184/19 од 22.01.2020 година на Основниот суд Куманово и Решение ГЖ број 805/20 од 19.05.2020 година на Апелациониот суд Скопје.

2. Трендафилка Симоновска од Куманово, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе барање за заштита на слободите и правата означени како во точката 1 од ова решение.

Според наводите во барањето, на подносителката на барањето и биле повредени слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот што се однесувале на слободата на уверувањето, мислата и јавното изразување на мислата, согласно член 16 од Уставот и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол и социјална припадност, согласно член 9 од Уставот, преку решенијата донесени од надлежните судови, со кои незаконито било одлучувано и тоа со Решение III П1-184/19 донесено на 22.01.2020 година од Основниот суд Куманово и потврдено со Решение ГЖ-805/20 од 19.05.2020 година донесено од Апелациониот суд Скопје.

Во барањето е изнесена хронологија на настани од кои произлегле судски постапки и донесување на наведените решенија на надлежните судови, за кои подносителката на барањето наведува дека поради тоа што биле незаконити нејзе и биле повредени слободите и правата утврдени со Уставот и бара поништување на решенијата.

3. Судот, по прибавување на доказите, ја утврди следнава фактичка состојба:

– Основниот суд Куманово со Решение П1-184/19 од 22.01.2020 година го усвоил тужбеното барање на Томислав Станојковски од Куманово и утврдил дека тужените Марјан Симоновски и Трендафилка Симоновска, и двајцата од Куманово, извршиле смеќавање на владение на тужителот на одводно-канализационата мрежа која се протегала од семејната станбена зграда 1 на КП.26417/1 сопственост на тужителот Томислав Станојковски, на начин што на ден 28.12.2018 година тие влегле на неговиот посед и ја пресекле цевката за одвод, поради што Судот им забранил на тужените во иднина да го смеќаваат владението на тужителот врз предметната одводно-канализациона инсталација и ги задолжил тужените Марјан и Трендафилка Симоновски да ги надоместат на тужителот трошоците на постапката.

– Апелациониот суд Скопје со Решение ГЖ-805/20 од 19.05.2020 година, ја одбил жалбата на Марјан Симоновски и Трендафилка Симоновска од Куманово и го потврдил Решението на Основниот суд Куманово П1-184/19 од 22.01.2020 година, како и го одбил барањето на Томислав Станојковски од Куманово за надомест на трошоци по поднесениот одговор на жалба, со кој приговарал дека требало да му се даде поголем износ на трошоци.

Апелациониот суд Скопје со наведеното решение утврдил дека првостепениот суд врз основа на правилно утврдена фактичка состојба правилно одлучил и донел законито решение. Имено, овој суд оценил дека во конкретниов случај првостепениот суд го усвоил тужбеното барање на тужителот со оглед дека се работи за тужба за смеќавање на владение при што правилно ги применил одредбите од член 182 став 1 и член 184 од Законот за сопственост и други стварни права и утврдил дека смеќавањето на владението е сторено од страна на тужените противправно.

На барање на Уставниот суд, доставени се оспорените решенија донесени од Основниот суд Куманово и Апелациониот суд Скопје.Од доставницата се гледа дека на 17.06.2020 година е примено Решението на Апелациониот суд Скопје од страна на адвокатот на Трендафилка Симоновска, а нејзиното барање до Уставниот суд е доставено благовремено на 11.08.2020 година во рокот од 2 месеци, согласно член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија.

4. Согласно членот 8 став 1 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, претставуваат една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Во вториот дел од Уставот, кој се однесува на „Основните слободи и права на човекот и граѓанинот“, со одредбите од членовите 9 – 60 се утврдени граѓанските и политичките слободи и права, економските, социјалните и културните права, потоа гаранциите на основните слободи и права и основите на економските односи.

Со Уставот начелно се дефинирани основните слободи и права на човекот и граѓанинот, нивната конкретизација е во законите и другите прописи и општи акти, а за имплементацијата на прописите врз конкретни ситуации постои судска заштита и надлежност на други органи во организацијата на власта.

Согласно членот 108 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија е орган на Републиката кој ја штити уставноста и законитоста.

Со членот 110 од Уставот, децидно се утврдени надлежностите на Уставниот суд.. Според алинеја 3 од овој член од Уставот, Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Значи, посебно уставно-судската заштита се однесува не на сите слободи и правата утврдени со Уставот, туку на дел од нив кои се како надлежност на Уставниот суд определени во членот 110 алинеја 3 од Уставот.

Имено, и во членот 50 од Уставот јасно е утврдено дека секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите и пред Уставниот суд на Република Северна Македонија во постапката заснована врз начелата на приоритет и итност.

Оттука, Уставниот суд на Република Северна Македонија нема надлежност да одлучува за правни интереси на граѓани по конкретни предмети од надлежност на судски или управни органи, ниту Уставниот суд има надлежност да постапува како инстанционо повисок суд кој ќе ја цени законитоста на одлуките на надлежните судски органи за да утврди дали постоеле повреди на што се однесуваат во случајов наводите во барањето по овој предмет,

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето.

Согласно членот 51 од овој Деловникот, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени во членот 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеца од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Барањето пред Уставниот суд на Република Северна Македонија конкретно во случајов се повикува на заштита на слободи и права од член 110 алинеа 3 од Уставот кои според наводите во барањето и биле на подносителката повредени со конкретни решенија на надлежни судови и врз основа на тоа се бара Уставниот суд како повисока инстанца да ги поништи наведените решенија. Меѓутоа, подносителката со тоа не бара заштита на слободите и правата за кои Уставниот суд е надлежен да одлучува согласно членот 110 алинеја 3 од Уставот, ниту во барањето се изнесени аргументи во што се состоела дискриминацијата и нееднаквиот третман на кои се повикува во барањето, туку само декларативно се бара заштита на слободи и права бидејќи во суштина се бара уставно-судска оценка на законитоста на одлуките кои според подносителката не биле законити, за што всушност се надлежни инстанционо да одлучуваат надлежните судови.

Поради погоре изнесеното Судот оцени дека во конкретниов случај подносителката бара од Уставниот суд заштита на правни интереси по конкретен предмет во надлежност на судовите, за што Уставниот суд не е надлежен да одлучува и согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, барањето се отфрла.

5. Поради погоре изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.243/2020
18.11.2020 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати